Економија
Дополнителна субвенција од 1 денар за сортите „вранец“ и „смедеревка“
Владата на седница донесе одлука за воведување нова дополнителна субвенција од 1 денар за килограм предадено грозје за сортите „смедеревка“ и „вранец“. Корисници на оваа нова подмерка што се воведува во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2018 година се земјоделските стопанства што имаат површини под лозови насади и оствареното производство од сортите „вранец“ и „смедеревка“ од реколта 2018 и го предаваат во регистрирани капацитети за производство на вино во Република Македонија. Лозарите за оваа нова дополнителна субвенција ќе може да конкурираат до 25. 12. 2018 година.
Во барањето за аплицирање треба да приложат и доказ потврда дека грозјето е предадено во домашни винарници. „Со воведувањето на оваа нова дополнителна субвенција ќе се придонесе за зголемување на рентабилноста на производството на овие две најзастапени сорти. Дополнително, со годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, лозарите што имаат од 1 до 10 хектари лозје, ќе добијат, наместо 40.000 денари, 48.000 денари за хектар за одржување насади. Претворена во килограми оваа субвенција изнесува половина денар за килограм, што значи дека вкупната финансиска поддршка заедно со дополнителната субвенција ќе изнесува 1,5 денар за килограм“, соопшти Министерството за земјоделство.
Според најавите од страна на откупувачите на винско грозје, за претстојната реколта 2018 година се предвидува откуп од 38 милиони килограми од сортатата „смедеревка“ и речиси 42 милиона килограми за сортата „вранец“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Зголемени цените во индустријата во ноември
Продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар во ноември 2025 година се зголемени за 0,3 отсто во однос на претходниот месец, соопшти Државниот завод за статистика.
Месечниот раст на цените е забележан кај интермедијарните производи, освен енергија, каде што има зголемување од 0,5 отсто, како и кај трајните производи за широка потрошувачка, кои пораснале за 3,0 отсто.
На годишно ниво, односно во споредба со ноември 2024 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се зголемени за 4,6 отсто. Во овој период, раст на цените е регистриран кај енергијата за 6,9 отсто, кај интермедијарните производи, освен енергија за 4,2 отсто, како и кај нетрајните производи за широка потрошувачка, каде што е забележано зголемување од 4,4 отсто.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,23% во однос на одлуката од 22.12.2025 година.
Од 30.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 65,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,649 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,042 ден/кг и сега ќе изнесува 33,649 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,908%, кај дизелот за 1,970%, кај екстра лесното масло за 1,282% и кај мазутот зголемувањето е за 5,201%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1801%.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во третиот квартал од 2025 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција, извести Народната банка.
На крајот на третиот квартал од 2025 година:
„На 30.9.2025 година, нето надворешниот долг изнесува 4.494 милиони евра (или 27,1% од проектираниот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во третиот квартал од 2025 година, е намален за 106 милиони евра, или за 2,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.

Во текот на третиот квартал од 2025 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е намалена за 250 милиони евра и изнесува 8.738 милиони евра, што претставува 52,7% од проектираниот БДП за 2025 година“.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следната врска.

