Економија
Каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 2,75 отсто
На 11 септември 2018 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
По намалувањето на каматната стапка во август годинава, на оваа седница Комитетот оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,75 отсто. На седницата исто така беше одлучено понудата на благајнички записи за аукцијата што ќе се одржи на 12 септември 2018 година, да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари. Општо земено, и на оваа седница Комитетот ги задржа досегашните согледувања за здрави економски основи и стабилни очекувања на економските субјекти, видливи преку поволните движења на девизниот пазар и растот на депозитната база на банките.
Споредбата на последните макроекономски показатели за домашната економија со нивната проектирана динамика од априлскиот циклус проекции упатува на одредени отстапувања во одделни сегменти од економијата. Во согласност со објавените проценети податоци, по слабиот раст во првиот квартал, во второто тримесечје растот на БДП значително забрза на 3,1 отсто, што сепак е нешто пониско остварување во споредба со проекцијата. За третиот квартал, при ограничен обем расположливи податоци, засега не може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата, но сепак најголемиот дел од податоците упатува на продолжување на поповолните движења во економијата и во овој квартал од годината.
Во однос на инфлациските движења, во периодот јануари – август, просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени изнесува 1,5 отсто, што претставува надолно отстапување во однос на априлската проекција. Во услови на послаби остварувања, но и нагорна ревизија на надворешните влезни претпоставки кај проекцијата на инфлацијата, се оценува дека ризиците за проектираната стапка на инфлација за 2018 година се урамнотежени.
Последните податоци за девизните резерви покажуваат раст во однос на крајот на претходната година за што во голем дел придонесуваат и интервенциите со нето-откуп на девизи од страна на НБРМ. Растот кај девизните резерви е нешто повисок од очекуваниот со априлската проекција, а анализата на показателите за адекватноста на девизните резерви покажува дека тие и понатаму се одржуваат во сигурната зона. Расположливите показатели од надворешниот сектор засега се ограничени. Податоците за надворешнотрговската размена за периодот јануари – јули главно укажуваат на движења во согласност со априлската проекција, а расположливите податоци за менувачкиот пазар покажуваат повисоки нето-приливи. Во однос на остварувањата во билансот на плаќања, податоците за второто тримесечје упатуваат на подобри остварувања и кај тековните и кај финансиските трансакции во однос на априлската проекција.
Прелиминарните монетарни податоци за август 2018 година покажуваат задржување на континуитетот на раст и на депозитите и на кредитите. Депозитната база и во август продолжи да расте со забрзана месечна динамика за што најголем придонес имаат корпоративните депозити при истовремено зголемено штедење и на домаќинствата. На кредитниот пазар месечниот раст и натаму е воден од секторот домаќинства. На годишна основа растот на депозитите и на кредитите во август го надминува проектираниот годишен раст за третиот квартал од годината.
Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот, денарските ликвидни средства на банките и натаму се зголемуваат, пред сè, поради натамошните интервенции на НБРМ за откуп на девизи. Присуството на НБРМ на девизниот пазар за откуп на вишокот девизни средства во најголем дел е поврзано со континуирано солидните остварувања на девизниот пазар, каде што втор месец по ред банките во трансакциите со клиентите на нето-основа откупуваат девизи. Овие движења се одраз на релативно подобрата понуда на девизи од корпоративниот сектор, но и на сезонски повисоката понуда од менувачниците, карактеристична за овој период од годината. Пазарните движења во комбинација со високата девизна ликвидност на банките, која имаше нагорен тренд под влијание на растот на девизните средства, доведоа до секојдневни интервенции на НБРМ со банките поддржувачки, при што од почетокот на оваа година, заклучно со 11 септември 2018 година, се откупени 234,1 милион евра.
Поволната денарска ликвидносна позиција кај повеќето од банките и во август придонесе за намалена активност на пазарите на пари, а банките пласираа дел од вишокот денарски средства во расположливите депозити преку ноќ кај НБРМ.
