Економија
Експресниот пат Ранковце-Крива Паланка ќе биде готов за 3 години, рече Сугарески
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и градоначалникот на општина Ранковце, Ивица Тошевски, денеска извршија увид во изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка. Сугарески рече дека овој пат почна да се гради во јуни оваа година и во согласност со договорот треба да заврши во рок од 3 години.
„Градежните работи се во тек. Очекувам во наредниот период да се зголеми динамиката на работа и овој експресен пат да биде завршен во рамките на договорот. Експресниот пат Ранковце-Крива Паланка како дел од доизградбата на Коридорот 8 е од особена економска важност за Република Македонија. Со него овозможуваме брза врска на паневропскиот Коридор 8, кој нè поврзува со Бугарија, а со тоа отвораме можност за подобрување на економските врски со Европската Унија. Покрај регионално поврзување, со комплетирање на Коридорот 8 и создавање модерна патна мрежа ќе придонесеме за брз и безбеден транспорт на стоки и услуги и ќе им овозможиме на домашните компании полесно да се пробијат на нови пазари“, рече Сугарески.
Во таа насока, додаде тој, го потпишавме и договорот со ЕБОР за реконструкција и проширување на патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, со што создаваме комплетно нова патна делница на овој Коридор од значење не само за нашата земја туку и за целиот регион.
Експресниот пат Ранковце-Крива Паланка е со должина од 25 километри и вкупната вредност на инвестицијата изнесува 58,5 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

