Економија
Димитриеска-Кочоска: Државата плаќа повисока струја затоа што ги испразнија акумулациите и ги пресушија езерата
Државата плаќа повисока струја затоа што ги испразнија акумулациите и ги пресушија езерата, се офајдија само трговците на струја, вели Гордана Димитриеска-Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние сме единствената држава во светот во која власта не е способна да види што ќе се случи во следните три месеци, а да не зборуваме за повеќе. И денес нема да пишувам за здравството зашто таму е повеќе од јасно дека не се способни ниту на неделна основа да предвидат. Она што ме загрижува во моментот е состојбата со електроенергетскиот сектор. Сведоци сме дека во изминатите три години менаџерскиот тим на државната АД ЕСМ нема компас, ниту знае кај оди, па оттука водите се трошат без милост, акумулациите по неколкупати во годината се на минимум, а невладините организации никаде ги нема да се бунат за живиот свет, ама тие пред 5 години беа многу гласни кога водата во акумулациите беше и на повисоко ниво од денешното“, вели таа.
Димитриеска-Кочоска вели дека има дилема дали е навистина до незнаењето или, пак, една грешка ја завлекла државата сериозно надолу.
„Пред нецели две години државната АД ЕСМ потпиша договор со АД ‘ЕВН хоме’, и во согласност со овој договор продажба на електрична енергија за 36,6 евра за мегават-час, што е пониска цена од производната (41-43 евра за мегават-час). Производната цена е комбинација од цената на хидрата (која е многу ниска, под 20 евра за мегават-час) и цената на термото, која е над 45 евра, но термото учествува многу повеќе во однос на хидрото. Оваа влада се труди да направи во континуитет поголемо учество на хидрото, а тоа зависи од годината, последниве и не се толку дождливи и снежни) за да ги намали трошоците, па оттука сите акумулации ни се празни. Ама пустото, колку и да ја покриваш пониската продажна цена, неспособноста ќе излезе на виделина. Во август се фалеа дека имаме вишоци електрична енергија и продаваа со фалби за 43 евра. Ама, еве, во ноември, АД ЕСМ не е во состојба да испорача дури ни тоа што го има по договор за АД ‘ЕВН хоме’. Па, оттука, фирмата ќерка на АД ЕСМ, односно ‘Елем трејд’, спровела јавна набавка во која просечната цена по која ќе купи е околу 49,5 евра за мегават-час. Фирмите од кои ќе купи ги имате во прилог, а меѓу нив се ТЕ-ТО и ЕДС“, вели Димитриеска-Кочоска.
Од друга страна, додава таа, цената по која електричната енегија се продава е 36,5 евра за мегават-час или тоа се некаде 13 евра за мегават-час. Или, како што вели, само за една недела загубата кај државната компанија е 156.000 евра.
„Тоа се 5 супермодерни амбулантни возила или 300 лаптопи или што уште не што сега е многу попотребно. За крај, можам само едно да заклучам, државата од оваа зделка, покрај тоа што има загуба, изгуби многу многу повеќе. Во летниот период трошеа јаглен, кој го има во ограничени количини, за да произведат и продадат по ниски цени (летните продажни цени се пониски од зимските), а јагленот го нема, што во превод значи дека е многу скап или, јас би рекла, нема цена. Водата ја потрошија иако ја знаеја хидролошката состојба, па сега имаме празни акумулации и недостиг на струја. Згора на сè, немаме ниски температури, а ако се повтори зимата 2017 со премногу ниски температури, па да не може и јаглен да копаат, што тогаш?“, праша Димитриеска-Кочоска.
Според неа, останува само нејасно дали приватните трговци и во двата случаја одлично се офајдиле и колку поединци од власта ќариле од тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени над 39 милиони денари на 663 оризопроизводители
Денеска е реализирана исплата на средства во вкупен износ од 39.065.031 денари кон 663 оризопроизводители.
Исплатата се однесува за финансиска поддршка од 6 денари по килограм предадена оризова арпа во откупувачки центри, за периодот од 1 март до 30 септември 2025 година, со ова се опфатени сите оризопроизводители од минатата реколта.
