Економија
За функционерите покачени плати веднаш, за УЈП и Царина треба собраниско толкување – Битиќи убеден дека институциите нема да се блокирани
Вицепремиерот Фатмир Битиќи ја префрли топката во Собранието, кога беше прашан за платите на вработените во УЈП и Царина. Новинарите го потсетија дека функционерите веднаш си ги покачија платите по одлуката на Уставен суд, а не ја спроведуваат законската обврска за покачувањето на платите на вработените во овие две институции.
Битиќи на забелешката, дека државата не го почитува законот, рече: „…Постои механизам на автентично толкување во Собрание. Ако Собрание ни потврди дека да и УЈП и Царина треба да добијат покачување на плата како другите вработени во Финансии – немам никаков проблем да изгласаме таква одлука на Влада за повисоки плати“.
Според вицепремиерот Фатмир Битиќи нема да дојде до блокада на институциите во државата, поради штрајкот на вработените во УЈП, бидејќи, како што рече тие се во преговори со синдикатите, како и дека имаат помирувач во процесот.
„Предлози се даваат на маса, по медиуми можеме се да си кажуваме, ние знаеме што имаме добиено. Имаме добиено предлог од нив дека методологијата за плати треба да биде заснована на просечна плата помножено со коефицинет, ние кажавме дека тоа е прифатливо за владата, како што е и постоечката методологија која се аплицира во државата. Двата модела треба да се разговараат на маса и секако таму да се бара решение. Предложивме преоден период од пет години, тие рекоа не, сега го кратиме на 2,5 години“ објасни Битиќи.
Тој додаде дека тоа се делови од новиот предлог што ќе биде пуштен до синдикатите и тврди дека со тој модел сите вработени во јавниот сектор ќе добијат достоинствени плати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

