Економија
(Видео) Донесен ребалансот на буџетот – ќе се потрошат 53 милиони евра повеќе
Владата го донесе ребалансот на буџетот за 2020 година чија цел е да ги финансира мерките за надминување на последиците од Ковид-19 кризата и да го забрза процесот на опоравување на економијата. Министерката за финансии Нина Ангеловска, која заедно со заменик-министерката за финансии Ширет Елези, го презентираше ребалансот, рече дека новите мерки и активности ќе бидат катализатор, забрзувач на процесите во периодот на опоравување, кој треба да започне во третото тримесечје, а да се интензивира во четвртото тримесечје.
Приходната страна на буџетот со ребалансот се намалува за 11,5% и истата изнесува 196,8 милијарди денари, додека расходната страна се зголемува за 1,4% и истата изнесува 242,9 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 6,8% и е во линија со проекцијата на Европската комисија.Министерката за финансии, Ангеловска истакна дека на расходната страна се додаваат средства за соодветните Ковид програми.
„Се проектираат дополнителни 3 милијарди денари на Ковид програмата во Влада за спроведување на таргетирани мерки за стимулирање на приватната потрошувачка на граѓаните со фокус на домашната економија и поддршка на приватниот сектор и на работниците во фазата на опоравување на економијата. Дополнителни 600 милиони денари за програмата Ковид во Министерство за економија се наменети за мерки за поддршка на приватната потрошувачка на граѓаните и домашниот македонски туристички сектор. За социјална заштита поврзана со ефектите од Ковид-19 се распоредуваат 350 милиони денари, а исто толку и за Фондот за здравство. За Министерство за здравство за зајакнување на здравствените капацитети за откривање на болести преку обезбедување на техничка експертиза, лабораториска опрема и системи за откривање на случаи во согласност со упатствата на СЗО и операционализација на дополнителни легла се предвидени 300 милиони денари. За Министерство за образование има обезбедено дополнителни 350 милиони денари во Ковид програмата со цел поддршка на младите и студентите со фокус кон ИТ и дигитални вештини. Алоцирани се 150 милиони денари за исплата на надомест за невработеност во Агенцијата за вработување и 60 милиони денари за национално кофинансирање за нова кредитна линија за фазата на опоравување преку Развојната банка на Северна Македонија“,рече Ангеловска.
„Ние како Министерство за финансии направивме три сценарија за приходната страна на буџетот. Со ребалансот на буџетот се имплементира всушност најоптималното прво сценарио. Предвидено е кратење на приходите за 11,5%, на расходната страна, а има благ раст на зголемување на трошоците. Споредено со другите земји каде расходната страна се зголемува повеќе, ние го корегиравме само со 1,4%. Имајќи го во предвид Ковид-19 и средствата за помагање на економијата, овие средства се обезбедуваат од буџетот. Раст има во расходите на Министерството за економија, за образование, за здравство. Исто така, сакам да ја спомнам новата линија од 60 милиони денари со која ќе се обезбеди пониска камата и евтини кредити поради гаранцијата која ја нудиме како држава“,рече заменик министерката за финансии Елези.
Други поголеми расходи се за исплата на платите, проектирани на ниво од 30,2 милијарди денари или за 0,4 милијарди денари пониско, како резултат на ефектот од преземените мерки, односно времената забрана за нови вработувања во државната администрација, освен за ангажирања на соодветен кадар во здравствениот сектор и во други сектори кои се во насока на справување со последиците од коронавирусот.
Расходите за стоки и услуги се намалени за 1,8 милијарди денари во однос на планот за 2020 година, како резултат на мерките за сведување на минимум на сите трошења од буџетот кои суштински и директно не се поврзани со справувањето од корона вирусот, без притоа да се наруши редовното подмирување на обврските на буџетските корисници, како и обезбедени се средства за спроведување на парламентарни избори во 2020 година.
Тековните трансфери се планирани на ниво од 166 милијарди денари или за 9,6 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2020 година, а се однесуваат на преземените мерки за обезбедување на средства за имплементација на економските мерки донесени од страна на Владата за справување со кризата предизвикана од пандемијата, а кои ќе имаат директен импакт врз реалната економија и директно помагање на приватната потрошувачка.
