Економија
Заев на трибина со Стопанската комора: Со членството во ЕУ и НАТО, економијата забрзано ќе се развива
Претседателот на Владата, Зоран Заев учествуваше на трибината „Перспективите на македонската економија од членството во ЕУ И НАТО“ во организација на Стопанската комора на Македонија, којашто се одржа во кругот на фабриката „Кромберг и Шуберт“ во индустриската зона Жабени, општина Битола.
„Податоците покажуваат дека од политиките на градење пријателство, на отворање перспективи кон големите пазари, отворање надеж и охрабрување за инвестиции, странските и домашните вложувања веќе се зголемуваат во Македонија. 327 милиони евра се странските директни инвестиции во првото полугодие во Македонија во споредба со лани, кога беа 105 милиони евра. Тоа е податок што покажува дека Македонија станува попријатно место, доволно мотивирачко овде да се создава профит, а очекувањето на државата е преку ваквите инвестиции странски или домашни да расте БДП“, потенцираше Заев.

Во однос на економските придобивки кои се очекуваат во иднина од воспоставеното пријателство со Република Грција, Заев рече дека преку комплетирање на изградбата на пругата Битола – Кременица, битолскиот регион инфраструктурно ќе се поврзе со Грција и како резултат на тоа се очекува да расте соработката на економски план помеѓу двете земји и да се продлабочуваат бизнис-релациите помеѓу граѓаните од двете земји.
„Она што е наша надеж е дека со отворањето на преговорите со ЕУ ќе имаме пристап до нови фондови. Паралелата што ја правиме помеѓу земји членки на ЕУ и земји кандидати како нас покажува десет пати повисоко користење или овозможување европски фондови. Ако Македонија за 2007-2014 имала на располагање 680 милиони евра, Хрватска имала за тој период кога била земја кандидат 850 милиони евра. Еве Хрватска денеска е земја членка и има 10 милијарди и 500 милиони евра фондови за користење за една програма во период од шест, седум години“, рече премиерот.
На трибината присуствуваше и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, кој истакна дека Владата оваа година во буџетот издвои рекордни средства, односно преку 30 милиони евра за поддршка на стопанството.

Овие средства пред сè се насочени кон поддршка на компаниите преку мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, среднорочната програма на работа на Фондот за иновации и технолошки развој, како и за мерките за вработување на Агенцијата за вработување.
„Владата издвојува средства за поддршка на конкурентноста на македонските компании. Слушнавме дека само околу 6% од компаниите се извозно ориентирани, а ние сакаме да го поттикнеме технолошкиот развој и иновации во компаниите за да бидат поконкурентни на меѓународните пазари. Како држава одвојуваме средства за развој, но во влез во ЕУ и НАТО компаниите добиваат шанса да црпат финансиска поддршка од фондовите на ЕУ. Еве на пример, за технолошки развој, компаниите во Бугарија имаат на располагање околу 400 милиони евра. Воедно се добива шанса да се конкурира на меѓународни тендери. Секако, треба да се испорача квалитет, но тоа е шанса за компаниите. Видете, нашиот идентитет е гарантиран, сега на македонскиот народ му треба економски раст и развој, а Владата секако работи на нови вработувања, на повисок стандард и со тоа на посилна економија. Растот на БДП во вториот квартал од 3,1% е добар чекор напред, бидејќи е креиран од реалната економија, од стопанството“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.
Економија
(Фото+видео) Николоски: Со одлична динамика се гради автопатот Гостивар – Букојчани
Задоволство е да се гледа прогрес и да се гледааат добри резултати во изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани. Имаме силна динамика, државата овозможува навремена логистика и со средства и во делот на експропријацијата и силната динамика ќе продолжи во следниот период за до крајот на 2029 година да возиме по овој автопат, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, времениот вршител на работите во Амбасадата на САД, Никол Варнс, заменици министри, пратеници, градоначалници и директорот на ЈПДП Коце Трајановски извршија увид во изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани.

„Работиме доста интензивно на оваа секција 2, односно на автопатот кој што оди од Гостивар до Букојчани, кој што од другата страна треба да се поврзе на автопатот Гостивар до Тетово, а во долната страна треба да се поврзе со автопатот кој ќе се гради од Букојчани до Кичево. Оттаму се поврзуваме на автопатот до Охрид и Струга кој веќе е во прогрес, така што ова е целиот автопат кој што оди на западното крило на Коридор 8, автопат кој што треба да го поврзе целиот овој регион, да донесе голем економски бенефит, повеќе бизнис и многу повеќе туристи” изјави вицепремиерот Николоски.



Тој истакна дека експропријацијата е завршена речиси 90 % што е за успех, а финансирањето е навремено што директно значи и навремена реализација на овој проект. Дополнително како што потенцира, градежништвото има историски раст од 21 %.
„Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте, во третиот квартал минатата година растот беше од 21 %, што не е запаметено во независна Македонија и така ќе продолжиме во периодот што е пред нас. Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 % од експропријацијата е завршена, до сега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Исто така целата логистика државата ја дава и останува компаниите да си ја завршат работата. Драго ми е што стоиме на мост што е 40 метри висок, ова е добро за македонските градежни компании и оние што ќе се занимаваат со градежништво во иднина, тука се вклучени Градежниот факултет, Архитектонскиот факултет и следните генерации да можат на конкретни и живи проекти да учат” истакна Николоски.


Упати благодарност до премиерот Мицкоски за подршката што ја дава за овој проект и најави силна динамика и крајот на 2029 година да биде завршен овој автопат без отстапки од рокот. Додаде дека интензивно се работи и на автопатите од Тетово до Гостивар како и автопатот од Прилеп до Битола.
Економија
Божиновска во теренска посета на „Мермерен Комбинат Прилеп“: Македонските ресурси мора да создаваат поголема додадена вредност дома
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека министерката Сања Божиновска реализирала теренска посета на рудниците и производствените капацитети на „Мермерен Комбинат АД Прилеп“.
Според соопштението на Министерството, Божиновска извршила непосреден увид во процесот на експлоатација на мермерот, условите за работа, механизацијата и технолошките процеси на комбинатот.
Раководството на компанијата ја информирало министерката за тековните инвестиции во модернизација на механизацијата, безбедноста при работа и мерките за рационално искористување на природните ресурси, со посебен акцент на одржливото користење на наоѓалиштето и заштита на животната средина.

Во соопштението се наведува дека на средбата се разговарало и за почитувањето на еколошките стандарди и обврските од концесиските договори, безбедносните услови за вработените, придонесот на компанијата кон локалната економија и можностите за зголемување на додадената вредност преку финална обработка на производите.

Божиновска истакнала дека теренските посети се клучни за реален увид во функционирањето на секторот и за креирање политики базирани на фактичка состојба.
„Природните ресурси се национален капитал и нивната експлоатација мора да значи поголема економска корист за државата и граѓаните. Наш приоритет е природните ресурси да носат долгорочна корист — преку инвестиции, нови технологии, безбедни работни услови и поголем степен на финална обработка. Рударството има силна економска улога, но неговиот развој мора да биде одговорен, транспарентен и во согласност со највисоките стандарди Нашата цел е јасна — модерно, одговорно и конкурентно рударство кое создава вредност дома, отвора работни места и обезбедува одржлив развој. Компаниите кои инвестираат во технологија, безбедност и заштита на животната средина се важен партнер во економскиот развој“, се наведува во соопштението.
Министерството додава дека посетата е дел од пошироките активности насочени кон засилено присуство на терен, подобра комуникација со индустријата и унапредување на надзорот и одржливото управување со минералните ресурси.

