Економија
Димковски: Здружувањето на фармерите во земјоделски задруги е еден од начините за одржливо млекопроизводство
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, градоначалниците на Битола, Могила и Новaци денеска во Битола присуствуваа на манифестацијата „Одбележување на денови на млекото и кооперативното здружување“.
Оваа манифестација е дел од повеќето локални настани кои се финансиски поддржани од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Програмата за рурален развој. На манифестацијата присуствуваа фармери и претставници од млечната индустрија кои ги промовираа своите производи.
Министерот Димковски во своето обраќање посочи дека млекопроизводството како еден од поважните сегменти во агроиндустријата зазема и важно место во креирањето на политиките за развој на земјоделството. При тоа потенцираше дека и во оваа гранка здружувањето на фармерите во земјоделски задруги е важно за да се постигне одржливост на млекопроизводството и подобрување на рентабилноста на сточарството.
„При подготовката на мерките за овој сектор, посебно внимание МЗШВ посветува на примарното производство, подобрување на квалитетот на суровото млеко и поттикнување на млечната индустрија. Здружувањето на фармерите во земјоделски задруги е еден од начините да го направиме млекопроизводство одржливо, пласманот сигурен затоа што здружени земјоделците успешено се справуваат со потенцијалните проблеми при пласманот. Земјоделците здружени во задруги со големи обработливи површини, поголем број на добиток, гарантираат усогласен квалитет на пазарот, но и поголема конкурентност и пробивање на македонските земјоделски производи на странските пазари. Кога се здружени земјоделците, можат полесно да реализираат крупни инвестиции, да конкурираат за мерките од Националните програми и од ИПАРД-програмата, полесно да набават земјоделска механизација, а со тоа да имаат помали трошоци“, порача министерот Димковски.
Вчера по повод Меѓународниот ден на задругите, вчера во МЗШВ беа доделени договорите на 11 земјоделски задруги кои конкурираа за мерката „Економско здружување на земјоделските стопанства за вршење на земјоделска дејност“, за што ќе добијат вкупна финансиска поддршка од 9,2 милиони денари.
Директорот на Платежната агенција, Бабовски, ги презентираше мерките од Националните програми и од ИПАРД 2-програмата за развој на млекопроизводството. Од исклучително значење за развојот на оваа гранка е ефикасната искористеност на мерките што ги нуди европската ИПАРД 2-програма, како што се мерките за Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства и Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, кои овозможуваат кофинансирање на трошоците за инвестиции во изградба или реконструкција на фарми за добиток, објекти за добиточна храна, складишта за храна, опрема за земјоделство, инвестиции во преработувачки капацитети, како што е изградба на млекарници. Овие две мерки значително ќе придонесат во создавањето на едно одржливо и конкурентно млекопроизводство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.