Економија
Извештај од самопроцената на МИПС: Платниот систем е усогласен со меѓународните принципи за инфраструктура на финансиските пазари
Народната банка, како оператор и сопственик на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), изврши прва самопроцена за усогласеноста на неговата работа со барањата од меѓународните принципи.
Во извештајот од самопроцената е утврдена усогласеност на системот со барањата од принципите, кои во домашната регулатива се преточени во одлуката за критериумите за класификација на платните системи, стандардите за нивното работење и барањата за гарантен механизам. Усогласеноста на МИПС со регулаторните барања, во согласност со меѓународните стандарди за работа на платните системи, обезбедува услови за негово сигурно функционирање и соодветно управување со ризиците што произлегуваат од работата, што е од клучно значење за непречено извршување на плаќањата, а со тоа и за целокупната економска активност и стабилност на финансискиот систем во земјата. За целите на управување со овие ризици, Народната банка има донесено правна рамка, која се состои од одлуки, правила и упатства за учесниците и има воспоставено интерни процедури и алатки, кои подетаљно се објаснети во извештајот, се наведува во соопштението на Народната банка.
МИПС е систем за извршување на плаќањата со големи вредности и итните плаќања во денари, во реално време на бруто-основа. МИПС почна со работа во јули 2001 година. МИПС има 20 учесници и во него се водат и се одржуваат сметките преку кои учесниците ги порамнуваат платежните пораки за плаќањата во денари во реално време и со паричните средства што се наоѓаат кај централната банка.
МИПС е системски значаен платен систем, чие функционирање е неопходно за работата и стабилноста на финансиските институции и пазарите, како и за економскиот развој. Оттука, особено внимание се му посветува на управувањето со ризиците во неговото работење, како што се: системскиот, правниот, кредитниот, ликвидносниот, оперативниот и деловниот ризик. Улогата во македонскиот платен систем на МИПС е клучна бидејќи овозможува ефикасен тек на парите во економијата. Основната предност на неговата употреба за учесниците и нивните клиенти е брзината и сигурноста на извршувањето на плаќањата. Имено, налозите за пренос на парични средства се прифаќаат непрекинато во рамките на работното време на МИПС, при што поминуваат само неколку минути помеѓу испраќањето на налогот од страна на учесникот и приемот на паричните средства од друг учесник во МИПС за кој се наменети, така што плаќањата се вршат во текот на работниот ден, се додава во соопштението на Народна банка.
Извештајот е достапен на веб-страницата на Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

