Економија
Ковачевски: Во ребалансот има 2,7 милијарди евра за инвестиции во човечки капитал и рекордна сума за активни мерки за вработување
Со предложениот ребаланс на буџет се издвојуваат 2,7 милијарди евра за инвестиции во човечки капитал, односно во образование, здравство и социјална заштита, што во однос на пред три години години е повеќе за над половина милијарда евра, посочи заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски на конференцијата „Високото образование и бизнисот – заеднички предизвици и приоритети“, во организација на Стопанската комора и Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.
Ковачевски посочи дека заедничките предизвици на високото образование и стопанство ќе бидат адекватноста на кадрите со побарувачката на пазарот на труд и поголема инклузија на експертизата на високонаучните институции за надминување на проблеми и креирање на додадена вредност.
-По Ковид-19 кризата, креирање на соодветна понуда согласно побарувачката на пазарот на труд, ќе стане уште поголем предизвик. Новата нормала условува постепено згаснување на одредени професии, додека истовремено креирање на поголема побарувачка за други профили. Изминатите години Владата покажа силна заложба за подобро кореспондирање на понудата и побарувачката на пазарот на труд. Оттаму, средствата за активните мерки издвоени од државниот буџет изминатите години неколкукратно се зголемени. Годинава, како одговор на Ковид-19 ефектите, со предложениот ребаланс ги зголемуваме средствата за активни мерки за вработување, од 1,3 милијарди денари на историски највисоки досега 1,66 милијарди денари или 27 милиони евра. За споредба, во 2016 година од буџетот биле издвоени само 530 милиони денари за активни мерки или трикратно пониски – рече Ковачевски.
Тој посочи дека Covid-19 кризата беше и се уште е глобална закана за акумулацијата на човечки капитал.
-Изминатите неколку години Владата настојуваше со секој буџет да издвојува повеќе средства за образование, за здравство и за социјална грижа. Така, со предложениот ребаланс за областа образование издвојуваме 28,6 милијарди денари или за 3 милијарди повеќе во однос на буџетот во 2018 година, за здравство 46,7 милијарди денари или 14 милијарди повеќе во однос на 2018 година и за социјална грижа 91,8 милијарди денари или 16,6 милијарди денари повеќе во однос од пред три години. Значи, за само три години има зголемување во инвестициите во човечки капитал од над 30 милијарди денари или над половина милијарда евра. Зборуваме за 2,7 милијарди евра инвестиции во човечки капитал на годишно ниво – рече Ковачевски.
Ковачевски истакна дека партнерствата меѓу универзитетите и бизнис-заедницата ќе бидат од витално значење при обновата на економиите по пандемијата, односно рестартирање на економијата на знаење, како и дека се почесто има примери на стратешки партнерства помеѓу мултинационални корпорации и универзитети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

