Економија
Државата ќе поддржува брзорастечки иновативни бизниси

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски како дел од Саемот за кариера, денеска пред младите во Битола ја презентираа новата мерка од Оперативниот план за вработување, која се однесува на брзорастечките иновативни бизниси. Предвидено е оваа нова мерка да се вклучи во постоечката Програма за поддршка за самовработување. Фокусот ќе биде ставен на младите претприемачи, а освен финансиската помош со мерката се нуди и експертака помош, како и можност за понатамошно финансирање на компании основани со оваа Програма преку инструментите на Фондот.
„До сега, од страна на државата не се нудеше заокружен систем на поддршка за основање на ваков тип на бизнис, што ќе содржи како експертска така и финансиска поддршка. Целта на оваа програма е дел од средствата наменети за грантови за самовработување да се искористат за создавање основа за развој на брзорастечки бизнис, кој понатму ќе продолжи да се финансира преку Фондот за иновации и технолошки развој“, рече министерката Царовска која ја презентираше мерката.
Царовска потенцираше дека Сите постојни инструменти за поддршка на Фондот се однесуваат на веќе основани претпријатија и не ја опфаќаат фазата на развој од „идеја“ до „докажан концепт“ или „прототип“. Новата мерка ќе го прошири опфатот на финансирање на иновации кон целна група – физички лица и кон делови од иновативниот циклус кои до сега не се опфатени преку инструментите на Фондот.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски истакна дека со оваа мерка ќе се понуди специјализирана обука и финансиски средства за сите млади луѓе кои имаат идеја и потенцијал за формирање на брзорастечки компании.
„Со новата мерка се предвидува формирање на таканаречена ИНГрупа која ќе се формира од лицата кои поднеле апликации со иновативен потенцијал. Очекуваме дека во следната година 150 млади луѓе ќе ја искористат оваа можност и ќе основаат свој бизнис, со кој дополнително ќе се креираат нови работни места“, рече Деспотовски и додаде дека со ова се зајакнува фокусот кон младите и е надоврзување кон постоечкитеинструмент на Фондот со кој се нуди поддршка за стартап компании.
Воведувањето на оваа мерка треба да придонесе за поголема оддржливост на Програмата за самовработување и креирање на позитивен циклус на дополнителни вработувања во брзорастечките бизниси. Истовремено во ФИТР ќе пристигнуваат поголем број поквалитетни апликации од новоосновани компании.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска на средба со Плаколм и раководството на ЕВН Македонија: Компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност и дигитализација на енергетскиот систем

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм, и со раководството на ЕВН Македонија, во рамки на работната посета што австриската делегација ја реализираше во земјава.
На средбата присуствуваше и Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, заедно со претставници од австриската амбасада.
Фокусот на разговорите беше насочен кон успешната соработка меѓу Министерството за енергетика и компанијата ЕВН Македонија, како пример за одговорно и партнерско делување меѓу државата и енергетскиот сектор.
Божиновска истакна дека ЕВН Македонија е значаен партнер во енергетската транзиција на земјата, посочувајќи дека примерот на компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност, модернизација и дигитализација на енергетскиот систем.
„ЕВН Македонија е пример како странски инвеститор може да соработува со државните институции на начин што создава додадена вредност – не само за економијата, туку и за општеството“, нагласи Божиновска.
Во рамки на посетата, делегацијата имаше можност да се запознае со технолошките и организациските достигнувања на компанијата, меѓу кои и современиот диспечерски центар за дигитално управување со дистрибутивната мрежа на национално ниво.
Австриската министерка Клаудија Плаколм изрази задоволство од постигнатото ниво на енергетска соработка меѓу двете земји и од синергијата меѓу јавниот и приватниот сектор во Северна Македонија, истакнувајќи дека таа соработка е позитивен пример за поширокиот регион.
Двете министерки потврдија дека постои заеднички интерес за продолжување на размената на искуства и добри практики, со фокус на одржлив енергетски развој и зелена транзиција.
Економија
Божиновска се сретна со британскиот амбасадор: се разговараше за можностите за размена на искуства во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со британскиот амбасадор Н.Е. Метју Лосон.
На состанокот присуствуваа и Никола Стојаноски, директор за меѓународна трговија и инвестиции во Амбасадата на Обединетото Кралство, како и претставници на меѓународната компанија „Англо Американ“, една од водечките светски корпорации во областа на рударството и металургијата.
Средбата се одржа во духот на континуирана и конструктивна соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на енергетиката и рударството. Разговарано беше за актуелните активности на Министерството и можностите за размена на искуства и добри практики во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција.
Министерката Божиновска ја истакна одличната соработка со британската амбасада, која, како што нагласи, претставува значаен партнер во процесите на развој на енергетските политики, унапредување на регулативата и поттикнување на одржливи практики во секторот.
Амбасадорот Лосон и претставниците на „Англо Американ“ ја поздравија досегашната соработка со Министерството, изразувајќи интерес за понатамошен институционален дијалог и заеднички иницијативи во насока на зајакнување на билатералните односи.
Економија
Божиновска на 13. Советување на МАКО СИГРЕ: AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес го отвори 13. Советување на МАКО СИГРЕ, клучен настан за електроенергетскиот сектор во земјава, кој го собира академскиот и индустрискиот кадар за размена на идеи, иновации и практични решенија.
Божиновска го отвори советувањето како претседател на почесниот одбор. Во своето обраќање, министерката нагласи дека советувањето е место каде се дебатираат најновите реформи и достигнувања во енергетиката.
Божиновска посочи дека, и покрај растечката улога на вештачката интелигенција во анализи и симулации, ништо не може да го замени човечкиот потенцијал и знаењето на професионалците.
„AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите кои го обликуваат секој аспект од енергетскиот сектор“, нагласи Божиновска.
Посебен акцент беше ставен на младите инженери и студенти, како иднина на секторот: „Вашата енергија и ангажман се основа на долгорочниот развој на енергетиката“, истакна Божиновска.