Економија
Ковачевски: Владата и компаниите мора да покажат единство за заштита на граѓаните

Претседателот на владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска ја посетија компанијата за производство на јајца „Везе шари“.
За време на посетата, со сопственикот на компанијата, Арбен Абдурахмани, разговараа за предизвиците што ги наметна економско-енергетската криза, па затоа повеќе од потребно е да се покаже единство во донесувањето мерки и решенија за доброто на иднината на сите граѓани.
„Во разговор со вработените во компанијата ‘Везе шари’, како и со почитуваниот господин Арбен, заклучивме дека мора да покажеме единство за доброто на државата и за доброто на граѓаните во оваа криза. Последно во низата замрзнувања на цените на основните прехранбени производи се јајцата од кокошка. Со ова Владата оневозможува зголемување на цената на овие производи пред велигденските празници и пред празникот Бајрам. Вие веќе знаете дека ја замрзнавме цената на лебот, замрзнавме цена на дел од тестенините, при што и ја намаливме и ја замрзнавме и намаливме цената на дел од основните производи од млечната индустрија. За заштита на граѓаните донесовме одлука што ги обврзува малопродавачите минимум 70 % од набавките што ги имале во текот на јануари и февруари во делот на снабдувањето со јајца од кокошка да ги имаат и во периодот кога цените се замрзнати, што значи до 30 април“, изјави премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека пред да се донесат антикризните мерки, деноноќно имав консултации со Министерството за економија, во кои беа вклучени експерти, работодавци, здруженија, претставници на стопанските комори во земјата, производителите, како што е и директорот на овој огромен производствен капацитет, и целта ми беше како Влада никого да не оставаме сам да се справува со последиците од оваа криза. Со мерките што ги донесовме во текот на 2022 година, а ги продолживме во 2023 година, околу 750 милиони евра насочивме кон граѓаните и кон задржување на ликвидноста на компаниите.
Ковачевски истакна дека компанијата „Везе шари“ го има финансирано најголемиот проект во државата заедно со ИПАРД-програмата во зголемување и осовременување на нивното производство. Тој се заблагодари на трудот, посветеноста и на соработката што ја имаат со компанијата во текот на сите овие кризни месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Нови правила за одобрување возила од 1 септември

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) одржа работен состанок со над 40 овластени застапници и импортери на возила во Македонија.
На средбата присуствуваа министерката Сања Божиновска, директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски, претставници на Биро за метрологија и Царината како и професорот Дарко Данев кој ги презентираше измените во постапките за одобрување на возила, кои ќе стапат на сила од 1 септември 2025 година.
Овие измени се однесуваат на постапките за: одобрување на тип на возило, единечно одобрување на возило, идентификација и оцена на техничката состојба и издавање на потврди за исполнетост на техничките барања за возилата.
Клучната промена е тоа што, по 17 години од донесувањето на Законот за возила, истиот конечно ќе почне да се применува согласно европските стандарди.
„Го зајакнуваме системот на доверба меѓу институциите и импортерите, со јасни правила и навремена услуга за граѓаните. Ова е значаен чекор за приближување кон европските стандарди и подобрување на квалитетот на услугата која ја добиваат нашите граѓани“, изјави министерката Божиновска.
Клучни промени во постапките за одобрување на возила:
· Одобрување на тип на возило за сите негови варијанти и изведби според WVTA документот, освен ако импортерот не побара поинаку.
· Единечно одобрување ќе се врши исклучиво за возила за кои не е одобрен типот во РСМ и немаат одобрение за тип во ЕУ преку Биро за метрологија. Возила со претходно одобрен тип во ЕУ или во РСМ немаат потреба од посебна постапка за единечно одобрување и директно одат во постапка за идентификација и оцена на техничката состојба.
· Импортерите имаат обврска да издаваат потврди за исполнетост на техничките барања за сите возила за кои постоиевропско одобрение на тип (WVTA) или национално одобрување на тип. За останатите возила за кои немаат возила не постои одобрение на тип во РСМ или не постои одобрение на тип во ЕУ, импортерите немаат обврска да ги издаваат потврдите, ваквите возила ќе обезбедуваат потврди од независни институции прифатени од Бирото за метрологија.
· Грубата пресметка вели дека 1,3 милиони евра годишно досега оделе за TÜV потврди кои не требало да се бараат и тоа најголемиот дел од средствата оделе кај странски компании на кои им се плаќало – процесот сега ќе се регулира преку овластените застапници, домашни македонски компании.
· Роковите за одобрување на тип во Бирото за метрологија ќе бидат скратени двојно, за побрза и поефикасна постапка.
· Цените на услугите од Биро за метрологија ќе се регулираат со нов правилник.
· Потврдите за исполнетост на техничките карактеристики кај застапниците ќе чинат 40-50 евра.
Министерството нагласува дека соработката со застапниците е клучна за успешна примена на Законот и изграден функционален систем на доверба.
„Градиме партнерски однос со импортерите како клучен елемент во процесот на усогласување со европските стандарди. Граѓаните треба да се чувствуваат заштитени и поддржани при секоја постапка за одобрување на возила“, додаде министерката Божиновска.
Економија
Лагард предупредува: Економијата на ЕУ зависи од странските работници