Капиталните расходи се планирани на ниво од 19,5 милијарди денари или 4,2 милијарди денари пониски во однос на планот за 2020 година, но повисоки во однос на нивото кое беше со одлуката за прераспределба. Имено со одлуката за прераспределбата која беше спроведена минатиот месец од капиталните расходи беа релоцирани околу 3,5 милијарди денари со цел спроведување на мерките и тоа од капитални расходи кои се однесуваат најмногу на опрема, возила и слични кои не се суштински и директно поврзани со справување со кризата.
„Со ребалансот намаливме-односно ги релоциравме дополнителни 700 милиони денари со што капиталните расходи, кои се задржани на ниво од 19.5 милијарди денари, што е всушност на ниво на максимално реализирани капитални расходи во изминатите 10 години. Реализацијата на истите во време на оваа криза ќе одигра значајна улога во амортизирање на ударот врз економијата“, рече Ангеловска.
Финансирањето на буџетскиот дефицит ќе се сервисира со поволни средства од меѓународни финансиски институции, повлекување на средства на домашен пазар преку државни хартии од вредност, како и со излегување со еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал. Очекувањата за економскиот раст се -3,4%.
„Од она што досега го нотираат меѓународните финансиски институции, земјава добро се справува со кризата – ова се првични проекции, кои како ќе бидат реализирани ќе зависи пред се од мерките и нивната реализација. Затоа третиот сет на мерки, кој е насочен кон потрошувачката на домашно, кон поттикнување на ревитализацијата на економијата ќе одигра клучна улога во крајниот економски резултат. Фундаментите се поставени и сега ќе зависи од нас институциите, но и од сите нас заедно граѓаните, стопанството, да го фатиме моментумот на отворање на економијата и максимално да го искористиме. Мерките ќе бидат катализатор кој ќе го забрза тоа и ќе ги зајакне ефектите“, рече Ангеловска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Средба Славески – Варнс: Стабилниот финансиски систем и модерните платни решенија се основа за инвестиции и економски раст
Гувернерот на Народната банка Трајко Славески оствари средба со вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија Никол Варнс, на која беа разменети мислења за економските текови, институционалниот развој на Народната банка и реформските процеси насочени кон поддршка на економскиот раст и евроинтеграцијата.
На средбата беше истакнато дека Народната банка постојано го јакне својот институционален капацитет преку бројни развојни проекти, со посебен акцент на модернизацијата на платните системи. Современите и ефикасни платни решенија придонесуваат за поголема сигурност, побрз проток на финансиски средства и олеснување на деловното работење, што е значајно за подобрување на инвестициската клима.
Гувернерот Славески нагласи дека одржувањето на макроекономската стабилност и финансиската стабилност е врвен приоритет на Народната банка, како основа за создавање стабилни и предвидливи економски услови, заради поттикнување на домашните и странските инвестиции и за одржлив економски раст.
Во разговорот, гувернерот Славески се осврна и на пристапувањето на земјава кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), оценувајќи дека станува збор за историски чекор за македонската економија. Тој посочи дека со пристапувањето кон СЕПА, на македонските граѓани и компании им се овозможи да вршат побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра, и тоа уште пред полноправното членство на земјава во Европската Унија.
Гувернерот нагласи дека со воспоставувањето клон на ТИПС, развиен со поддршка на Европската централна банка, се официјализира почетокот на современ систем за инстант плаќања, што претставува значаен исчекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура и нејзиното регионално поврзување со земјите од Западен Балкан и со европскиот платежен простор. Со овој систем ќе се овозможи извршување плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, при што најголемиот дел од трансакциите ќе се обработуваат за неколку секунди. Новите решенија ќе овозможат едноставно иницирање плаќања, што ќе придонесе за побрзи, посигурни и поевтини трансакции за граѓаните и компаниите, како и за поефикасно работење на трговците.
Соговорниците ја потврдија подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката и размената на искуства во областите од заемен интерес, заради поддршка на економската стабилност и реформските процеси во земјава.

