Економија
Ковачевски: Владата и ЕСМ обезбедија стабилно снабдување со струја и парно во услови на најголемата светска енергетска криза
Премиерот Димитар Ковачевски денеска на прес-конференција, заедно со генералниот директор на АД Електрани на Северна Македонија Васко Ковачевски, ги презентираа податоците од Годишниот финансиски извештајот на ЕСМ за 2022 година, како и податоците за производството на струја.
Ковачевски во своето обраќање истакна дека во услови на најголемата светска енергетска криза и покрај безбројните шпекулации, лажни вести, неосновани црни сценарија Владата успеа за граѓаните да обезбеди сигурно, стабилно снабдување со струја и парно од почетокот до крајот на грејната сезона.
„Се шпекулираше дека нема да имаме домашно производство, дека ќе има крах на целиот систем, дека ќе има рестрикции, дека ТЕЦ Неготино нема да проработи, во РЕК Битола дека нема да стигне трансформаторот. Напротив, нашите граѓани имаа сигурно и стабилно снабдување со струја и парно кое стартуваше во точно пропишаниот рок и во текот на цела грејна сезона. Го зголемивме домашно производство на електрична енергија. АД ЕСМ обезбеди 100% снабдување со електрична енергија, иако по закон требаше 60%.
Паралелно го презедовме греењето со топлинска енергија во главниот град. Со многу напорна работа, посветеност и голем ангажман, можеме да кажеме дека успешно ја извршивме и ја вршиме нашата мисија во ова тешко време-сигурна електрична енергија и топлина за граѓаните, за институциите, за стопанството. Без ниту еден ден рестрикции“, истакна премиерот.
Во услови на енергетска криза АД ЕСМ во период од 1 октомври 2022 до 31 март 2023 година имаше вкупно домашно производство од 2.696.406 MWh, односно 222.131 MWh повеќе, за разлика од истиот период во 2017 година, кога немаше енергетска криза.
„Планирано беше да набави електрична енергија од 392.430,00 MWh во вредност од над 146 милиони евра. Но, АД ЕСМ со зголеменото производство набави помалку, односно 175.750 MWh електрична енергија во вредност од околу 48 милиони евра, што е заштеда од скоро 98.5 милиони евра. Ова значи дека кризата ја претворивме во можност. Уште еден позитивен податок, во февруари годинава, споредено со февруари 2022 година, за 80% го зголемивме производство на струја. ЕСМ на 12 февруари произведоа и испорачаа во електро-енергетскиот систем скоро 23 илјади MWh(22.933 MWh) електрична енергија. Ова е највисоко дневно производство во последните 10 години“, рече претседателот на Владата.
Премиерот истакна дека со правилни политики, паралелно се развиваше и зелената транзиција.
„Нашата земја веќе е регионален лидер во енергетската транзиција, со огромен потенцијал да стане зелен енергетски хаб. Континуирано расте интересот за инвестиции во обновливи извори. Расте, само од 1 јануари 2022 година до 28 февруари годинава, во земјава има нови фотонапонски централи со инсталиран вкупен капацитет од 181,2 мегавати од обновливи извори што можат да ги задоволат потребите на 72.500 домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија”, истакна премиерот.
Генералниот директор на АД Електрани на Северна Македонија Васко Ковачевски, истакна дека АД ЕСМ во 2022 година оствари вкупни приходи во износ од 34 милијарди 93 милиони и 3 илјади денари или 554 милиони и 358 илјади евра, вкупни расходи во износ од 31 милијарда 578 милиони и 898 илјади денари или 513 милиони и 478 илјади евра за 2022 година. АД ЕСМ искажа позитивен финансиски резултат остварена добивка во износ од 2 милијарди 514 милиони и 105 илјади денари или 40 милиони и 880 илјади евра.
„Поддршка од Влада на Република Северна Македонија добивме 10 милијарди 903 милиони и 908 илјади денари. АД ЕСМ во услови на криза успеа да постигне рекордно дневно производство во последната деценија. Во текот на февруари 2023 АД ЕСМ преку капацитетите со кои располага произведе 22.933 MWh електрична енергија во еден ден, што претставува највисоко дневно производство во последните 10 години и нов рекорд во работењето на АД ЕСМ во последната деценија, благодарение на максималната ангажираност и професионална работа на сите вработени во компанијата. АД ЕСМ од почетокот на 2023 година до сега произведе 44% повеќе електрична енергија споредено со истиот период лани, а дури 61,8% повеќе од истиот период во 2021 година. Во 2022 година предвидено беше производството во однос на 2021 година да се зголеми за 20%, ние успеавме да го зголемиме за 26,7%“, истакна генералниот директор на ЕСМ.