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, изјави дека приливот на странски работници во изминатите години значително ја поттикнал економијата на еврозоната, помагајќи да се надомести намаленото работно време и падот на реалните плати.
Говорејќи на годишниот симпозиум на Федералните резерви на САД, што се одржува во Џексон Хол, сојузната држава Вајоминг, Лагард нагласи дека миграцијата кон Европската Унија довела до рекорден број жители и покрај негативниот природен прираст.
„Странските работници дадоа значителен придонес за европската економија. Тие овозможија да се компензираат структурните предизвици, како што се пократкото работно време и пониските плати во одредени сектори“, изјави Лагард.
Таа додаде дека иако растот на бројот на работници ја поддржа економската стабилност, одредени влади на земјите-членки воведуваат ограничувања за нови мигранти, поради зголемено незадоволство кај дел од локалното население.
Според Лагард, оваа динамика ќе остане еден од клучните фактори во обликувањето на идните економски и социјални политики во Унијата.
Економија
Македонија е големо градилиште, над 1.200 проекти во општините, велат Перински и Николоски

Во моментов целата Македонија е едно големо градилиште, а само во општините се реализираат повеќе од 1.200 активни проекти поддржани од Владата и Министерството за транспорт, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и министер за транспорт, на Саем-Отчетот на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа се само проекти преку Министерството за транспорт, а да не зборуваме за големите инфраструктурни проекти како автопатите Охрид-Кичево, Кичево-Букојчани, Букојчани-Гостивар, Гостивар-Тетово, Прилеп-Битола, како и експресните патишта Прилеп-Градско и Куманово-Крива Паланка. Сега започнатите проекти се завршуваат, а граѓаните гледаат резултати“, рече Николоски.
Министерот подвлече дека ова ја враќа самодовербата кај граѓаните и покажува дека Македонија е способна да води големи проекти.
„Не е само патната инфраструктура, туку и железничките линии, аеродромите, авио линиите и обновливите извори за енергија. Во помалку од година дена завршивме еден проект со вредност од половина милијарда евра“, додаде тој.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, истакна дека Владата финансирала околу 1.200 проекти во сите општини.
„На првиот повик беа пријавени 288 проекти, од кои 137 се завршени. На вториот повик беа поднесени 887 апликации, а прифатени беа 828 проекти. Кумулативно, тоа се околу 1.200 проекти кои се реализираат со помош на централната власт“, рече Перински.
Министерот додаде дека општините се соочувале со големи предизвици и немале поддршка од претходната власт.
„Ние им помогнавме да ги детектираат проблемите, да обезбедат одржливост и да ги реализираат поголемите проекти. Секој градоначалник се бори да направи што е можно повеќе, а по изборите се надеваме дека мотивацијата ќе биде уште поголема“, рече Перински.