Економија
Значителен раст во енергетскиот сектор во март 2025 година

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот „Енергија“ во март 2025 година бележи значителен раст од 13.8% во однос на истиот месец претходната година.
„Особено позитивен е растот од 12.9% во групата „Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“, што претставува силен показател за стабилноста и динамиката во енергетскиот сектор. Со усвојувањето на новиот Закон за енергетика, се очекува ваквиот позитивен тренд да продолжи и во наредниот период, преку интензивирање на инвестициите во обновливи извори на енергија, модернизација на мрежата и развој на батериски системи за складирање на електрична енергија. Законот предвидува јасни механизми за поддршка на енергетски проекти, што ќе придонесе за одржлив раст и долгорочна енергетска сигурност“, велат од Министерството.
Од таму најавија дека во периодот што следува, приоритет ќе биде реализацијата на проекти кои значат поголема енергетска независност и стабилност на системот. Новата законска рамка ќе овозможи поинтензивна интеграција на обновливите извори, поефикасно управување со мрежата и поголема заштита на правата на потрошувачите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.