Економија
За конкурентна економија потребни се стручни вештини и зелени иновации
Четирите центри за извонредност на стручно образование и обуки за зелени иновации, формирани во Скопје, Грац – Австрија, Васа – Финска и Лерија- Португалија придонесуваат во создавање квалификуван кадар меѓу младите и веќе вработените за прилагодување кон нови технологии и зелена транзиција, процес од кој зависи конкурентноста на бизнисите и економијата, беше истакнато на прес-конференција што се одржа на Машински факултет во Скопје. Настанот беше дел од неколкудневна работилница на која присуствуваа триесетина претставници од четирите земји како партнери во проектот „GREENOVET“ кофинансиран од Европската Унија, во чии рамки се формираат овие центри.
Проф. д-р Радмил Поленаковиќ од Машински факултет – Скопје појасни дека целта на работилница е да се постават основите за одржлив развој и самостојно функционирање на новоформираните центри за извонредност.
„Машинскиот факултет е горд што како учесник во проектот е домаќин на еден ваков центар кој меѓу првите се формира во Европа. Овие центри треба да ги подготват младите да се прилагодат на процесот на зелената транзиција која веќе се случува и која ќе има огромно влијание и врз начинот на размислување и однесување, но и врз системите на функционирање на целата индустрија. На пример, Европската група за транспорт и заштита на животна средина предлага до 2035 година целосно да се укине производство и продажбата на возила со внатрешно согорување кои работат на бензин, односно дизел. Доколку овие барања се усвојат на претстојниот самит на ЕУ, тоа значи дека и образовниот систем, но и индустријата, особено автомобилската, треба целосно да се преобрази и да се сврти кон новите зелени технологии. Овие центри треба да подготват соодветни човечки ресурси кои ќе бидат спремни да ги развиваат и имплементираат овие нови технологии“, изјави проф. д-р Поленаковиќ, потенцирајќи дека Машинскиот факултет и новооснованиот центар се мостот за соработка помеѓу истражувачките активности, индустријата, невладиниот сектор и образовните институции.
Во рамките на Центарот во Скопје се организираше средношколски натпревар „Најдобар бизнис-концепт 2022 година” кој овозможи практична примена на вештините за развој на зелени иновации кај младите.
„Центарот ќе придонесе и за развојот на капацитетите на партнерите во проектот, преку обуки, како овие што сега се одржуваат на Машинскиот факултет од страна на светски реномирани експерти кои ќе придонесат за работата на центарот, но и за неговата одржливост, како и за развојот на услугите кои ќе ги нуди на сите чинители во стручното образование и обука. Центарот само потврдува дека Македонија воопшто не заостанува во исполнувањето на зелената агенда во рамките на ЕУ и дека директно сме вклучени во голем дел од активностите кои ја поддржуваат зелената транзиција“, истакна доц. д-р Трајче Велковски, раководител на Центарот во Скопје.
Покрај Машинскиот факултет, како проектни партнери од нашата земја вклучени се и Сојузот на стопански комори на Македонија, Национален центар за развој на иновации и претприемничко учење, Раде Кончар ТЕП и АСУЦ „Боро Петрушевски“.
Бојан Јовановски, координатор на проектот GREENOVET и претставник на Универзитетот за применети науки FH JOANNEUM во Грац, Австрија, изрази задоволство што првата обука за развојот на овие центри, а воедно и првиот проектен состанок „во живо“, се одржува во Скопје.
„Споменав дека соработката е најважна за успех. Но не само соработката помеѓу партнерите, туку соработката со сите чинители на екосистемот за вештини. Затоа би сакал да ги повикам сите претставници од стопанството, образованите институции, владини и невладини организации, кои на било кои начин сметаат дека можат да влијаат на развојот на вештини да ги контактираат колегите од Центарот во Скопје и да придонесат кон развојот на Македонија во регионален лидер во зелената транзиција“, истакна Јовановски.
Проф. д-р Дорис Киендл, раководител на Институтот за меѓународен менаџмент при Универзитетот за применети науки JOANNEUM во Грац, Австрија, истакна дека многу е важно да останеме конкурентни во Европа во услови на силната компетенција на глобалните чинители, што може да се постигне со заедничка и посветена работа.