На меѓународните пазари во август беше забележана засилена променливост во услови на заострување на трговските односи на глобален план и депрецијација на валутите на одделни земји во развој. Следствено, при потрага на инвеститорите по безбедни инструменти, американскиот долар забележа умерен раст на вредноста, а приносите на државните обврзници во еврозоната и во САД се намалија. Исто така, на европските пазари се проширија распоните помеѓу приносите на државните обврзници на периферните економии и на јадрото на еврозоната, главно при загриженост за фискалната состојба на Италија. Во однос на поставеноста на монетарните политики на глобално влијателните централни банки, во записникот од јулскиот состанок на ФЕД – централната банка на САД, беше посочено на поволните изгледи за американската економија, така што пазарните учесници речиси во целост очекуваа зголемување на таргетот за распонот за каматните стапки на состанокот на ФЕД во септември. Според записникот од состанокот на Европската централна банка одржан во јули, беше потврден ставот дека каматните стапки ќе останат на тековното ниво до летото 2019 година.
Општо гледано, на седницата беше заклучено дека од намалувањето на каматната стапка во август па досега поголеми промени во трендовите кај показателите клучни за монетарната политика не се забележани. Последните макроекономски показатели и оцени кај одредени сегменти упатуваат на извесни отстапувања во однос на проектираната динамика, кои засега не предизвикуваат поголеми промени во согледувањата за амбиентот во кој се спроведува монетарната политика. На седницата беше заклучено дека и натаму постојат ризици и од домашното и од надворешното окружување, при што НБРМ и натаму внимателно ќе ги следи сите економски показатели во контекст на поставеноста на монетарната политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Фон дер Лајен: ЕУ треба да ги поедностави регулативите
Европската унија мора да ги поедностави пазарите на капитал и регулативите за да ја намали фрагментацијата и да ја зајакне конкурентноста на блокот, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„На нашите компании им е потребен капитал сега“, нагласи таа. „Мораме, на еден или друг начин, да ги срушиме бариерите што нè спречуваат да станеме вистински глобален гигант“, пишува DW.
Фон дер Лајен го опиша сегашниот систем на ЕУ како „фрагментација на стероиди“ и повика на „еден голем, длабок и ликвиден пазар на капитал“.
„Да го земеме повторно примерот на САД: еден финансиски систем, еден финансиски центар и неколку други финансиски центри“, рече таа, додавајќи дека Европската Унија има не само 27 различни финансиски системи, туку и повеќе од 300 места за тргување.
ЕУ идентификуваше клучно прашање што би можело да ја зајакне конкурентноста на блокот. За разлика од САД, европските компании имаат тешкотии во пристапот до капиталот што им е потребен за проширување и раст. Европската комисија предложи поедноставување на националните правила за создавање унија за штедење и инвестиции. Но, хармонизирањето на финансиските правила во Европа се покажа како тешко во минатото.
Фон дер Лајен ги повика пратениците да дејствуваат брзо, велејќи дека ќе го поттикне законодавството дури и ако не сите земји-членки се подготвени да ги променат своите национални правила.
„Доколку не се постигне договор, ЕУ треба да размисли за засилена соработка меѓу земјите што сакаат да учествуваат“, рече таа.
Еден од најзначајните, но и контроверзни, предлози за зајакнување на европската економија е да им се даде предност на европските компании во „стратешките“ сектори во однос на странските конкуренти, план што го поддржува фон дер Лајен.
„Во стратешките сектори, европската предност е неопходен инструмент за зајакнување на производствената база на Европа“, рече таа, предупредувајќи против пристапот „една големина одговара на сите“. Во својот говор, таа додаде дека Европа треба да ја зголеми својата конкурентност преку „зголемување на производството“ на континентот и „проширување на својата мрежа на сигурни партнери“.
Таа, исто така, ја нагласи важноста на потпишувањето трговски договори. По неодамнешните договори со јужноамериканскиот блок Меркосур и Индија, таа рече дека нови се на пат, со Австралија, Тајланд, Филипините и Обединетите Арапски Емирати.
Фон дер Лајен го објави ова пред да им се придружи на лидерите на ЕУ, вклучувајќи го францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, на собирот на индустриски менаџери во Антверпен. Настанот се случува пред самитот на лидерите на ЕУ во четврток, на кој ќе се разговара за зајакнување на економијата на Унијата.
фото/Depositphotos
Економија
„Новата мачка во градот“ – Ексклузивна февруарска понуда за новата Ford Puma Hybrid
Овој февруари, во духот на „месецот на мачките“, Гранд Ауто ја претставува специјалната продажна кампања „Новата мачка во градот“, посветена на новата Ford Puma Hybrid – модел кој комбинира впечатлив дизајн, динамични перформанси и напредна хибридна технологија. Кампањата носи ексклузивни попусти достапни само во текот на февруари, за верзиите со мануелен и автоматски менувач.