Директорот Ковачевски потенцираше дека АД ЕСМ успеа да ја изменаџира енергетската криза со електрани стари по 40, 50 и 60 години.
„Нивната амортизација е голема и производството на електрична енергија се одвива преку нивно континуирано санирање и одржување. Кога велам континуирано, мислам буквално секојдневно. Ние како раководство во изминатите години направивме капитални ремонти во РЕК Битола кои не беа направено подолго време, вложивме средства и време и работа се со цел да ги зајакнеме, да ги направиме поиздржливи и посигурни во производниот процес. Ги рехабилитираме и хидроелектраните.
АД ЕСМ некаде од 2019 година почна да ги спроведува проектите од енергетската транзиција односно енергетската трансформација. Сите наши активности беа во склад со усвоената Стратегија за енергетика до 2040 година и со движењето кон зеленото сценарио.
Во тек e реализација на проекти од страна на АД ЕСМ, кои ќе донесат инсталирана моќност од 1.760 MW, што е повеќе од постоечката инсталирана моќност на сегашните капацитети на ЕСM, од 1.420 MW“, рече Васко Ковачевски генерален директор на АД ЕСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Средба Ангеловска-Бежоска – Камер: Претпазливите политики на Народната банка клучни за одржувањето на макроекономската стабилност
Претпазливата монетарна политика и макропрудентата политика, како и зголемената транспарентност на Народната банка одиграа клучна улога во одржувањето на макроекономската стабилност. Во првиот квартал од оваа година, инфлацијата беше сведена на едноцифрено ниво од 3,4%, девизните резерви и натаму се зголемуваат достигнувајќи ниво коешто е повисоко за 30% во однос на периодот пред пандемијата, а финансиската стабилност беше дополнително зајакната. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и директорот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за Европа, Алфред Камер, на маргините на Конференцијата од високо ниво во организација на централната банка на Словенија и ММФ, којашто се одржува во Порторож, Словенија.
Камер истакна дека претпазливите политики на Народната банка беа клучни за соодветно надминување на кризниот период и важно е да се продолжи на тој начин. Ова ја нагласува важноста од зачувување на независноста на централната банка.
Гувернерката посочи дека, во период од една година, инфлацијата петкратно се намали и се сведе на пониски едноцифрени стапки, додека јазот помеѓу домашната и инфлацијата во еврозоната значително се намали. Истовремено, и покрај затегнувањето на монетарната политика, стабилноста на домашниот банкарски сектор беше зачувана, а истовремено беше зголемена отпорноста со преземањето на макропрудентните мерки од страна на централната банка. Во изминатите неколку кризни години, показателите покажуваат дека адекватноста на капиталот е на највисоко ниво во изминатите 17 години, додека нефункционалните кредити се блиску до историски најниското ниво. Кредитната активност, иако во еден период забави, и натаму претставува значителна поддршка за домаќинствата и за корпоративниот сектор.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска изрази благодарност до Камер за значајната поддршка којашто ММФ ѝ ја дава на Народната банка во справувањето со неодамнешните незапаметени шокови.
Економија
Лидерите на земјите од Западен Балкан со заедничка изјава остануваат посветени на процесите за членство во ЕУ
Шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан денеска, во рамки на учеството на Самитот во Котор, Црна Гора, усвоија заедничка изјава со која ја потврдуваат посветеноста на земјите за заеднички регионален пазар насочен кон зајакнување на човечкиот капитал и развој на вештини.
Шесте земји од Западен Балкан посветено ќе работат и на поттикнување на дигиталната трансформација, овозможување поволна средина за бизнисмените, како и зголемување на конкурентноста.
Препознавајќи ги постојаните и сериозни безбедносни предизвици предизвикани од актуелните геополитички околности, а особено руската агресија врз Украина, лидерите на Западен Балкан во изјавата ја нагласија посветеноста за продолжување на соработката во регионот, како би ја искористиле динамиката во политиката за проширување на ЕУ.
Лидерите на земјите од Западен Балкан, во новиот План за раст препознаваат перспектива на регионот.
Во заедничката изјава се наведува дека шесте земји се посветени на прифаќање на можностите што ги нуди оваа иницијатива за регионот, со цел да се олесни економската и социјалната трансформација на општествата, отворајќи го патот за полноправно членство во Европската Унија, според начелото за пристапување засновано на заслуги во текот на овој процес.
