Економија
Заев: За загадувањето обезбедени се неколкукратно повеќе средства од сите претходни буџети
За борбата против аерозагадувањето обезбедуваме неколкукратно повеќе пари од кои било буџети претходно, рече премиерот Заев во дебатата за буџетот 2020 на националниот радиодифузен сервис и додаде дека има дополнителни 100 милиони денари во владината програма во Генерален секретаријат каде директно се спроведува политиката за борба против аерозагадувањето.
Тој истакна дека и во буџетите на повеќе министерства се предвидени еколошки програми, во кои влегува и аерозагадувањето и дека вкупно станува збор за над 15 милиони евра за борба против загадениот воздух.
„Ние од ЕСМ определивме 40 милиони евра за инверторите, ако се имплементираат 10-те милиони, ќе продолжиме понатаму без штедење. Ако успееме да ги имплементираме и реализираме, ќе сториме сè за да продолжиме со овие мерки. На 166-тата седница на Владата донесовме одлука да може да почне кампањата за информирање на граѓаните како да аплицираат за инверторите и кој има право да аплицира“, информираше премиерот Заев по однос на средствата што се предвидени во буџетот за идната година наменети за борба против аерозагадувањето.
Премиерот Заев подвлече дека продолжува инвестирањето во гасоводната мрежа, за гасоводот што поминува покрај Скопје, Тетово и Гостивар, а идната година ќе се продолжи трасата кон Кичево и ќе се инвестира во мрежата директно до градовите. Како што истакна премиерот, сите овие активности претставуваат индиректно инвестирање во борбата против аерозагадувањето, нагласувајќи дека ако почнеше гасификацијата да се гради порано, наместо градбите во „Скопје 2014“, резултатите во однос на борбата со загадувањето ќе беа подобри.
Заев нагласи дека во мерки за справување со аерозагадувањето спаѓа и зголемената поддршка за производството електрична енергија од обновливи извори, како и промената на сите филтри во градинките, училиштата, промената на системите на греење каде има гас, како Струмица, Куманово, Чаир, затворот „Скопје“.
„Сето ова се ставки кои ги плаќаат различни министерства. Правиме дополнителни анализи за актуелностите во многу земји, како што е решавањето на проблемот со температурните разлики кои предизвикуваат задржување на талогот над котлините. Работиме, и иако се чини дека веднаш граѓаните не можат да ги видат резултатите, фокусирани сме на тоа“, посочи премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