Во ограничен временски период, купувачите имаат можност да го добијат овој атрактивен компактен SUV по специјални цени:
Ford Puma Hybrid – мануелен менувач: од 21.500 €
Ford Puma Hybrid – автоматски менувач: од 23.500 €
Понудата важи само до крајот на февруари 2026 година и се однесува на возила од залиха.
Со својата агилност, карактер и урбана енергија, Ford Puma совршено го оправдува слоганот „Новата мачка во градот“ – автомобил создаден за возачи кои сакаат стил, технологија и возбудливо возачко искуство во едно.
Повеќе информации за кампањата и достапните модели: https://ford.mk/puma-hybrid-nova-macka
(ПР)
Економија
Народна банка: Просечната стапка на инфлација за 2025 година изнесува 4,1%
Денеска се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и домашната економија, како и најновите случувања на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Во согласност со тековните економски движења и оценетите ризици од надворешното и домашното окружување, Извршниот одбор одлучи да ја задржи основната каматна стапка на постојното ниво. Така, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 4%. Воедно, на аукцијата на благајнички записи, којашто ќе се одржи на 11 февруари, понудата ќе изнесува 54 милијарди денари, а понудата на наредните аукции ќе се утврдува согласно проектираната промена на ликвидносната позиција на банкарскиот систем на неделна основа.
„Задржувањето на внимателниот пристап при водењето на монетарната политика произлегува од потребата за стабилизирање на инфлацијата близу до долгорочниот просек, од динамичната кредитна активност, домашните политики коишто влијаат врз побарувачката, како и од присутните надворешни ризици поврзани со тековната неизвесност во светските трговски политики и геополитички тензии. Се очекува дека досегашните измени кај задолжителната резерва, кај макропрудентните мерки во делот на критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка, како и одлуките поврзани со управувањето со системските ризици ќе обезбедат дополнителна поддршка за монетарната политика. Комбинираното дејство на овие мерки ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок, како и за ограничување на потенцијалните системски ризици“, соопштија од Народната банка.
Просечната стапка на инфлација за целата 2025 година изнесува 4,1%, под влијание на промените на цените кај базичната и кај прехранбената компонента.
Од Народната банка соопштија дека остварувањата кај инфлацијата се близу до октомвриската проекција, но таа и понатаму е над историскиот просек, поради што нејзиното одржливо стабилизирање и понатаму е во фокусот на монетарната политика.
„Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани претежно во нагорна насока. Ризиците за идната динамика на инфлацијата и понатаму постојат, а се поврзани со променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка“, се наведува во соопштението.
На крајот на јануари 2026 година, нивото на девизните резерви изнесува 5.600,5 милиони евра и е повисоко во однос на крајот на 2025 година, што според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви се оценува како соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар во јануари упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто засега се малку пониски од очекувањата за првиот квартал. Податоците за надворешнотрговската размена во четвртиот квартал од 2025 година упатуваат на трговски дефицит којшто е малку повисок од очекувањата според октомвриската проекција.
Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП забрза и изнесува 3,8% на годишна основа, што е малку над оцената во рамките на октомврискиот циклус проекции. Расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал од 2025 година засега упатуваат на понатамошен раст на економската активност, којшто благо би забрзал според последните проекции. Светската неизвесност, особено поради трговските политики и геополитичките тензии, и натаму претставува најголемиот надворешен ризик за домашната економија. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката на остварување на домашните инфраструктурни проекти се едни од главните фактори за темпото на идниот економски раст.
Во однос на движењата во монетарниот сектор, првичните податоци за депозитите и кредитите на банките за јануари 2026 година упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките, но и на динамична кредитна активност, чиишто годишни стапки на раст засега се над очекувањата за првиот квартал од годината.
Општо земено, со одлуката донесена од Народната банка и натаму се задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, којшто е усогласен со најновите движења кај главните макроекономски показатели и проценетите надворешни и домашни ризици. Надворешните ризици и понатаму постојат, а внимателно се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка е подготвена да ги користи сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок.