„Проектот GREENOVET дава придонес за подобрување на конкуренцијата бидејќи ќе доведе до повеќе квалификувана работна сила во овие четирите региони. Европската комисија го означи Европскиот зелен договор како клучен приоритет. Затоа, нашите центри за извонредност се фокусираат на зелените иновации. Потребни ни се висококвалификувани луѓе кои можат да ги поттикнат зелените иновации во Европа, бидејќи имаме важни задачи што треба да ги решиме во областите на циркуларна економија, управување со енергија и транспорт, новите технологии како и претприемништвото поврзани со зелената транзиција“, истакна проф. д-р Киендл, која ја потенцираше силната соработка со земјите од Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонски производи во износ од 15,5 милиони евра извезени преку мрежата на Лидл во 2025 година
Извозот на македонски производи во 2025 година преку продажната мрежа на Лидл достигна 15,5 милиони евра, што е јасен показател за извозниот потенцијал на домашните производи и можноста за пласман на европските пазари што ја нуди Лидл. Ова претставува огромен раст, во споредба со 5 милиони евра извоз во 2024 година и 570 илјади евра во 2023 година.
Странските пазари најголем интерес покажаа за трпезното грозје, од кое беа реализирани приходи од 3,3 милиони евра, а имаше најголем пласман во Полска. Одлични резултати имаше и од извозот на јагнешко месо во Бугарија, чија продажба донесе прилив од 2,2 милиони евра.
Дека свежото овошје и зеленчук се еден од домашните извозни адути покажа податокот според кој од вкупниот износ од 15,5 милиони евра, во минатата година беше реализиран извоз од 5 милиони евра. Преку мрежата на Лидл се извезени 15 вида од овие земјоделски култури, од преку десет добавувачи. Петте најизвезувани производи беа грозје, зелка, пиперка, моркови и домати, кои одлично поминаа во Бугарија, Германија, Романија, Полска, Словачка, Србија, Чешка и други земји. Во рамки на редовниот извоз од 7 милиони евра доминираа конзервираните производи, со остварени продажби во странство од 5,8 милиони евра, по што следуваат кондиторските, млечните производи, како и виното и пијалаците.
„Постои голем потенцијал за извоз на македонските производи. За нас во Лидл е успех што можеме да ги поддржиме и да бидеме мост за македонските производи кон европските пазари. Постојано соработуваме со производители од земјава и сме особено горди што на десетици компании можеме да им помогнеме во процесите на сертификација, зголемување и унапредување на капацитетите за производство и да овозможиме извоз на европските пазари“ изјави Стефан Георгиев, комерцијален директор на Лидл Северна Македонија.
Преку иницијативата „Македонска недела“, Лидл во претходните две години организираше 22 промоции во маркетите во Бугарија, Словенија, Србија и Хрватска, со понуда на над 70 македонски производи од 17 добавувачи и над 2.200 палети производи, правејќи ги многу повидливи и препознатливи за странските потрошувачи.
Лидл се позиционира како сериозен и значаен партнер на македонската економија, со мерливи резултати во извозот на домашни производи и конкретна поддршка на домашните компании. Со отворањето на маркети низ целата земја компанијата очекува зајакната соработка со домашните производители, со цел на потрошувачите да им понуди широк спектар на квалитетни производи по пристапни цени.
(ПР)
Економија
Забрзување на енергетската транзиција: Јасен план и координиран пристап – одржан состанок на JETIP Инвестициската платформа
Денеска се одржа четвртиот координациски состанок на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција (JETIP – Just Energy Transition Investment Platform), на кој клучните актери разговараа за напредокот во политиките, планирањето и регулаторните реформи што ја поддржуваат праведната енергетска транзиција на Северна Македонија.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, истакна дека во изминатиот период Министерството е фокусирано на зајакнување на политичките и планските основи неопходни за ефективна имплементација на Инвестициската платформа.
