Економија
Електрификацијата пристигна – „Ауди“ го претстави новиот e-tron
Audi e-tron е првиот целосно електричен модел од брендот „Ауди“ кој влегува во производство. Компанијата пред светот го претстави својот нов спортски, електричен SUV во Сан Франциско. Со експресивен дизајн, на новиот e-tron се истакнува електричната табла, Singleframe деталите и инфикаторите за високонапонската технологија која овозможува специјално и уникатно возачко искуство. Електричниот SUV е напојуван од два моќни електрични мотори кои се CO2 неутрални и потполно бесшумни. Новата генерација на Quattro погонот на четири тркала обезбедува одлична влечна сила и динамика, обезбедувајќи континуирана распределба на погонот помеѓу оските во дел од секунда.

The e-tron as starting signal: Audi launches e-offensive
Клучен фактор за спортскиот карактер и извонредната динамика на возење е ниската и централната позиција на која е инсталиран батерискиот систем со што е постигната идеална распределба на тежината и ниска тежишна точка. Тоа му дава на возилото опсег кој е погоден за возење на долги растојанија. Audi e-tron ја обновува енергијата исклучиво преку своите електрични мотори. Електричниот SUV го достигнува својот максимален потенцијал за обновување на енергија во комбинација со интегрираниот електро-хидрауличен систем за контрола на сопирачките. „Ауди“ е првиот производител на автомобили во светот кој користи таков систем во сериско производство на возило со електричен погон. Умно дизајнираната аеродинамика, исто така, значително придонесува за неговата ефикасност.

Interior
Еден белег на овој концепт се опционалните виртуелни надворешни огледала – за првпат во светот достапни во серискиот модел на производство. Не само што го намалуваат аеродинамичниот отпор, туку и достигнува дигитализацијата во возилото на сосема ново ниво. Audi e-tron нуди просторност и удобност на еден од типичните SUV модели на брендот. Во комбинација со висококвалитетни материјали и извонредна изработка, електричната мобилност дава премиум искуство. Ова е исто така обезбедено со сеопфатен и сигурен опсег на опции за полнење со интелигентни решенија за дома и во движење. Од навигацијата со планерот на маршрути за е-тронот, која ја прикажува соодветната рута со потребните точки за полнење, автоматската наплатна станицата за полнење, до далечинскиот управувач преку паметен телефон – Audi e-tron е исклучително добро поврзан.

