Економија
Деветта конференција во организација на Ерсте банка и Шпаркасе банка АД Скопје
На 19.10.2022 г. (среда) во хотелот „Александар палас“, во организација на Ерсте Банка и Шпаркасе Банка АД Скопје, а со поддршка на Мудис – глобална интегрирана компанија за процена на ризикот, по деветти пат се одржа конференцијата „Erste Investors’ Breakfast“. На конференцијата присуствуваа аналитичари и експерти од Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе групацијата, како и од македонскиот финансиски сектор, со свои анализи и предвидувања за актуелните трендови во финансискиот свет, за последните движења на меѓународните и на регионалните финансиски пазари, како и за макроекономските и финансиските движења во Република Северна Македонија.
Конференцијата ја отвори заменик-претседателката на УО на Шпаркасе Банка АД Скопје г-ѓа Нина Неданоска, која во своето поздравно обраќање истакна:
„Ми претставува огромна чест и задоволство што Шпаркасе Банка по деветти пат е домаќин на овој значаен настан во Република Северна Македонија, каде што заедно со стручните аналитичари од Ерсте групацијата овозможуваме колегите да ги разменат своите мислења за актуелните глобални и локални финансиски движења, со посебен акцент на различните последици што ги предизвикува глобалната енергетска и финансиска криза. Гледано од денешна перспектива, би можело да се изведе заклучок дека зголемувањето на каматните стапки продолжува, а изгледите за рецесија стануваат речиси сигурни, па во овој поглед, 2023 година се очекува да биде предизвикувачка година. Обезбедувањето соодветни информации за владите, компаниите, банките и за населението е од суштинско значење за да им се овозможи на сите нив да развијат стратегии за преживување на кризата. Шпаркасе Банка продолжува да биде силна поддршка на целокупната економија во РС Македонија, затоа што верува дека само на тој начин заедно и посилни ќе излеземе од актуелната кризна состојба.“
Вицегувернерката Ана Митреска во своето обраќање се осврна на политиките што ги водат централните банки сега, во услови на нестабилно опкружување, енергетска криза и инфлаторни притисоци. Таа посочи дека насоката во која треба да се движат политиките на централните банки во следниот период е јасна. Инфлацијата трае подолго време и има сè поширок опфат, што ги поттикна речиси сите централни банки да започнат со затегнување на монетарната политика. Сепак, динамиката на затегнување треба да зависи од спецификата на самата економија.
„Од крајот на 2021 година, Народната банка започна со нормализирање на монетарната политика преку повлекување на ликвидноста со девизни интервенции, додека од април, и со постепено зголемување на основната камата. Финансиската стабилност е зачувана, и покрај неизвесноста што ја донесе кризата и ризиците за прелевање на проблемите од реалниот во финансискиот сектор. Банкарскиот сектор е стабилен, нефункционалните кредити се на ниско ниво и опаѓаат. Солвентноста, која е главен показател за способноста на банките да апсорбираат шокови, останува и понатаму висока. Стрес-тестовите за 2022 и 2023 година ја потврдуваат севкупната отпорност на банкарскиот систем на макроекономски шокови. Сепак, потребна е претпазливост и будно следење на состојбите“, вели Митреска.
Д-р Диетмар Хорнунг, заменик-извршен директор на Sovereign Risk Group, Moody’s Investors Service, зборуваше за Европа и за регионот на ЦИЕ во рамките на енергетската криза и зголемените геополитички ризици. По кафе-паузата, свое обраќање имаше м-р Мате Јелиќ, виш макроаналитичар, како модератор претставник на Ерсте и Штаермеркише групацијата на тема Вовед во тркалезната маса: „Економски и пазарни перспективи: Повторување на кризата од 1970-тите“.
Дискусија на тркалезна маса се одвиваше од неколку говорници: г. Филип Николоски, заменик-министер во Министерството за финансии на Република Северна Македонија, г. Кочо Анѓушев, извршен директор на Групацијата Фероинвест во Грин машинс, Брако, г. Петар Трпески, раководител на тргување и финансиски пазари во Шпаркасе Банка АД Скопје, како и г. Антун Буриќ, раководител на институционална дистрибуција – CEE & Institutional AM CZ, Erste Group Bank AG.
Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе како една од водечките групации во областа на финансиски услуги во Средна и во Источна Европа опслужува повеќе од 17 милиони клиенти преку 3.200 експозитури, а за нејзината стабилност и традиција зборува фактот за непрекинато работење од близу 200 години. Во Македонија групацијата е застапена со Шпаркасе Банка АД Скопје и Шпаркасе Лизинг.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ковачевски: Поддршката за домашните компании продолжува, СДСМ нема да се откаже од подобра и европска иднина за државата
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска оствари средба со претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Менди Ќура, и со членовите на комората, на која што се разговараше за ефектите од досегашните економски мерки, за идните мерки на СДСМ, како и за нивните предлози, за тоа што е потребно да се направи во следниот период за развој на приватниот сектор и економијата.
Ковачевски по средбата, во изјава за медиуми, речедека со сите стопански комори досега имало успешна соработка, потенцирајќи дека и во време на најтешки кризи се Владата предводена од СДСМ, носеше правилни мерки за заштита на економијата, ликвидноста на компаниите и стандардот на граѓаните.
