Економија
Запознајте го SEAT Tarraco – новиот член на SEAT семејството
SEAT Tarraco е третиот, но и најголем SUV на познатиот шпански производител којшто се придружува на фамилијата што ја сочинуваат Arona и Ateca.Големиот SUV нуди голема флексибилност на купувачите со опција за 5 и 7 седишта. Tarraco е првиот модел што го открива дизајнот на SEAT за следните години.
Tarraco го доби своето име од медитеранскиот град Tarragona, и во хиерархијата на SEAT е на самиот врв на SUV гамата, над помалите браќа, Ateca и Arona. Тој е развиен на истата MQB платформа како и Ateca, но Tarraco е поголем во должина и висина. Продажбата на новиот Tarraco ќе започне на почетокот на следната година, а новиот SUV на SEAT ќе се произведува во фабриката на Volkswagen во Wolfsburg, Германија.

Дизајнот претставува еволуција на дизајнерскиот јазик на SEAT – аглестите предни светла се поставени околу хексагонална маска на ладилникот која најавува во која насока ќе се движи дизајнот на SEAT во следните неколку години. Профилот пак е чист – без непотребни линии и форми, додека задниот дел јасно кажува дека се работи за SEAT, но со малку поинакви линии и детали.
Внатрешноста на овој модерен SUV е модерна и едноставна. Прво што паѓа во очи е дизајнот во однос на другите модели на SEAT. Централно е поставен големиот, 8-инчен мултимедијален уред, а пред возачот се наоѓа 10.25 инчен дигитален панел со инструменти. Меѓу другото, Tarraco добива и DCC систем за динамична контрола на суспензијата, системи за следење на коловозната лента, систем за препознавање пешаци и велосипедисти, следење на слепата точка и уште многу, многу повеќе.

Гамата на мотори ја сочинуваат два бензински и два дизел мотори, сите со турбополнење. Основен мотор во понудата е 1.5-литарскиот TSI турбо-бензинец кој испорачува 150 коњски сили и се комбинира со шест-степен мануелен менувач и погон на предните тркала. Над него е 2-литарскиот TSI со 190 коњски сили кој може да се добие со седум-брзински DSG менувач и 4Drive погон на сите четири тркала.
Дизел варијантата, пак, доаѓа со турбодизел опцијата, а тука е добро-познатиот 2.0 TDI со 150 или 190 коњски сили. Послабата верзија може да се добие со мануелен менувач и погон на предните тркала, или пак автоматски менувач и погон на сите четири тркала. Помоќниот турбодизел е достапен само со автоматски менувач и погон на сите четири тркала.
Во прилог погледнете го и официјалното видео за SEAT Tarraco: https://www.youtube.com/watch?v=amds-Fu7f24
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)

