Економија
(Видео) Ковачевски во Александрyполи: Ова е историски настан за земјите од регионот во делот на енергетиката
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, се обрати на свечената церемонија на започнување на реализацијата на изградбата на терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во Александруполи, Грција.
Ковачевски заедно со премиерот на Република Грција, Киријакос Мицотакис, претседателот на Владата, Кирил Петков, со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, како и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во своите поздравни обраќања ја потенцираа важноста на енергетскиот проект.
Ковачевски подвлече дека ова е историски настан за земјите од регионот во делот на енергетиката. Тој најави дека во тек се и подготовките коишто ќе овозможат и наше директно вклучување во изградбата на гасоводот со што нашата земја ќе биде поврзана со овој значаен енергетски капацитет.
„Со интерконекторот во Грција, кој е во фаза на реализација, ја заокружуваме сета потребна инфраструктура за да се заврши и секундарната гасна мрежа која ќе го донесе гасот до граѓаните и стопанството во Северна Македонија. Обезбедувањето природен гас како енергенс за компаниите и домаќинствата ќе доведе до намалени трошоци, но и до намалување на загадувањето и заштита на животната средина, односно подобри услови за живот на граѓаните во Северна Македонија“, изјави Ковачевски.
Како што додаде, јужниот коридор ја намалува зависноста од досега единствениот канал на доток на гас од Русија. Поточно, со овој проект наместо во нашата држава да биде присутен само еден извор на гас, сега е отворена можноста да влезе и снабдување од повеќе различни извори, како гасот од Соединетите Американски Држави, Блискиот Исток и други земји.
Според Ковачевски, тоа значи и диверзификација на изворите што нашата држава ќе ја направи енергетски независна, а сето тоа ќе влијае и на намалување на цената на гасот како енергенс за индустриските и енергетски капацитети во нашата држава.
Додаде дека учеството на Северна Македонија во овој мега проект ни ја обезбедува привилегијата да станеме партнери во реализацијата на стратешките енергетски интереси на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