Министерството за земјоделство соопшти дека нивна цел останува зајакнувањето на домашното производство и поддршката на земјоделците.
Фото: pexels
Економија
Филипче: Следува поголема криза и нови поскапувања во 2026 година
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг со новинари, говорејќи за економската состојба во државата, предупреди дека следната 2026 година ќе биде исклучително тешка и кризна за државата и за граѓаните, со нови поскапувања, зголемено задолжување и продлабочување на сиромаштијата.
„Ќе имаме многу кризна година. Ќе следи година во која ќе треба да се задолжиме најмалку дополнителни 2 милијарди евра. И тие задолжувања ќе бидат за тековни трошоци, нема да бидат за капитални инвестиции“, рече Филипче.
Тој посочи дека во Буџетот за 2026 година е намалена вкупната сума за капитални инвестиции, додека истовремено постои сериозен проблем со реализацијата на приходите.
„Десетина проценти ќе фалат. Тоа се 600 милиони евра во Буџетот. Ако на тоа се надоврзе долгот кон стопанството, повратот на ДДВ, тогаш околу милијарда евра, недостасуваат во Буџетот. Тоа беше една од причините зашто веројатно го затвораат порано. Тоа не се случило досега“, рече Филипче.
На брифинот, Филипче потенцираше дека дополнително и состојбата со енергетската криза е загрижувачка, поради лошото менаџирање со секторот од страна на власта, што доведе до покачување на цената на струјата.
„Поскапувањето на струјата ќе повлече поскапување на сите други продукти, сследи бран на огромни поскапувања на храната, на лебот, на млекото, на јајцата, на сите основни прехранбени продукти. Притоа, нема најава дека ќе има зголемување на платите, пропаѓаат преговорите со синдикатите“, рече Филипче.
Во тој контект, Филипче укажа дека следната година, инфлацијата тешко ќе може да се контролира.
„Ако предвидувањето за раст на БДП е некаде 3,7-8 проценти, а знаеме дека нашата структура на БДП е така поставена да две третини е лична потрошувачка, граѓаните нема да трошат повеќе за повеќе. Граѓаните ќе трошат повеќе за истото или за помалку, поради тоа што цените се ќе бидат повисоки, значи ќе живеат посиромашно“, рече Филипче.
Тој предупреди и на сериозен застој кај странските инвестиции, посочувајќи дека нема веќе раст и дека е прашање колку компании ќе ја напуштат земјата. Дополнително, како што кажа Филипче, значително е влошена ликвидноста на компаниите поради доцнењето на повратот на ДДВ.
„Компаниите веќе затвораат, се жалат дека поради тоа што немаат пари од повратот на ДДВ, ги затвораат компаниите, отпуштаат работници. Илјадници работници се отпуштени, изминатите неколку месеци“, посочи Филипче.
Економија
(Видео) Филипче: 161 тендер доделени на една компанија, власта се грижи само за сопствени интереси
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на брифинг со новинарите остро ја критикуваше актуелната власт за, како што рече, целосна насоченост кон тендери и грижа исклучиво за сопствените интереси, наместо за потребите на граѓаните.
„Што прави власта во меѓувреме? Се грижи само за своите луѓе. Видовме примери 161 тендер доделени на една компанија, во вредност од 5,3 милиони евра. Друга компанија добила договори во износ од 9 милиони евра, само двајца вработени. Ова се бројки што јасно говорат за начинот на којшто функционира оваа власт“, изјави Филипче.
Тој посочи дека ваквите случаи не се изолирани и дека секојдневно излегуваат на виделина нови информации за сомнителни јавни набавки и злоупотреба на институциите.
Филипче истакна дека платформата на СДСМ Истражувачкиот центар за коруптивни операции (MICKO.mk) која неодамна беше отворена, секојдневно прима стотици документи и пријави од граѓани, вработени во јавни институции, како и од луѓе блиски и членови на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сите ќе ги објави.
„Сакам да упатам една јасна порака дека во оваа борба за правда во државата никој нема да нè запре. Ќе ја вратиме власта во рацете на народот. Решени сме во тоа. Секој еден којшто е замешан во корупција и криминал сакам да порачам дека ќе одговара “, порача претседателот на СДСМ.