Во продолжение интегрално ја пренесуваме заедничката изјава на лидерите на земјите од Западен Балкан:
Заедничка изјава на лидерите од државите на Западен Балкан
„Еден регион, заедничка визија”
1. Препознавајќи ги постојаните и сериозни безбедносни предизвици предизвикани од актуелните геополитички околности, а особено руската агресија врз Украина, ние, лидерите на Западен Балкан 6 повторно ја нагласуваме нашата посветеност да ја продолжиме соработката во нашиот регион и да ја искористиме обновената динамика во политиката за проширување на ЕУ.
2. Поздравувајќи го усвојувањето на Механизмот за реформи и раст од страна на Европскиот парламент и Советот на ЕУ, што дополнително ќе го поттикне пристапниот пат на Западен Балкан во ЕУ, преку обезбедување дополнителна финансиска помош при спроведувањето на фундаменталните реформи.
3. Соодветно, во синергија и соработка со нашите партнери од ЕУ, подготовката на соодветните реформски агенди на секоја од земјите на Западен Балкан е на добар пат со цел да се постигнат клучни социоекономски реформи, истовремено поттикнувајќи ја демократијата, основните вредности и владеењето на правото како предуслов за стабилност и просперитет на регионот на Западен Балкан.
4. Со перспективата на новиот План за раст за државите од Западен Балкан, ние сме посветени на прифаќање на можностите што ги нуди оваа иницијатива за регионот; нашата цел е да ја олесниме економската и социјалната трансформација на нашите општества, отворајќи го патот за полноправно членство во Европската Унија, притоа останувајќи посветени на одржувањето на начелото за пристапување засновано на заслуги во текот на овој процес.
5. Ја препознаваме потребата да се надоврземе на постигнатите резултати во насока на интеграција во единствениот пазар на Европската унија и унапредување на четирите слободи.
5. Ценејќи ги опипливите резултати што ги создаде Заедничкиот регионален пазар како двигател на интра-регионалната трговија и поттикнувач на економската интеграција во регионот на Западен Балкан, ние, лидерите на Западен Балкан 6 остануваме посветени на завршувањето на првата итерација од Акцискиот план за Заедничкиот регионален пазар која завршува во 2024 година и повикуваме за целосно спроведување на претходните договори постигнати во негов контекст. Се посветуваме на прифаќање на новиот Акциски план за Заедничкиот регионален пазар 2025-2024 на Самитот на лидери на Берлинскиот процес 2024. Оваа нова фаза од Заедничкиот регионален пазар ќе биде отскочна штица кон Единствениот пазар на ЕУ во многу сектори, со што ќе се отвори економскиот потенцијал на регионот и ќе се создадат можност за нашиот приватен сектор и (мали и средни претпријатија), како и за работниците.
6. Втората итерација од Акцискиот план за Заедничкиот регионален пазар ќе се надгради на постојните приоритетни области од Заедничкиот регионален пазар, но нема да биде ограничен на слободно движење на стоки, слободно движење на услуги, мерки за хоризонтална трговија, развој на човечки капитал, средина која овозможува бизниси и конкурентност и дигитална трансформација. Ги покануваме Советот за регионална соработка и ЦЕФТА да координираат, во блиска соработка со регионалните организации, институциите на ЕУ, регионалните граѓански општества и меѓународните финансиски институции, како и релевантните органи од ЗБ6, за да го подготват планот за новата фаза од Заедничкиот регионален пазар, вклучувајќи тука и временска рамка за спроведување и мерливи резултати. Ги покануваме Советот за регионална соработка и другите регионални чинители да продолжат со поддршката и да ја олеснат вклученоста на парламентите во Берлинскиот процес и другата регионална агенда за интеграција.
7. Свесни за неговата важност за забрзаната конвергенција, ние сме посветени на исполнување на сите предуслови за приклучување кон Единствената зона за плаќања во евра (SEPA), како што е наведено во Декларацијата од Тирана од 29 февруари. Во овие напори, Европската Комисија ќе обезбеди неопходна и брза помош за да се постигне првото пристапување кон СЕПА од регионот, веќе до крајот на 2024 година.
8. Препознавајќи ја потребата за подобрување на слободното движење на стоки, шесторката од Западен Балкан, Секретаријатот на ЦЕФТА и Транспортната заедница ќе го финализираат и имплементираат патоказот за зелените коридори, вклучително и преку засилена интра-регионална трговија во рамките на Западен Балкан, подобрена царинска соработка помеѓу Западен Балкан и ЕУ и модернизација на граничните/заедничките премини.
