Економија
Заев, Шекеринска и Ковачевски: НАТО пазарот со годишна вредност од 5 милијарди евра стана достапен за македонските компании
Со членството на Република Северна Македонија во НАТО – Алијансата и по усогласувањето на домашното законодавство, компаниите од нашата земја сега имаат можност да учествуваат во постапките за набавките за потребите на НАТО и земјите-членки, и вкупната вредност на овие набавки, за кои на ниво на Алијансата е задолжена Агенцијата за поддршка и набавки на НАТО надминува 5 милијарди евра годишно, беше речено на денешната прес конференција на претседателот на Владата Зоран Заев, на министерката за одбрана Радмила Шекеринска и на заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, по повод промоцијата на НАТО Центарот за поддршка на компаниите.
Премиерот Заев истакна дека Владата ги направи првите чекори за да го обезбеди рамноправното учество на нашите компании во набавките за НАТО и дека освен обезбедувањето на нашата иднина на безбедносен план, обезбедени се и низа други можности од кои непосредни придобивки ќе има нашата економија, нашите компании, нашите граѓани.
„Сакаме да ги увериме деловните луѓе, стопанските комори и сите останати бизнис асоцијации, дека НАТО Центар за поддршка на компаниите не е само уште една бирократска алка во постапката, туку доверлив партнер со сите информации и знаења за да ви ја олеснат процедурата и да ви помогнат дали ги исполнувате условите за да учествувате во набавките за НАТО за да станат деловен партнер на најголемата воена алијанса во светот“, нагласи премиерот Заев.
Тоа се потенцијали за дополнително раздвижување на целата наша економија, посочи премиерот, затоа што е широк спектарот за потребите на НАТО за кои се распишуваат набавки, а за огромен дел од тие потреби во нашата земја има компании што ги нудат тие производи или услуги со конкурентни цени.
Огромни можности се отвораат и за компаниите од информатичко-компјутерската дејност, потенцираше премиерот Заев, и тие да бидат контрактори или подизведувачи на софтверски и други компјутерски решенија за компании како што се Ер Бас Дифенс енд Спејс, Атос Белџм, Ај-Би-еМ Белџм, Вектор Синерџи и други информатички џинови.
„Ние сме НАТО, и сега, како дел од евроатлантското семејство, сите нејзини земји членки ја прифаќаат Република Северна Македонија како доверлив и достоинствен партнер во најмоќниот воено-безбедносен сојуз на светот и во делот на економската соработка во поддршката на мисијата на алијансата“, истакна претседателот на Владата Зоран Заев во обраќањето на прес-конференцијата за промоција на НАТО Центарот за поддршка на компаниите.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска нагласи дека Центарот за поддршка на компании веќе е формиран во Министерството за одбрана и ги повика компаниите да го прифатат предизвикот и да учествуваат на тендерите за набавки на потребите на Алијансата.
„Станува збор за навистина компетитивен пазар кој не треба да ни претставува пречка, туку да ни биде дополнителен мотив да бидеме подобри, поефикасни и поквалитетни“, рече министерката Шекеринска.
Шекеринска порача дека поддршката ќе биде суштинска и сеопфатна и ги охрабри домашните компании да се впишат во евиденцијата на економски оператори и да се здобијат со потврда за исполнетоста на условите за учество во постапките за НАТО набавки.
„Преку Центарот за поддршка на компании, ќе им помагаме на компаниите првенствено да извршат регистрација во НАТО агенциите, а потоа да добијат пристап кон објавените тендери. Центарот ќе помага со пренесување на научените лекции за успешно аплицирање на тендери, како и за поврзување на македонските компании со светските гиганти кои веќе имаат активни договори со НАТО агенциите, а имаат потреба од добавувачи“, рече министерката и додаде дека процесот на регистрација е едноставен, а сите информации можат да се најдат на веб – страницата на Министерството (Центар за поддршка на компании).
Заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски рече дека со влезот во НАТО освен безбедносните и политичките, се зголемија и економските потенцијали за нашата земја и како придонес во таа насока Министерството за финансии ги реализираше своите обврски од Програмата за продолжување на реформите за членството во НАТО со новиот Закон за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста со што се воведоа процедури кои им овозможуваат на нашите компании да учествуваат на НАТО тендерите.
