Економија
Ефектите врз нашата економија ќе зависат во голема мера од европската економија, вели гувернерката на НБРМ
Нашата економија, како мала и отворена е високо зависна од случувањата во европската економија. Засега не се очекува рецесија во Европската Унија. Европската централна банка, и покрај новонастаната ситуација со Украина, очекува годинава ЕУ да има раст, иако помал од првично очекуваниот. Сепак, ризиците се присутни и тие зависат од развојот на настаните, санкциите и времетраењето на кризата, посочува во интервју за јавниот сервис, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
„Ние сме отворена економија со многу силни врски со европската. Европската економија е наш најзначаен трговски партнер, каде извезуваме 77% од вкупниот извоз. Европската централна банка излезе со три прелиминарни сценарија, во зависност од развојот на тековните случувања во Украина. Сепак, би потенцирала дека оваа состојба е навистина неизвесна и тешко е било која централна банка да ги прави проекциите тековно, токму поради голема неизвесност“, посочува Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката вели дека засега се зборува за три канали преку кои руско-украинската војна би можела да ја погоди европската економија.
Првиот канал е потрошувачката, поради нагорните придвижувања на цените на примарните производи – енергенсите и храната. Повисоката инфлација ќе значи понизок реален расположив доход на домаќинствата кој би се одразил врз приватната потрошувачка. Сепак, според некои аналитичари овој ефект може да се ублажи преку акумулираното штедење во пандемискиот период, посочува Ангеловска-Бежоска.
Вториот канал преку кој руско-украинскиот конфликт може да влијае на европската економија е преку инвестициите. Во услови на висока неизвесност, по правило има поголема воздржаност на инвеститорите. Од друга страна се смета дека овој ефект би можел да биде ублажен со поголеми инвестиции во енергетскиот сектор, поради намалување на изложеноста кон руската економија – инвестиции кои би значеле зголемување на енергетската ефикасност и вложување во обновливи извори на енергија.
Третиот канал на влијание на тековната криза врз европската економија е трговскиот, посочува Ангеловска-Бежоска. Сепак, трговската поврзаност на европската со руската економија низ годините е значајно намалена, особено по анектирањето на Крим во 2014 година. Тековно, извозот на ЕУ кон Русија учествува со само 3%.
Нашата економија нема директна изложеност кон руската и украинската економија. Сепак, постојат ризици преку нашата поврзаност со европската економија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

