Економија
Доделени првите картички за користење на мерката зелена нафта
Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николчо Бабовски, денеска, во село Кравари, Битолско, ги доделија првите персонализирани платежни картички за набавка исклучиво на горивото „евродизел“ за земјоделска механизација, со кои државата субвенционира 30 проценти од трошокот за гориво, со цел да се поттикнат и да им се помогне на земјоделските производители да го окрупнат своето производство.
За мерката од програмата за директни плаќања обезбедени се 200 милиони денари, а премиерот вели дека тоа значи оти толку пари ќе се вратат назад кај земјоделците. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 55.000 земјоделци, кои имаат градинарски и полјоделски култури, лозови и овошни насади.
Посочувајќи дека земјоделците повеќе од 10 години ја истакнуваа потребата од зелена или поевтина нафта, премиерот Заев истакна дека постои тенденција за зголемување на процентот на субвенционирање од сегашните 30 проценти до 50 проценти од малопродажната цена на горивото.
Пресметката за тоа кој земјоделец колку ќе има на картичката, ќе зависи од видот на производството што го пријавил за субвенции. Во согласност со методологијата, за хектар јаболко, круша, слива, вишна, кајсија, цреша, јагода на отворено, малина, капина и боровинка, поддршката за хектар ќе биде 2.800 денари, за пченица, јачмен, пченка, овес, ‘рж, ориз, елда, изнесува 750 денари за хектар и во согласност со тоа кој колку хектари има пријавено, толку ќе биде вкупната поддршка за субјект. Најнискиот износ што ќе биде одобрен за мали производители е 500 денари, а највисокиот е лимитиран до 100.000 денари.
„Досега исплативме речиси 300 милиони евра субвенции, вложивме 70 милиони евра во системи за наводнување, почнуваме капитални инвестиции во изградба на ладилници, се враќа земјата во рацете на вистинските земјоделци и го решаваме најважното прашање -пласманот“, истакна премиерот Заев додавајќи дека продолжува практиката за враќање на парите кај граѓаните, со што се засилува економијата и се отвораат шанси за сите.
Министерот Димковски информира дека, освен земјоделците од Подрачната единица на Битола, своите персонализирани платежни картички ќе може да ги подигнат и сите земјоделски стопанства што спаѓаат во подрачните единици на ресорното Министерство во Битола, Прилеп, Кривогаштани, Штип, Свети Николе.

„Висината на средствата на платежната картичка зависи од големината на површините и земјоделските култури, а во согласност со барањата за финансиска поддршка во земјоделството за 2018 година. Земјоделците треба до крајот на април 2020 година целосно да ги искористат средствата што им се на картичките. Со утврдениот износ ќе може да купат исклучиво „евродизел“ за земјоделска механизација, а картичката ќе може да ја користат повеќекратно, сè до исцрпување на нејзината вредност“, истакна министерот Димковски.
Тој апелира до сите корисници на оваа мерка, пред да почнат со искористување на средствата, првин да ја активираат картичката на најблиската бензинска станица. Бабовски објасни дека доколку износите од решението и картичката не се исти, корисникот треба да изврши пријава во подрачната единица на Министерството од каде што ја подигнал, а ја објасни и процедурата за плаќањето на горивото со картичката, која може да се користи само од лицето чие име е наведено.
„Корисникот ја става картичката во читачот и по звучниот сигнал, го внесува ПИН-кодот. По извршеното плаќање, ќе му биде издадена фискална сметка заедно со интерната сметка од точењето на горивото. На интерната сметка корисникот може да го прочита преостанатиот лимит на картичката“, додаде директорот Бабовски.
На најблиската бензинска станица претставниците на Владата го презентираа начинот на кој се користат персонализираните картички за „евродизел“ за земјоделска механизација, со кои државата субвенционира 30 проценти од трошокот за горивото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
НБРМ: Годишен раст од 10,1 отсто на вкупните депозити и од 13,0 проценти на вкупната кредитна поддршка
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор, соопшти НБРМ.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на: https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/%D0%9CD/2025/Soopstenie_za_pecat_monetarni_dvizenja_2025_dekemvri_mk.pdf
Економија
Божиновска–Мелинвуд: Започнува најобемната енергетска обнова на јавните згради досега
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со Мелани Мелинвуд, претставник на Француската агенција за развој (AFD), а во врска со реализацијата на Планот за реконструкција на јавните згради – еден од клучните столбови на Реформската агенда на државата.
Фокусот на средбата беше ставен на имплементацијата на Планот за реконструкција на зградите што ги користат институциите на јавниот сектор на државно ниво за периодот 2025–2028 – стратешки документ што поставува јасна, тригодишна рамка за најмасовната и најсистемска енергетска обнова на јавни објекти во земјата досега.
Станува збор за План што веќе е усвоен од Владата по сеопфатен процес на усогласување со вкупно 33 институции, што ја потврдува неговата институционална тежина и стратешко значење за модернизација на јавниот сектор.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како носител на оваа стратешка реформа, интензивно работи на обезбедување финансиски средства за реализација на обврските што произлегуваат од Реформската агенда, како и од постојните законски обврски. Согласно законската рамка, секоја година е предвидено да се реконструираат најмалку 3% од вкупната корисна подна површина на јавните згради, при што мерките за енергетска ефикасност се задолжителен и нераздвоен дел од секоја реконструкција, истакнуваат од таму.
На средбата беше истакнато дека во моментов е во подготовка таканаречената scoping студија (студија за определување на опфат), со која детално ќе се утврдат параметрите за рехабилитација и обнова на зградите, како и јасни критериуми за приоритизација на објектите што први ќе влезат во процесот на реконструкција.
Со ова, е нагласено во соопштението, државата прави крупен исчекор кон намалување на потрошувачката на енергија, пониски трошоци за јавниот сектор, подобри услови за работа во институциите и значително намалување на емисиите на штетни гасови, во согласност со европските климатски политики.
„Оваа реформа претставува конкретен чекор кон позелена, поекономична и поодржлива јавна администрација – со директни придобивки за граѓаните и за државниот буџет“.
Економија
Трипуновски: Досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун во вредност од 170 милиони евра
Денес, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство и претседателот на Сојузот, посетивме неколку откупни пунктови со цел да се направи увид во завршната фаза од откупот на тутунот, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Според последните податоци, досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун од последната реколта, просечната цена е 419,15 денари за килограм“, посочи тој.
Министерот Трипуновски додаде дека вкупната вредност на откупениот тутун изнесува околу 170 милиони евра, од кои 95,6% веќе се исплатени на тутунопроизводителите кои го имаат предадено својот род.
„Останува уште мала количина тутун која согласно предвидената динамика, ќе биде откупена во наредниот период. Секоја откупна компанија ќе има отворен пункт до крајниот рок за откуп, кој трае до крајот на месец февруари“, појасни министерот.