„Отворањето на овој голем пазар е шанса за нашите компании и импулс за раст на економијата. Министерството за финансии ќе продолжи со средби со бизнис заедницата за да им помогнеме да бидат квалификувани за учество во набавките на НАТО“, потенцираше заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски на промоцијата на НАТО Центарот за поддршка на компаниите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Директна авиолинија Скопје – Прага, за Божиновска таа е реална врска меѓу двете економии
Со првиот лет на новата директна авиолинија Скопје – Прага, земјава прави значаен исчекор во унапредувањето на меѓународната поврзаност, економската соработка и мобилноста на граѓаните, истакнуваат во соопштението од Министерството за енергетика.
На настанот по повод воспоставувањето на авиолинијата се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, генералниот директор на TAV Македонија, Неџат Курт, како и претставници на Wizz Air.
Како претседател на Мешовитата комисија за економска соработка, министерката информираше дека иницијативата за директна авионска линија била покрената на Заедничкиот македонско-чешки состанок во Прага, во март годинава, како дел од пошироката агенда за продлабочување на билатералните односи и олеснување на бизнис-комуникацијата.
Божиновска истакна дека воспоставувањето на директната линија не е случаен потег, туку резултат на јасна визија и конкретна иницијатива.
„Оваа авиолинија е реална врска меѓу две економии, два пазара и две општества. Поврзаноста е предуслов за развој, за мене, оваа линија има и силна лична димензија. На 20 август 1998 година се иселив во Прага, во време кога немаше директен лет меѓу нашите две земји. Поврзаноста беше комплицирана, скапа и временски исцрпувачка. Од 2005 до 2012 година постоеше директна линија и од лично искуство знам колку директната авионска врска значи – не само симболично, туку реално, за животот, за бизнисот и за секојдневната комуникација меѓу луѓето. Затоа, уште од првиот ден како министерка, силно се залагам за продлабочување на врските меѓу Македонија и Чешка и за создавање реални услови што ќе ја олеснат таа поврзаност“ , нагласи Божиновска.
Според надлежните, директната авиолинија Скопје – Прага ќе придонесе за зголемен туристички и деловен сообраќај, подобра мобилност на граѓаните и посилно вклучување на Македонија во европските економски текови.
Авиосообраќајот е важен сегмент од целокупната стратегија за модерна инфраструктура, економски раст и регионална интеграција, при што ваквите проекти се реализираат преку координирана соработка меѓу институциите и приватниот сектор.
Министерката Божиновска ја поздрави соработката меѓу TAV Македонија и Wizz Air, оценувајќи дека таа е пример за ефикасно партнерство кое носи конкретни резултати за граѓаните и економијата.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,09% во однос на одлуката од 12.12.2025 година.
Од 16.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,248 ден/кг и сега ќе изнесува 32,635 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 4,932%, кај дизелот за 4,357%, кај екстра лесното масло за 1,790% и кај мазутот намалувањето е за 1,013%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1167%.
Економија
СЕТЕК РОДЕНДЕН во СИНО – блискост, радост и исполнети желби
СЕТЕК го обои овој декември во сино – симбол на блискост, доверба и на вредноста на желбите што си ги упатуваме едни на други. Декември е месец кој поттикнува поврзување и ја истакнува магијата на споделената радост. Денес, многу од тие желби се поврзани со технологијата која го прави животот поедноставен, порадосен и поубав.
Веќе 32 години, СЕТЕК ја следи мисијата – да ги поврзува луѓето и технологијата, да креира успех и да инспирира радост.
Годинава, роденденот на СЕТЕК се поврзува со кампањата Blue December, која ја слави моќта на дарувањето и можноста за блискост со техниката. Поволностите што ги нудиме – роденденски и во текот на целиот месец – не се само обични попусти. Тие се внимателно осмислени решенија за сите кои сакаат да израдуваат некој свој близок, со вистинска вредност, значење и впечаток.
“Упатуваме искрена благодарност до сите кои низ годините се дел од нашата мисија – заедно растеме, се усовршуваме и го приближуваме светот на технологијата до секој човек. Вашата поддршка и доверба ни овозможуваат да продолжиме и да го подобруваме секојдневието на луѓето” – изјавија од Сетек.
Нека овој декември биде исполнет со топли моменти, споделена радост и остварени желби – вистински празнично син. Нека секој подарок, секоја насмевка и секое внимание, поттикне искрена поврзаност што ќе нѐ потсетува колку е важно да бидеме тука едни за други.
Сетек нуди голема палета на улуги како лојална програма, кешбек, премиум достава, можности за кредитирање.
Промотивните попусти ќе бидат достапни во сите салони на Сетек низ земјата, како и онлајн преку веб-страницата www.setec.mk
Придружете ни се во прославата со специјални роденденски попусти!
ПР