9. Имајќи ја предвид важноста на постоењето на ефикасен механизам за решавање на трговските спорови, ја препознаваме важноста за завршување на преговорите за Дополнителниот протокол 7 на ЦЕФТА за решавање спорови со цел да се претстави договорот на претстојниот Самит на Берлинскиот процес. За таа цел, ЦЕФТА ќе обезбеди еднаков третман на сите страни.
10. Понатаму, по Сеопфатниот патоказ, ќе се подготват целни резимеа со цел да се адресираат претходно избраните приоритетни гранични премини. Покрај тоа, надградувајќи се на Патоказот, лидерите изразија целосна поддршка за воспоставување на Регионална програма за олеснување на трговијата и транспортот, со цел да се обезбеди конвергентност на регионот кон Единствениот пазар на ЕУ преку намалување на трговските бариери и трошоци и подобрување на транспортната ефикасност меѓу ЗБ6 и ЕУ. Програмата ќе ја спроведува Светската банка во тесна соработка со Транспортната заедница, ЦЕФТА и Европската Комисија, заедно со Програмата за безбеден и одржлив транспорт на ЕУ.
11. Следејќи го нашиот приоритет за постепено приклучување кон Единствениот пазар на ЕУ, шесторката од Западен Балкан и Европската Комисија ќе работат заедно за да подготват договори за оцена и прифаќање на сообразноста (ACAA) и за воспоставување Академија за единствен пазар, која ќе овозможи секој од поединечните системи на ЗБ6 да биде целосно усогласен со тие на ЕУ.
12. Со цел да се придонесе кон индустриската конкурентност и да се зацврсти отворената стратешка автономија на ЕУ, засегнатите страни од шесторката на ЗБ се приклучи кон Алијансата за критични лекови. Како членки на Алијансата, шесторката од Западен Балкан се стреми кон играње активна улога во зацврстувањето и диверзификацијата на синџирите на снабдување со критични лекови во ЕУ, на крајот зголемувајќи ги напорите за спречување и ефикасно справување со недостигот.
13. Потврдувајќи ја нашата посветеност кон продолжувањето на оваа плодна соработка, со задоволство можеме да објавиме дека следниот состанок на лидерите на шесторката од Западен Балкан за планот за раст ќе се одржи во Босна и Херцеговина. Свесни дека успешното спроведување на Планот за раст и нашиот економски напредок се постигнуваат само преку нашата добра соработка, демократски напредок, усогласување со политиките, вредностите и стандардите на ЕУ, ние сме подготвени за следната фаза од нашата соработка, која постепено ќе нè води до ефикасен Заеднички регионален пазар кој е добро интегриран во Единствениот пазар на ЕУ.
14. Со цел да се подобри дигиталното поврзување, ЗБ6 и Европската Комисија ќе работат заеднички за да го интегрираат регионот во сигурните услуги на ЕУ откако националното законодавство ќе биде усогласено со електронската идентификација, автентикација и сигурни услуги (eIDAS), ќе бидат развиени националните дигитални паричници за идентитет кои ќе бидат интероперабилни на регионално ниво. Со ова ќе му се овозможи на Западен Балкан да биде дел од Дигиталниот паричник за идентитет на ЕУ.
15. Шесторката од Западен Балкан се посветени на интензивирање на напорите за следење на минатите обврски и преземени задачи, вклучително и целосно спроведување на договорите за мобилност. Секоја од државите, треба ревносно да ги адресира и елиминира пречките за реализација на заедничките интереси кои произлегуваат од оваа агенда, за којашто препознаваме дека е од корист за нашите граѓани, економскиот просперитет и европската интеграција на нашиот регион. За таа цел, се обврзуваме да обезбедиме целосно функционални регионални институции за да го поттикнат нашиот Заеднички регионален пазар и да се подготват за нашата поблиска интеграција во Единствениот пазар на ЕУ.
16. Водени од желбата да ја зацврстиме регионалната безбедност, да го подобриме финансискиот интегритет и да ја засилиме соработката во борбата со финансискиот криминал, лидерите на ЗБ6 го изразуваат нивниот интерес да ги истражат можностите за соработка со новото тело за спречување на перење пари на Европската Унија (AMLA).
*Босна и Херцеговина ќе ги разгледа предложените активности во согласност со уставниот дел од овластувањата на институциите на БиХ, ентитетите и кантоните, односно, со соработка на сите релевантни институции во БиХ преку механизмот за координација.
*Република Северна Македонија, иако ја прифаќа изјавата, изразува резервираност во однос на натамошната активност за подготовка на временската рамка во однос на предложените рамки на Заедничкиот регионален пазар 2 бидејќи се соочува со претстоен избор на нова Влада.
