Економија
ЕСМ продажба за декември набави 40.600 MWh електрична енергија за дополнителни снабдувања по одлуки на Влада

ЕСМ продажба за декември набави 40.600 MWh електрична енергија наменета пред сè за потребите за дополнителни снабдувања по одлуки и задолженија од Владата.
За набавката се потрошени 16.319,639 евра без ДДВ. Во оваа набавка беше вклучена и базна и пикова енергија кои се со различни цени, односно пониска и повисока, информираат од компанијата.
„Првичниот план за набавка на електрична енергија за декември изнесуваше 48.000 MWh електрична енергија, но по добиените задолженија од Влада на Република Северна Македонија за дополнително снабдување од 1 декември на уште 3 категории потрошувачи (Прехранбена индустрија, Основни и средни училишта и Јавни претпријатија за водовод) планот за набавка е ревидиран на количина од 64.000 MWh“ се вели во соопштението.
АД ЕСМ со сопственото производство целосно ги задоволува потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, како и најголемиот дел од количините за дополнително снабдување по субвенционирана цена за мрежата на ЕВН Електродистрибуција и МЕПСО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Самир Мане – првиот милијардер од Западен Балкан на листата на „Форбс“: престижниот магазин ја проценува неговата имотна состојба на 1,4 милијарда долари

Првпат еден претприемач од Западен Балкан се најде на реномираната листа на најбогати луѓе во светот што ја објавува магазинот „Форбс“.
Самир Мане, основач и претседател на BALFIN Group, се рангира на 2.356-тото место во светот, со проценета нето-вредност од 1,4 милијарда американски долари. Ова претставува највисока проценка на имотна состојба досега доделена на еден претприемач од регионот од страна на престижната економска публикација, која ја објавува листата од 1987 година.
„Во друг дел од Европа, Албанија оваа година го добива својот прв милијардер – Самир Мане, кој изгради богатство од 1,4 милијарди долари преку инвестиции во трговски центри, продавници за електроника и луксузни недвижности низ Балканот,“ наведува „Форбс“.
Мане го почнал својот претприемачки пат во 1993 година основајќи ја BALFIN Group, која подоцна ќе прерасне во една од најголемите и најдинамични инвестициски групации во регионот. Денес, групацијата има активности не само на Балканот туку и на меѓународно ниво, со значајни инвестиции во Австрија, САД и Канада.
Компаниите на BALFIN Group во Македонија
Во Македонија BALFIN Group има силно и диверзифицирано присуство преку неколку значајни компании и инвестиции:
· Нептун – водечки синџир за продажба на електроника и бела техника. · East Gate Mall – најмодерен трговски и lifestyle центар во Скопје, симбол на урбана трансформација.
· Skopje East Gate (SEG) – голем проект со мешана намена кој вклучува станбени, деловни и трговски содржини.
Овие инвестиции не само што создаваат работни места и ги внесуваат глобалните стандарди, туку и значително придонесуваат кон модернизацијата и развојот на македонскиот пазар.
Според „Форбс“, денес постојат над 3.000 милијардери во светот со заедничко богатство од 16.1 трилиони долари – највисока вкупна вредност досега. Само три земји сочинуваат повеќе од половина од вкупниот број: САД (813), Кина (450) и Индија (205). Во Европа, Германија е на врвот со 171 милијардер.
Вклучувањето на Самир Мане на листата на „Форбс“ не претставува само личен успех туку и симбол на растечката економска сила и потенцијал на регионот. Неговата приказна е доказ дека со визија, посветеност и доверба во Балканот може да се создаде глобален успех.
ПР
Економија
Мицкоски: Владата почнува постапка за набавка на 120 еколошки автобуси

Владата почнува постапка за набавка на 120 еколошки автобуси за јавен превоз за Скопје и општините, изјави премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање за усвоената информација на вчерашната седница на Владата, која се однесува на потребата од набавка на еколошки автобуси.
„Владата на вчерашната седница донесе одлука за почнување постапка за набавка на 120 автобуси. Од тие, 80 ќе бидат наменети за Јавното сообраќајно претпријатие во Скопје, а 40 во оваа првична фаза ќе бидат распределени на другите сообраќајни претпријатија во општините во кои имаме организиран јавен градски превоз. Врз основа на потребите и процените, електрични, еколошки автобуси“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата прави чекор напред во обезбедувањето чист воздух и пристојна животна средина за граѓаните.
„Она што е важно е што нема да има загадување, нешто што им е очајно потребно на граѓаните, особено за време на грејната сезона. Ние цениме како Влада, правиме чекор напред во таа насока. Рековме дека обезбедувањето пристојна средина за живеење на нашите сограѓани, во која составен дел е и чистиот воздух, за нас претставува императив. Но, тоа е процес што побарува многу време. Но, доколку седиме и гледаме дека времето си минува, ние ништо не правиме, не сме активни, туку сме реактивни, тогаш нема да дојдеме до решение. Затоа, ние сакаме да бидеме поактивни, да нудиме политики, да креираме политики и да дојдеме до нашата цел, а тоа е пристојна, убава животна средина за нашите сограѓани“, нагласи Мицкоски.
Економија
Народната банка: Сѐ поголема употреба на дигиталните канали за плаќање во земјата

Дигитализацијата носи значајни промени во начинот на кој граѓаните ги извршуваат своите плаќања. Во последните години, употребата на дигиталните канали за плаќање во земјава се зголемува, а овој тренд се задржува и во 2024 година, што се потврдува и со најновите податоци за платежната статистика коишто ги прибира, ги обработува и ги објавува Народната банка.
Во текот на 2024 година, граѓаните повеќе ги користеле кредитните трансфери (т.н. платни налози) за извршување на плаќања во земјава во споредба со претходната година, забележувајќи годишен раст од 11,2% кај бројот и 16,3% кај вредноста, соопшти Народната банка.
„Притоа, менувањето на навиките на граѓаните, т.е. сѐ почестото користење на дигиталните канали за извршување на плаќањата се согледува преку високиот годишен раст од 40,2% кај бројот и 47,0% кај вредноста на плаќањата иницирани по електронски пат, во услови на значително понизок раст на плаќањата на хартија на шалтерите на банките (0,2% и 10,0%, соодветно). Кај електронските плаќања, на граѓаните им е сѐ поважна едноставноста и брзината на плаќањата, поради што користењето на мобилните апликации бележи годишен раст од 47,3% кај бројот, односно 72,1% кај вредноста на остварените трансакции“, се наведува во соопштението.
Исто така, велат од Народната банка, граѓаните сѐ почесто ги користат платежните картички за извршување на секојдневните плаќања во трговијата.
Така, плаќањата со платежни картички за купување производи и услуги во земјава во 2024 година забележаа годишен раст од 14,6% кај бројот и 15,4% кај вредноста.
Според Нродната банка, растот на плаќањата со платежни картички е поддржан од широката распространетост на картичките во земјава коишто на крајот на 2024 година броеле 1,9 милиони.
„Притоа, 98,6% од платежните картички овозможуваат бесконтактни плаќања, што обезбедува удобност за граѓаните во извршувањето на плаќањата. Бројот на уредите за прифаќање плаќања со платежни картички на физичките места на продажба забележа годишен раст од 8,3% и достигна 34.778 уреди поставени кај 14.717 трговци. Притоа, 96,4% од овие уреди ја поддржуваат бесконтактната технологија што овозможува брзо и едноставно извршување на плаќањата во трговијата. Годишен раст од 4,4% е забележан и кај бројот на трговците коишто прифаќаат платежни картички при продажбата на стоки и услуги на физичките места на продажба во земјата“, се наведува во соопштението.