Економија
Дали знаете кое е најекономично и најеколошко решение за греење на вашиот дом?
Рационалното размислување кога станува збор загревање на домот и работното место се заснова на можноста да изберете систем со кој ќе ги намалите своите трошоци, а притоа ќе можете да си дозволите идеален комфор и удобност.
Тимот на Daikin ќе ви помогне да го изберете најсоодветното решение за загревање на просторот од секој аспект.
Altherma – Топлотна пумпа
Најновите технологии на Daikin развиваат мултифункционални топлотни пумпи кои ќе ги задоволат потребите за греење, ладење и обезбедување на топла санитарна вода во домовите и објектите. Daikin Altherma претставува решение развиено врз основа на енергетски најефикасните технологии и е напојувана како од вообичаени, така и од обновливи извори на енергија.
Овој комплексен систем се заснова на технологија која овозможува загревањето на секој објект да стане енергетски ефикасен процес. Daikin Altherma може да го загрее вашиот дом многу поефикасно користејќи струја и топлината на надворешниот воздух како главни извори. За разлика од традиционалните системи за загревање кои користат дрво, пелети или гориво, топлинската пумпа е поекономично и еколошко решение со кое ќе заштедите повеќе пари и ќе придонесете за зачувување на животната средина.
Топлотната пумпа Daikin Altherma е идеално решение доколку планирате реновирање, не бара голем простор за инсталација и совршено се вклопува со вашите постоечки цевки и радијатори. Овие пумпи можат да се инсталираат и со комбинација на подно греење и фенкојлери како решение за греење, ладење и санитарна топла вода преку целата година.
Дополнително, овој систем може да се комбинира и со соларни системи со што ќе ги намалите вашите сметки за струја и ќе заштедите повеќе пари во вашиот семеен буџет.
Inverter – клима уред оптимизиран за греење
Новите технолошки решенија на Daikin инвертер клима уреди овозможуваат ефикасно загревање дури и во услови на многу ниски температури. Овие системи стануваат сè поефикасни за загревање и заштеда на електрична енергија, претставувајќи во истовреме оптимална инвестиција, оптимална потрошувачка и оптимално потребно одржување.
Моделите Perfera и Comfora оптимизирани за греење, користат најнови технологии за да постигнат поголема енергетска ефикасност при што гарантирано работат и на многу ниски амбиентални температури до -25°C.
Заменете ги вашите печки на дрва, камини и печки на пелети и придонесете за заштита на животната средина со нов еколошки и економичен инвертер клима уред.
Multi-split
Покрај класичните сплит-системи кај кои што секоја внатрешна единица мора да биде поврзана со една надворешна, Multi-Split системите на Daikin овозможуваат една надворешна единица да се поврзе дури со 5 внатрешни единици.
Оваа технологија претставува перфектно решение со кое може да се поврзат различни модели на внатрешни единици со различни капацитети.
Multi-Split е идеално решение за вашата дневна, спална, детска соба, како и за вашите канцеларии или мали комерцијални простории, така што имате можност да ја контролирате температурата во секоја просторија, да обезбедите максимална удобност, а притоа и енергетска ефикасност.
Побарајте понуда од стручниот тим на Daikin и изберете го најдоброто решение за загревање на вашиот дом или друг објект, кој најмногу одговара на вашите потреби.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.