Во таа насока, подготвени се два Годишни планови за развој на енергетскиот сектор за 2025 и 2026 година, усогласени со приоритетите на праведната транзиција, кои обезбедуваат јасна краткорочна рамка за реализација на проектите и подготвеност за инвестиции.
Паралелно, Националниот план за енергија и клима ја заврши фазата на јавни консултации и влезе во завршна фаза на финализација. НЕПК ги обединува целите за декарбонизација, развојот на обновливите извори на енергија и потребите за флексибилност на енергетскиот систем, со посебен фокус на регионите погодени од транзицијата од јаглен. По неговото усвојување, Планот ќе претставува стабилна основа за јавните и приватните инвестициски одлуки.
На регулаторен план, во завршна фаза е и подготовката на Законот за обновливи извори на енергија, со чијштоo усвојување ќе се создадат услови за значително забрзување на инвестициите и исполнување на целите за декарбонизација.
Овие активности не претставуваат изолирани реформи, туку овозможувачки чекори за реализација на проектната рамка на Инвестициската платформа.
Владата уште еднаш ја потврди својата силна посветеност на праведната енергетска транзиција, поддржувајќи ја Инвестициската платформа како клучен механизам за координација, инвестиции и забрзана имплементација на реформите.
Економија
НБРМ: Усвоен Кварталниот извештај, макроекономските движења во согласност со очекувањата на Народната банка
Советот на Народната банка, на седницата одржана на 3 февруари 2026 година, го усвои Кварталниот извештај, во кој се наведува дека макроекономските показатели упатуваат на стабилни остварувања во најважните сегменти на економијата и во најголем дел се во согласност со октомвриските проекции на Народната банка. Домашната инфлација очекувано забави под влијание на забавувањето на базичната инфлација, а домашната економската активност умерено забрза. Банкарскиот сектор и натаму остварува солиден раст на депозитната база и кредитната активност, а девизните резерви се задржуваат на соодветно и сигурно ниво.
Народната банка продолжи со унапредувањето на својот оперативен инструментариум заради поддршка на ефикасното спроведување на монетарната политика. Во последниот квартал од 2025 година, таа изврши приспособување на оперативната монетарна рамка заради подобрување на управувањето со ликвидноста и зајакнување на монетарната трансмисија. Со измените се става посилен акцент на инструментите со пократок рок на достасување и на почестите операции, што овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари, без да се менува поставеноста на монетарната политика.
Во Кварталниот извештај се наведува дека во четвртото тримесечје од 2025 година годишната стапка на инфлација изнесуваше 4,2%, што претставува очекувано забавување. Инфлацијата за целата 2025 година, во просек, изнесува 4,1%, што е близу до октомвриските согледувања. Според октомвриските оцени, за 2026 година и на среден рок се очекува забавување на инфлацијата и постепено враќање кон историскиот просек. Сепак, и понатаму постојат одредени ризици, при што главните извори на неизвесност се поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, геополитичките тензии и процесите на трговска фрагментација, како и со одредени домашни фактори што влијаат врз побарувачката.
Во третиот квартал од 2025 година, реалниот годишен раст на бруто домашниот производ забрза и од 3,5% во претходното тримесечје се искачи на 3,8%, што е малку повеќе од оцената во рамките на октомврискиот циклус проекции. Според основното сценарио од октомври, за целата 2025 година се очекува забрзување на економскиот раст којшто би изнесувал 3,5% (3,0% во 2024 година), а во 2026 година, како и на среден рок дополнително би се засилил и би достигнал 4,0%.
На крајот на 2025 година, нивото на девизните резерви достигна 4.920,5 милиони евра и според сите релевантни показатели, обезбедува соодветна поддршка за одржување на стабилноста на домашната валута.
Податоците од монетарниот сектор укажуваат на натамошна солидна кредитна поддршка за економијата и зајакнување на депозитната база на банките. Во четвртиот квартал од 2025 година, годишниот раст на вкупните кредити изнесуваше 13%, при годишен раст и на депозитите од 10%, што е малку над нивото проектирано за крајот на годината.
На седницата, Советот на Народната банка разгледа и други точки поврзани со тековното работење на Банката.

