Економија
Заев од Македонска Каменица: Почнува реконструкција на патот кој го поврзува градот со рудникот „Саса“

Претседателот на СДСМ и мандатар за составување на Влада, Зоран Заев, денес имаше повеќе теренски активности во Македонска Каменица.
Тој најави целосна реконструкција на патот од Македонска Каменица кон рудникот „Саса“ во должина од 10 километри.
„Проектот е вреден 2,27 милиони евра кои се обезбедени преку ЕБДР. Минатата година е завршена комплетната проектна документација, а од денес се пристапува кон комплетно санирање на патот кој не е реконструиран повеќе од 40 години. Дополнително ќе се работи и на изградба на придружни елементи“, соопшти СДСМ.
Од партијата велат дека ова е еден од капиталните проекти во источна Македонија, кои заедно со реконструкцијата на делот Крупиште, Узем-рудник Тораница и овој пат ја комплетираат главната патна инфраструктура во овој регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
УЈП: Уште три дена за поднесување на ДДВ-04 пријавите

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници да ги достават потребните документи до своите сметководители и навреме да ги поднесат ДДВ-04 пријавите за тековниот даночен период.
Крајниот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавите е 25-ти јули 2025 година (петок).
Досега, од очекуваните 41.171 ДДВ-04 пријави, поднесени се вкупно 16.015, што е близу 40% од вкупниот број на даночни обврзници кои треба да поднесат пријава и претставува зголемување од 10 п.п. во однос на претходните два квартала, кога за истиот период биле поднесени околу 30% од очекуваните пријави.
Сепак, велат од УЈП, остануваат уште 25.156 ДДВ-04 пријави да се поднесат до петок кога е и крајниот законски рок за поднесување на ДДВ-04 пријавите.
Управата за јавни приходи апелира до сите даночни обврзници да ги исполнат своите законски обврски навремено, за да избегнат стрес и дополнителни финансиски трошоци.
„Навременото поднесување на ДДВ-04 пријавата е од исклучителна важност за правилното усогласување со даночните прописи, одржување на финансиската стабилност на бизнисите и за развојот на економијата“, велат од УЈП.
Економија
Мицкоски: Потпишан меморандум со „Казанџи груп“ – стратешки проект во енергетиката вреден 1 милијарда евра

Премиерот, Христијан Мицкоски, со претставник од компанијата „Казанџи Груп“ денеска потпишаа меморандум, со кој, според премиерот, се отвора простор за стратешки проект во енергетиката вреден 1 милијарда евра.
„Денеска испраќаме јасен сигнал дека имаме волја, план и капацитет да го обезбедиме својот енергетски суверенитет и да го заштитиме својот економскиот интерес на државата на долги патеки. Со потпишувањето на овој меморандум со „Казанџи Груп“, отвораме простор за реализација за значаен стратешки проект, вреден до една милијарда евра инвестиција што ќе има реално, практично и долгорочно влијание врз енергетскиот систем на државата“, рече Мицкоски.
Тој појасни дека проектот предвидува три главни компоненти: развој на нови капацитети за производство на електрична енергија; изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас и мерки за зголемување на сигурноста во снабдување со гас.
„Ова не е само инфраструктурен проект. Ова е проект што ја засега безбедноста, стабилноста и економската иднина на државата. Енергијата е основа за секој вид производство, за функционирањето на институциите, за нормалниот живот на граѓаните. Да имаме свој извор и стабилна дистрибуција значи да имаме сигурност, предвидливост и контрола врз еден од најважните системи во државата“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека со оваа инвестиција се отвораат и нови можности за индустријата, се поддржува гасификацијата, се отвораат нови работни места, и се зајакнува енергетската отпорност на државата. Истовремено, додаде Мицкоски, со развојот на домашни производствени капацитети се намалува зависноста од увоз и влијанието на надворешни ценовни и политички ризици.
Економија
Линеарното покачување на пензиите од 1.000 денари ќе стигне во Собранието пред да се распишат изборите, вели Мицкоски

Владата, на денешната седница, ќе го разгледа предлог-законот со кој пензиите, место процентуално, наесен и следната пролет ќе се покачат линеарно по 1.000 денари. Премиерот Христијан Мицкоски очекува да бидат изгласани пред да бидат распишани претстојните локални избори.
„Јас веќе најавив дека очекуваме линеарно зголемување на пензиите. Тоа практично го бараат пензионерите од Владата. Тој процент, во согласност со законот, кој треба да се зголеми, да биде линеарно распределен на сите корисници на пензии. Ние тој глас го слушнавме како Влада. Денеска, на седница на Владата би требало да помине предлог-законското решение и веднаш потоа да биде испратено до парламентот. Очекувам парламентот пред распишувањето на локалните избори тоа да го изгласа позитивно“, рече денес премиерот Мицкоски.
По двете линеарни покачувања на пензиите од 2.500 денари, во септември минатата година и во март годинава, беше предвидено наесен пензиите да се зголемат процентуално, односно според растот на инфлацијата и просечната плата, во согласност со системското решение што го воведе претходната власт во 2022 година кога беше предвидено пензиите двапати годишно да се усогласуваат со трошоците за живот.
Според официјалните податоци од Фондот за пензиско осигурување, во земјата има 345.245 пензионери. Најниската пензија, по двете линеарни покачувања, изнесува 18.192, а највисоката надмина 85.000 денари.