Економија
За првпат издадена 30-годишна државна обврзница на македонскиот пазар на капитал
Денеска за првпат на македонскиот пазар на капитал е издадена државна обврзница со време на достасување од 30 години. Ова е сигнал за довербата на инвеститорите во македонската економија бидејќи зголемената рочност, односно време за враќање на средствата укажува на зголемена доверба. Големата доверба се покажа и преку двојно поголемата побарувачка на инвеститорите за 30-годишната обврзница во однос на понудениот износ од Министерството за финансии.
Македонија, покрај Словенија, е единствената земја во регионот која издала 30-годишна обврзница. Најблиску до оваа рочност во регионот дошле членките на Европската Унија – Бугарија, која издала 20-годишна обврзница, и Хрватска каде најдолг рок на кој е издадена државна обврзница е 13 години. Обврзници со достасување од 30 години имаат земји како Германија и САД. Обврзница со највисока рочност има издадено Австрија, односно 100-годишна обврзница.
„Македонската економија е повторно на вистинска патека. Економските показатели укажуваат на нејзино раздвижување. Безусловната препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ, добрата фискална политика и подобрувањето на изгледот на кредитната агенција ‘Фич’ за Македонија, доволно говорат за патот по кој се движиме. Врз основа на сето ова може да излеземе на пазарот со инструмент како 30-годишна државна обврзница, кој укажува на силна доверба од инвеститорите. Таа исто така е показател дека македонската економија веќе се стреми кон повисоко ниво“, вели министерот за финансии, Драган Тевдовски.
Инвеститори во 30-годишната обврзница се приватните пензиски друштва и осигурителни компании.„Имајќи ги предвид обврските на фондовите, целите кон кои е насочена инвестиционата стратегија и возраста на членството на фондовите, инвестирањето во 30-годишна обврзница е од најдобар интерес на нашите членови и остварување на нивните долгорочни цели. Макроекономската стабилност и позитивните очекувања за долгорочен раст дополнително даваат поткрепа на одлуката за инвестирање во овој инструмент“, истакнаа од КБ Прво пензиско друштво.
„Го поздравуваме издавањето на триесетгодишната државна обврзница. Ние како друштво за управување со пензиски фондови, во рамките на размената на идеи со Министерството за финансии, претходно ја истакнавме потребата од издавање обврзници со поголема рочност, која ќе одговара на рочноста на обврските по основа на пензии за членовите на пензиските фондови со кои управуваме. Со инвестирање на дел од средствата во овој инструмент за членовите се обезбедува стабилен долгорочен принос, што претставува дополнителен квалитет за портфолијата на пензиските фондови. При управувањето со средствата на нашите членови секогаш се водиме од принципите за најголема сигурност и квалитет во рамки на законските можности и дозволени инструменти за инвестирање“, велат од НЛБ Нов пензиски фонд.
Новата 30-годишна обврзница е продадена на сума од една милијарда и 200 милиони денари (19,5 милиони евра), што претставува половина од побарувачката од страна на инвеститорите. Каматна стапка е 4,85%. Покрај довербата, издавањето долгорочни хартии од вредност го намалува ризикот на рефинансирање на јавниот долг. Така, ако во март 2012 година 92% од издадените државни хартии од вредност биле краткорочни, а 8% се со поголема рочност, во март 2018 овој сооднос е 40% краткорочни наспроти 60% долгорочни хартии од вредност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