„Во тоа време направивме девет пакети антикризни мерки, во кои што учествуваа секогаш и претставниците на Стопанските комори, вклучително и Стопанската комората на Северозападна Мкаедонија. На тој начин успеавме да спасиме 80.000 работни места во 20.000 компании. Подоцна продолживме со зголемување на минималната плата, за која што секогаш имаше поддршка од оваа комора меѓутоа и од другите, и до зголемување дојде и на просечната плата“, рече Ковачевски.
Во однос на поддршката за домашните компании, Ковачевски посочи дека тоа е еден од приоритети на СДСМ и дека преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, домашните компании за прв пат добија поддршка од држвата, која со новата четиригодишна програма на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, ќе се зголеми.
„Во текот на изминатите години, како Влада имаме обезбедено 100 милиони евра финансиска поддршка за домашните компании. За наредниот четиригодишен мандат, планираме над 180 милиони евра, што ќе отвори нов циклус на инвестиции кај домашните компании“, рече Ковачевски.
На средбата, како што кажа Ковачевски, се разговарало и за клучните реформи во државата кои што се поврзани со евроатлантските интеграции на Северна Македонија, при што Ковачевски потенцираше дека СДСМ како партија не се откажува од интегрирањето на државата во ЕУ, согласно со преговарачката рамка која што е усвоена.
„Веќе оваа недела ќе биде усвоена реформската агенда која што е дел од Планот за раст на Западен Балкан, во кој што точно ќе бидат наведени реформите кои што ќе треба да се прават со цел да се повлекуваат траншите за Македонија. Тоа ќе бидат реформи во сите области од економијата, јавната администрација до правосудството и добрососедските односи“, истакна Ковачевски.
При тоа, Ковачевски потенцираше дека најголем дел од предлозите на Стопанската комора на Северо-западна Македонија, кои што беа дадени уште пред изборите, се веќе имплементирани во четиригодишната програма на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.
„Значи тоа зголемување понатамошно на минималната плата, зголемување на просечната плата и секако поддршка нова на индустријата, особено на компании кои што се извозно ориентирани и определување на доволна сума на финансиски средства за капитални инвестиции во државата. Ние имаме предвидено 3,5 милијарди од кои што 2,7 милијарди се за инфраструктурни проекти во државата во наредниот четиригодишен период.Тука би го додал и земјоделството, предвидуваме поддршка во земјоделството во четиригодишниот период од 1,3 милијарди евра, што секако ќе значи зголемено производство на храна, зголемен извоз на храна и зголемен извоз на земјоделски производи“, исткана претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Економија
АСО: Владата преку измени на тарифникот да ги намали цените на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ја охрабрува Владата, согласно своите законски надлежности, да ги заштити правата на осигурениците и преку измени во Тарифникот да ги намали цените на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.
АСО како регулатор на пазарот на осигурување уште еднаш јавно информира дека е целосно неоправдан и без основа потегот со кој осигурителните компании ги зголемија цените на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност.
Клучните аргументи против зголемување на цената се наведени во анализата што е доставена до надлежната комисија при Министерството за финансии.
Зголемувањето на цената на осигурувањето не е во функција на јакнење на заштитата на осигурениците. Напротив, како што се додава, ова зголемување на цените е само и исклучиво во функција на покривање на трошоците за оперативно работење на компаниите за осигурување.
Економија
МФ: Јавниот долг на крајот на првиот квартал 58,6% од БДП
Министерството за финансии денеска ги објави податоците за состојбата на јавниот долг заклучно со 31 март 2024 година. Согласно објавените податоци јавниот долг изнесува 8.769 милиони евра што претставува 58,6% од БДП.
„Во првиот квартал се издадени државни хартии од вредност во износ од 219,2 милиони евра, повлечени се средства во износ од 175,5 милион евра по основ на склучени кредитни аранжмани со странски кредитори, како што е повлекувањето на втората транша од ММФ од кредитната линија за претпазливост и ликвидност и 57,6 милиони евра по основ заеми за јавни претпријатија и АД основани од државата и општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје. При тоа извршена е и исплата на обврски по основ на главнина за надворешен долг во износ од 82,7 милиони евра“, соопшти МФ.
„Министерството за финансии ја објавува состојбата на јавниот долг на квартално ниво, а при пресметката на јавениот долг во однос на БДП се користени податоци за вредноста на БДП за период 2005 – 2024 година, за 2022 година користен е податок за вредност на БДП објавен на веб страната на Државниот завод за статистика, додека податоците за 2023 се прелиминарни податоци на Државниот завод за статистика, а 2024 година е проектирана вредност на БДП на Министерство за финансии.
Исто така, денеска согласно утврдената динамика, Министерството за финансии ги објави податоците за состојбата на државниот долг кој заклучно со 31 март 2024 година изнесува 7.544 милиони евра што претставува 50,4% од БДП. Состојбата на државниот долг се објавува на месечно ниво.
Министерството за финансии транспарентно ги објавува овие податоци на својата веб-страница. Последниот податок укажува дека јавниот долг е во дефинираните граници со новиот Закон за буџети. Со новиот Закон за буџети е воспоставено правило со кое јавниот долг не треба да надминува 60% од БДП, што е согласно и со Мастришките критериуми. Министерството за финансии останува на определбата за одржување на јавниот долг на стабилно ниво и во рамки на утврдените критериуми“, се додава во соопштението на МФ.