Економија
Втор ден од Самитот на Македонија 2025: Дигитализацијата и елиминирање на корупцијата – предуслови за забрзан економски раст
Дигитализацијата, како една од приоритетните области на делување и платформата за забрзан економски раст на Македонија2025, беше една од темите во фокусот на вториот ден од Самитот што се одржува во Скопје. Токму во насока на значително продлабочување на соработката во областа на дигиталната трансформација, во рамки на Самитот беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Македонија2025, Центарот за дигитална трансформација „ГоДигитал“, Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), „ВИЗА Југоисточна Европа“ и „Клириншка куќа – Клириншки интербанкарски системи АД Скопје“ (КИБС).
Целта од ова партнерство е да се овозможи конкретна поддршка на домашните мали и средни претпријатија во имплементацијата на нови дигитални технологии и производи.
Претседавачот на Одборот на директори на Македонија2025, Мајкл Чкламовски, изрази големо задоволство од воспоставувањето на оваа соработка потенцирајќи дека: „Македонија2025 е целосно посветена на поддршка на Центарот за дигитална трансформација – ГоДигитал. Веруваме дека креирањето на екосистем за дигитална трансформација ќе придонесе кон засилување на конкурентноста и иновативноста на македонската економија”.
На официјалното потпишување на меморандумот присуствуваше и амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија Н.Е. Вероник Улман, која во оваа прилика изјави: „Швајцарија е силно посветена на поддршката на земјата во нејзиниот пат кон одржлив економски развој. Преку нашата развојна програма ги поддржуваме процесите на дигитална трансформација на микро, малите и средни претпријатија, со фокус на агробизнисот и одржливиот активен туризам. Го поддржуваме и ИКТ секторот и веруваме дека ова ново партнерство создава нови деловни можности за ИКТ компаниите во земјата”.
За Горан Анастасовски од КИБС „оваа иницијатива претставува значајна можност за едукација на кадарот во малите и средни претпријатија, а се надеваме и јавната администрација“, со што реално ќе се поттикне процесот на дигитализација во земјата.
Потсетувајќи дека формирањето и поддршката за „ГоДигитал“ од страна на Македонија2025 е дел од стратешката определба на организацијата за нејзино поголемо вклучување во процесот на дигитализација на општеството, со посебен акцент на малите и средни претпријатија, членот на Одборот на директори на Македонија2025 Васко Кроневски истакна: „Целата поддршка која ја дава Македонија2025, преку ресурси и експертиза, е насочена иницијално да го постави и да го креира екосистемот на консултанти и компании кои ќе нудат иновативни решенија, кои ќе овозможат дигитализација на компаниите каде што тие ќе бидат имплементирани, истовремено работејќи сето тоа да биде одржливо на долг рок“.
Искажувајќи задоволство од воспоставувањето на новото партнерство, извршната директорка на Македонија2025 проф. Никица Мојсоска Блажевски оцени дека „со здружување на нашите ресурси и напори заедно ќе придонесеме кон побрза дигитализација барем во еден дел од општеството, конкретно на бизнисите“. Таа најави дека набрзо очекува приклучување и на други организации и компании кон оваа иницијатива.
Инаку, покрај дигитализацијата, во фокусот на вториот ден од годинешниот Самит на Македонија2025 беше и темата за начините за справување со корупцијата како еден од предусловите за забрзан развој, а значајно внимание привлече и панел-сесијата за ефикасните стратегии за привлекување инвестиции во новата глобална ера. На вториот ден од Самитот, на сесијата посветена на демократија и слобода на говор се обрати Крис Павловски, основач на „Рамбл“ и член на Одборот на директори на МК2025, еден од најуспешните Македонци во дијаспората, со големи инвестиции во домашната економија.
Дискусиите во овој дел од Самитот се насочени и кон креирање на нови стратегии за градење прилагодливи синџири за снабдување во услови на глобални нарушувања, околу предизвиците и перспективите за натамошен раст на автомобилската индустрија, за начините на искористување на дигиталните здравствени иновации за подобри медицински услуги во Југоисточна Европа, како и за значењето на податоците и нивната анализа во успехот на бизнисите.
Конференцискиот дел од годинешниот Самит на Македонија 2025, на кој учество зедоа над 50 говорници во 12 панел-сесии и на кој присуствуваа над 500 претставници од домашни, регионални и компании од дијаспората, експерти и лидери, ќе биде затворен со обраќање на потенцијалниот мандатар за состав на новата влада Христијан Мицковски.