Економија
„Епл“ и официјално ја презеде „Шазам“

„Епл“ деновиве го доврши преземањето на „Шазам“.
За преземање на апликацијата и тимот на „Шазам“, „Епл“ издвои 400 милиони долари. Процесот не беше довршен сè досега бидејќи се чекаше на службено одобрување на регулаторот на Европската Унија.
Одобрувањето, конечно, стигна месецов, па сега „Шазам“ и официјално е во рацете на „Епл“.
Голем број актуелни корисници на апликацијата се загрижени за иднината на самата платформа под водство на „Епл“. По тој повод од компанијата ги смирија корисниците објавувајќи податок дека „Шазам“ планираат да ја претворат во апликација без реклами, која ќе биде достапна како за „Иос“ така и за уредите до „Андроид“.
Според „Епл“, апликацијата „Шазам“ во целиот свет е спуштена повеќе од милијарда пати и секој ден се употребува повеќе од 20 милиони пати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Исплатени субвенции за пчеларите

Денеска се изврши вкупна исплата во износ од 169.222.200 денари на 5.566 пчелари по мерката, известуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Извршени се директни плаќања за регистрирани презимени пчелни семејства за земјоделски стопанства кои поседуваат минимум 10 регистрирани презимени пчелни семејства.
Висината на директните плаќања изнесува 600 денари по презимено пчелно семејство.
„Грижата за земјоделецот е приоритет на Министерството. Продолжуваме со редовно исплаќање на субвенциите“, нагласуваат од ресорното министерство.
Економија
Македонската економија оди надолу, инфлацијата повторно расте, велат од СДСМ

„Целосен дебакл на погрешните економски политики на власта на Мицкоски и ДПМНЕ. Македонската економија оди надоле, животниот стандард на граѓаните опаѓа а инфлацијата повторно расте. Во месец јануари, инфлацијата достигна 4,9 %, факт што го констатира и Меѓународниот монетарен фонд. Статистика измери дека трошоците на живот во јануари пораснаа за 4,9%, а индексот на цени на мало за 5,2%“, велат од СДСМ.
„Додека платите стагнираат, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите и тие го носат целиот товар на неспособната власт.
И останатите економски параметри се лоши. Индустриското производство паѓа четири месеци по ред. Во декември имаше пад од -1,4%, во ноември -3,5%, во октомври -1,1%, а во септември цели -7,9%.
Буџетскиот дефицит за два месеци достигна рекордни 7,8 милијарди денари. Владата троши многу повеќе отколку што прибира.
Јавниот долг веќе е над 70% од БДП. Прашањето е дали владата заглави и нема пари па ги троши парите од Унгарскиот кредит за други намени?
Секој ден гледаме како цените растат, а платите стојат во место. Владата вети просперитет, но донесе нова економска криза“, соопшти СДСМ.
Економија
Како Македонија ќе ги искористи минералните богатства-МАНУ со предлог стратегија во Министерството за енергетика

Во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, се одржа состанок на кој академици од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ја презентираа новата предлог Стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување на минералните суровини за периодот 2025-2045 која е во завршна фаза од изработка, по што ќе следи јавна расправа и нејзино усвојување од страна на Владата. Делегацијата на МАНУ беше предводена од академик Блажо Боев и научниот соработник Александар Дединец.
Стратегијата има за цел да го дефинира обемот и начинот на реализација на основните геолошки истражувања, како и одржливото искористување и потребите за експлоатација на минералните суровини кои се од клучно значење за развојот на стопанството на Република Македонија. Документот детално го разработува искористувањето и експлоатацијата на природните ресурси во следните 20 години, при максимална заштита на природните особености на животната средина и на здравјето на луѓето со користење на најсовремени паметни технологии, практики и знаења применети во најразвиените земји во светот.
Министерката Сања Божиновска ја истакна важноста на оваа стратегија за економскиот развој на земјата, нагласувајќи дека одржливото управување со минералните ресурси е од суштинско значење за енергетската независност и индустрискиот напредок. Таа изрази благодарност до МАНУ за нивниот придонес во изработката на овој стратешки документ.
Академик Боев посочи дека стратегијата е резултат на темелни истражувања и анализи, со цел да се обезбеди балансиран пристап помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина. Дединец додаде дека документот е усогласен со глобалните трендови и стандарди, и дека неговата имплементација ќе придонесе за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
Присутните на состанокот се согласија дека успешната реализација на стратегијата ќе зависи од блиската соработка меѓу институциите, научната заедница и приватниот сектор, со цел да се обезбеди одржлив и долгорочен развој на рударскиот сектор во земјата.