Interior
Тој е опремен со високо-развиениот забавен инфо-систем MMI навигација плус вклучително и LTE Advanced и Wi-Fi Hotspot. Бројни системи за помош дополнително го ослободуваат возачот. На пример, стандардниот систем за асистирање промовира економски стил на возење со прикажување на предвидливи информации и вршење автоматска рекуперација. Ако купувачот ја одбере адаптивната помош за т.н. едрење, системот исто така може предвидливо да го сопира и забрза електричниот SUV.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонски производи во износ од 15,5 милиони евра извезени преку мрежата на Лидл во 2025 година
Извозот на македонски производи во 2025 година преку продажната мрежа на Лидл достигна 15,5 милиони евра, што е јасен показател за извозниот потенцијал на домашните производи и можноста за пласман на европските пазари што ја нуди Лидл. Ова претставува огромен раст, во споредба со 5 милиони евра извоз во 2024 година и 570 илјади евра во 2023 година.
Странските пазари најголем интерес покажаа за трпезното грозје, од кое беа реализирани приходи од 3,3 милиони евра, а имаше најголем пласман во Полска. Одлични резултати имаше и од извозот на јагнешко месо во Бугарија, чија продажба донесе прилив од 2,2 милиони евра.
Дека свежото овошје и зеленчук се еден од домашните извозни адути покажа податокот според кој од вкупниот износ од 15,5 милиони евра, во минатата година беше реализиран извоз од 5 милиони евра. Преку мрежата на Лидл се извезени 15 вида од овие земјоделски култури, од преку десет добавувачи. Петте најизвезувани производи беа грозје, зелка, пиперка, моркови и домати, кои одлично поминаа во Бугарија, Германија, Романија, Полска, Словачка, Србија, Чешка и други земји. Во рамки на редовниот извоз од 7 милиони евра доминираа конзервираните производи, со остварени продажби во странство од 5,8 милиони евра, по што следуваат кондиторските, млечните производи, како и виното и пијалаците.
„Постои голем потенцијал за извоз на македонските производи. За нас во Лидл е успех што можеме да ги поддржиме и да бидеме мост за македонските производи кон европските пазари. Постојано соработуваме со производители од земјава и сме особено горди што на десетици компании можеме да им помогнеме во процесите на сертификација, зголемување и унапредување на капацитетите за производство и да овозможиме извоз на европските пазари“ изјави Стефан Георгиев, комерцијален директор на Лидл Северна Македонија.
Преку иницијативата „Македонска недела“, Лидл во претходните две години организираше 22 промоции во маркетите во Бугарија, Словенија, Србија и Хрватска, со понуда на над 70 македонски производи од 17 добавувачи и над 2.200 палети производи, правејќи ги многу повидливи и препознатливи за странските потрошувачи.
Лидл се позиционира како сериозен и значаен партнер на македонската економија, со мерливи резултати во извозот на домашни производи и конкретна поддршка на домашните компании. Со отворањето на маркети низ целата земја компанијата очекува зајакната соработка со домашните производители, со цел на потрошувачите да им понуди широк спектар на квалитетни производи по пристапни цени.
(ПР)
Економија
Забрзување на енергетската транзиција: Јасен план и координиран пристап – одржан состанок на JETIP Инвестициската платформа
Денеска се одржа четвртиот координациски состанок на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција (JETIP – Just Energy Transition Investment Platform), на кој клучните актери разговараа за напредокот во политиките, планирањето и регулаторните реформи што ја поддржуваат праведната енергетска транзиција на Северна Македонија.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, истакна дека во изминатиот период Министерството е фокусирано на зајакнување на политичките и планските основи неопходни за ефективна имплементација на Инвестициската платформа.
Во таа насока, подготвени се два Годишни планови за развој на енергетскиот сектор за 2025 и 2026 година, усогласени со приоритетите на праведната транзиција, кои обезбедуваат јасна краткорочна рамка за реализација на проектите и подготвеност за инвестиции.
Паралелно, Националниот план за енергија и клима ја заврши фазата на јавни консултации и влезе во завршна фаза на финализација. НЕПК ги обединува целите за декарбонизација, развојот на обновливите извори на енергија и потребите за флексибилност на енергетскиот систем, со посебен фокус на регионите погодени од транзицијата од јаглен. По неговото усвојување, Планот ќе претставува стабилна основа за јавните и приватните инвестициски одлуки.
На регулаторен план, во завршна фаза е и подготовката на Законот за обновливи извори на енергија, со чијштоo усвојување ќе се создадат услови за значително забрзување на инвестициите и исполнување на целите за декарбонизација.
Овие активности не претставуваат изолирани реформи, туку овозможувачки чекори за реализација на проектната рамка на Инвестициската платформа.
Владата уште еднаш ја потврди својата силна посветеност на праведната енергетска транзиција, поддржувајќи ја Инвестициската платформа како клучен механизам за координација, инвестиции и забрзана имплементација на реформите.
Економија
НБРМ: Усвоен Кварталниот извештај, макроекономските движења во согласност со очекувањата на Народната банка
Советот на Народната банка, на седницата одржана на 3 февруари 2026 година, го усвои Кварталниот извештај, во кој се наведува дека макроекономските показатели упатуваат на стабилни остварувања во најважните сегменти на економијата и во најголем дел се во согласност со октомвриските проекции на Народната банка. Домашната инфлација очекувано забави под влијание на забавувањето на базичната инфлација, а домашната економската активност умерено забрза. Банкарскиот сектор и натаму остварува солиден раст на депозитната база и кредитната активност, а девизните резерви се задржуваат на соодветно и сигурно ниво.
Народната банка продолжи со унапредувањето на својот оперативен инструментариум заради поддршка на ефикасното спроведување на монетарната политика. Во последниот квартал од 2025 година, таа изврши приспособување на оперативната монетарна рамка заради подобрување на управувањето со ликвидноста и зајакнување на монетарната трансмисија. Со измените се става посилен акцент на инструментите со пократок рок на достасување и на почестите операции, што овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари, без да се менува поставеноста на монетарната политика.
Во Кварталниот извештај се наведува дека во четвртото тримесечје од 2025 година годишната стапка на инфлација изнесуваше 4,2%, што претставува очекувано забавување. Инфлацијата за целата 2025 година, во просек, изнесува 4,1%, што е близу до октомвриските согледувања. Според октомвриските оцени, за 2026 година и на среден рок се очекува забавување на инфлацијата и постепено враќање кон историскиот просек. Сепак, и понатаму постојат одредени ризици, при што главните извори на неизвесност се поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, геополитичките тензии и процесите на трговска фрагментација, како и со одредени домашни фактори што влијаат врз побарувачката.
Во третиот квартал од 2025 година, реалниот годишен раст на бруто домашниот производ забрза и од 3,5% во претходното тримесечје се искачи на 3,8%, што е малку повеќе од оцената во рамките на октомврискиот циклус проекции. Според основното сценарио од октомври, за целата 2025 година се очекува забрзување на економскиот раст којшто би изнесувал 3,5% (3,0% во 2024 година), а во 2026 година, како и на среден рок дополнително би се засилил и би достигнал 4,0%.
На крајот на 2025 година, нивото на девизните резерви достигна 4.920,5 милиони евра и според сите релевантни показатели, обезбедува соодветна поддршка за одржување на стабилноста на домашната валута.
Податоците од монетарниот сектор укажуваат на натамошна солидна кредитна поддршка за економијата и зајакнување на депозитната база на банките. Во четвртиот квартал од 2025 година, годишниот раст на вкупните кредити изнесуваше 13%, при годишен раст и на депозитите од 10%, што е малку над нивото проектирано за крајот на годината.
На седницата, Советот на Народната банка разгледа и други точки поврзани со тековното работење на Банката.

