Економија
Инженерите повикаа да престане фактурирањето врз основа на измислена потрошувачка за струја: „Регулаторната ја штити ЕВН“
Здружението Инженери на Македонија повторно се огласи по претставката што ја поднесе на 29 мај кога во сила стапи новиот Закон за енергетиката.
Од тука велат дека добиле одговор од Регулаторната комисија за енергетика, кој е типичен пример на институционална покорност пред енергетскиот оператор ЕВН и очигледен доказ за нефункционирање на регулаторниот систем во заштита на јавниот интерес.
„Во нашата претставка баравме итно укинување на член 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија, затоа што е во директна спротивност со член 185 од новиот Закон за енергетика. Дополнително побаравме итен вонреден надзор над ЕВН. Баравме РКЕ да упати јавен повик до граѓаните да пријавуваат незаконски издадени фактури. Баравме да се повика ЕВН на одговорност за континуираното прекршување на законските и договорните обврски“, велат инженерите.
Суштината на нивната претставка беше да истакнат дека мерењето на потрошената енергија е технички процес што го изведува мерниот уред, а отчитувањето е акција на операторот за прибирање на тие податоци. Се потенцира дека без отчитување, не постои правна основа за реална фактура. Сѐ што се фактурира без реален податок од мерниот уред, освен ако уредот е технички расипан, е спротивно на Законот за енергетика, Законот за заштита на потрошувачите, Законот за облигациони односи и самиот Устав.
„Во одговорот што го добивме наместо Регулаторната комисија да ја суспендира примената на членот 31, кој дозволува паушално фактурирање дури и кога има валиден измерен податок, таа тврди дека тој член останува во сила сè додека не се донесат нови подзаконски акти, иако истиот е очигледно спротивен на член 185 од Законот. Со тоа, РКЕ свесно го крши уставното начело според кое секој пропис мора да биде во согласност со закон. Подзаконски акт кој е спротивен на закон автоматски ја губи правната сила. Уште пострашно е што Комисијата во својот обид да го оправда системот, се повикува на обврски на МЕПСО (операторот на преносниот систем) иако темата на претставката се однесува на мерење и фактурирање кај домаќинства, што е исклучива надлежност на ЕВН Електродистрибуција и ЕВН Хоум, универзалниот снабдувач. Ова или укажува на неспособност за разбирање на правната и техничката структура на енергетскиот систем, или на намерно заматување на одговорноста, а патем еден член на Регулаторната комисија за енергетика е стручно лице за правни прашања од областа на енергетиката“, велат од Здружението додавајќи дка регулаторот дури отворено признава дека се обратил до Министерството за енергетика за „мислење“, како да е некаков пасивен извршител без самостојна надлежност.
Потсетуваат дека Регулаторната комисија, според член 46 од Законот е независно тело кое има целосна обврска да постапува по закон. Толкување на закони може да даде исклучиво Собранието. До тогаш, законот се применува таков каков што е. Барање мислење, според нив, не е основ за продолжена примена на незаконска пракса.
Оценката е дека со ваквото однесување, РКЕ ја погазува својата основна функција. Наместо да врши надзор над пазарот, како што ѝ е наложено со член 55 од Законот, таа активно го толерира кршењето на правата на потрошувачите, ја штити компанијата што има доминантна позиција на пазарот и дозволува нејзината волја да биде над законот.
Бараат веднаш да се суспендира примената на членот 31, да се поведе вонреден надзор над ЕВН и да престане практиката на фактурирање врз основа на измислена непроверлива потрошувачка. Најавија и други граѓански мерки за да се спроведе законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

