Економија
„Екогерила“: Како се спушти цената за филтрите за „Југохром“ од 12 на 1,5 милион евра?

Еколошкото движење од Тетово, „Екогерила“, објавата дека Владата ќе одoбри 1,5 милион евра за инсталирање филтри на комбинатот „Југохром“ ја смета како следна манипулација со јавноста.
„Нашите сериозни сомневања се долажат на фактот дека инсталацијата на системот за филтрирање порано чинеше 12 милиони евра и беа потребни најмалку 2 години за нивна инсталација. ‘Југохром’ е затворен и нетранспарентен за медиумите да покаже што е направено досега. Не е јасно како цената на филтрите се намали од 12 милиони евра на 1,5 -2 милиона евра и нивното поставување ќе се изврши во рок од 4-5 месеци за производство со капацитет од 55 проценти“, велат од движењето преку соопштение.
Тие бараат целиот процес во фази да биде надгледуван од независни експерти.
„Ние не им веруваме на ветувањата на ‘Југохром’ и на Владата бидејќи со години нè манипулираа. Ние само бараме почитување на Уставот и законските акти. Како што е познато, во Македонија институциите често се ставаат на законот. Владата не треба да биде вознемирена од надзорот на независните експерти доколку системот за филтрирање, за кој тие тврдат дека ќе го инсталираа, ќе ги задоволи бараните стандарди“, се наведува во соопштението на „Екогерила“.
Вчера, со одлука на владина седница, одобрен е кредит во износ од 92.242.500 денари за набавка на филтри во „Југохром“. Како што соопшти владината прес-служба, Владата ја задолжила Македонската банка за поддршка на развојот да склучи договор за кредит со „Југохром“ од кредитната линија од Посебниот кредитен фонд. Од Владата велат дека целта е да се изгради филтерска постројка за заштита од загадување, со што ќе се овозможи фабриката да продолжи да работи и да се ангажираат вработените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Затворени четири субјекти: триесет отсто од контролираните се со неправилности за фискализација, објави УЈП

Во периодот од 28 јули до 3 август 2025 година Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе вкупно 214 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе-барови, шанкови на плажа, слаткарници, колонијали, продавници за облека и накит, хотел, автопревозници, паркинзи и други трговски објекти за продажба на мало.
Контролите беа реализирани во државата во повеќе градови, меѓу кои и туристичките места, каде што во летниот период има зголемена фреквенција на туристи. Од 214 контролирани субјекти, кај 30,8 %, односно кај 66 од контролираните се утврдени неправилности во согласност со Законот за регистрирање на готовинскиот промет.
За утврдените неправилности донесени се 66 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени во согласност со големината на субјектот.
За четири, односно три субјекти од Охрид и еден од Струга, поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување).
„Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна: • Во Скопје извршени се 14 контроли и при истите утврдени се 4 неправилности; • Во Струга, Охрид и Битола извршени се 126 контроли, а утврдени се 29 неправилности од кои 11 неправилности во Струга и 18 во Охрид • Во Прилеп извршени се 7 контроли, a утврдени се 3 неправилности; • Во Тетово, Гостивар извршени се 32 контроли, а утврдени се 14 неправилности од кој 13 во Тетово и една во Гостивар • Во Штип, Неготино, Демир Капија, Кавадарци Велес и Куманово извршени се 35 контроли, а утврдени се 16 неправилности, по една неправилност во Неготино и Кавадарци, 2 во Демир Капија, 3 во Штип, 4 во Велес и 5 неправилности во Куманово“.
УЈП апелира до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата.
„Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања, ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници. Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување. Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на доследна примена на законите и обезбедување еднаков третман за сите даночни обврзници“.
Економија
Николоски – Соријано-Ортиз: Авиолиниите до Мадрид и до Барселона се одлична можност за подoбрување на соработката меѓу двете држави

Билатералните односи меѓу Македонија и Шпанија дополнително ги зајакнуваме преку отворање на авиолинијата Скопје -Мадрид и претходно воспоставената линија Скопје -Барселона, истакнаа на денешната средба вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и амбасадорот на Кралството Шпанија, Рафаел Сориано Ортиз.
Двете авиолинии, информираше вицепремиерот, се дел од владината програма за развој на ависообраќајот преку кои се отвораат нови перспективи меѓу двете земји и за двата народи.
На средбата, исто така беа разменети и мислења и ставови за актуелните политички и економски прашања во земјава и регионот, притоа вицепремиерот Николоски истакна дека Македонија е влезена во инвестициски циклус во развој на патната и железничка мрежа со посебен акцент на коридорите кои треба да го придвижат регионалниот економски развој.
На средбата беа потенцирани и можностите за инвестирање во земјава, преку реализација на инвестиции во сектори од заеднички интерес.
На крајот од средбата двајцата соговорници се согласија дека соработката меѓу двете земји е на добро ниво и дека истата дополнително може да се зацврстува особено во делот на економијата.
Економија
УЈП: Инкасирани 2,3 милијарди денари или 37,4 милиони евра повеќе во буџетот споредбено со јули лани

Во јули 2025 година, Управата за јавни приходи оствари значителен раст на наплатата по основ на даноци и социјални придонеси за речиси 37,4 милиони евра во споредба со јули 2024 година.
Вкупната наплата од даноци (Данок на додадена вредност (ДДВ), данок на личен доход (ДЛД) и данок на добивка ДД) изнесува 14.344 милиони денари, односно приближно 233 милиони евра, што претставува рекордна месечна наплата досега.
По тој основ остварен е раст од 922 милиони денари или околу 15 милиони евра, што е раст од 6,9% во однос на јули 2024 година. Раст од 13,4% се бележи и кај социјалните придонеси, и по тој основ наплатени се 11.823 милиони денари (192,2 милиони евра), што е за 1.400 милиони денари (околу 23 милиони евра) повеќе наплатени средства од придонеси во споредба со истиот месец минатата година.
„Растот на приходите не е случаен – тој е резултат на зголемена економска активност, како и посветена работа, партнерство и доверба која Управата за јавни приходи постојано ја гради со даночните обврзници. Во изминатиот период, а во согласнст со законските надлежности, УЈП презеде низа мерки и е во постојан контакт со даночните обврзници и нивните овластени сметководители кои имаат пријавен, но ненаплатен долг за соодветниот даночен период. Целта е навремено подмирување на обврските и избегнување на блокада на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата“, велат од УЈП.
Во рамки на превентивните мерки, доставени се персонализирани пораки и известувања до обврзниците, со јасна порака за доброволно усогласување. Придобивката од овој пристап е јасна: се овозможува финансиска стабилност кај обврзниците, се избегнуваат санкции и се гради одржлива даночна историја, што директно придонесува за стабилни јавни финансии и позитивна деловна клима.