Економија
Ковачевски: Ја поддржуваме наменската индустрија, активно придонесуваме во колективниот систем за одбрана на НАТО
Премиерот Димитар Ковачевски денеска, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, беше во посета на фабриката за производство на малокалибарска муниција „АТС АММО“ во Самоков.
Премиерот Ковачевски посочи дека „АТС АММО“ е единствената македонска фабрика во земјава за производство на малокалибарска муниција „АТС АММО“, која во минатото беше позната како „Сувенир“ од Самоков.
„Цели 42 години оваа фабрика опстојува на овие простори со долгогодишна традиција и искуство во производството на сите видови на малокалибарска муниција и успеа со својот квалитет да се пробие во светски рамки. „АТС АММО“ е дел од АТС групацијата која е присутна во 56 земји во светот“, рече премиерот Ковачевски, додавајќи дека фабриката работи според НАТО стандарди.
Наменската индустрија, како што посочи премиерот Ковачевски, е само една од областите каде сериозно се вложува преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
„Република Северна Македонија под капата на Алијансата се чувствува побезбедно и посилно. Заедно и рамноправно со другите земји членки се грижиме за регионалниот и светскиот мир и безбедност, се грижиме за подобро и побезбедно утре за нашите граѓани. Активно придонесуваме во колективниот систем за одбрана. Буџетот на Министерството за одбрана расте, од 1,85% од БДП, односно 274 милиони евра за оваа година, извесно е дека следната година ќе го достигнеме минимумот од 2% од БДП за одбрана кој беше договорен на НАТО Самитот во Вилнус. За модернизација и опремување одвоивме над 30 отсто од буџетот за одбрана и со тоа го надминавме минималниот праг на НАТО, најмалку 20% од буџетот за одбрана да биде наменет за оваа цел. А, таквата тенденција планираме да ја задржиме и следната година“, потенцира премиерот Ковачевски, нагласувајќи дека нашата земја е очекуван рамноправен партнер и на европската маса и дека тоа е процес од кој нема враќање назад.
Вицепремиерот Битиќи ги повика домашните компании да го следат примерот на „АММО“, да се охрабрат, да ги приспособат и реструктурираат своите производствени процеси, односно своите производи да ги усогласат со највисоките стандарди на Алијансата, што е услов за учество во тендерските постапки.
„Ова бара технолошко унапредување, но затоа компаниите не се оставени сами. Во оваа насока, ќе го споменам Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како можност која ја создадовме за домашните компании да бидат поддржани во делот на инвестиции за технолошко унапредување на производството, посебно во делот на инвестирање за истражување и развој, каде финансиската поддршка изнесуваат 50% од прифатливите трошоци, како и поддршката во делот на извозот. Веќе преку овој закон се поддржани 919 компании, кои имаат реализирано инвестициски циклус од пола милијарда евра, поддржан од страна на Владата со околу 100 милиони евра. На овој начин, директно ги стимулираме и домашните компании своето производство, своите производи, да ги прилагодат на критериумите на Алијансата и со тоа да им отвориме нов простор за раст на бизнисите, за отворање на нови работни места, со достоинствени плати за граѓаните“, рече Битиќи.
Министерката Петровска по обиколката на капацитетите на „АТС АММО“ порача дека е сериозна компанија со голем квалитет што е многу важно во време кога се соочуваме со сериозни предизвици за да се задоволат потребите на воената индустрија. Петровска информираше дека оваа компанија веќе е регистрирана за учество на НАТО пазарот и додаде дека интересот на компаниите за комплетирање ма овој процес се зголемува.
„Оваа компанија веќе е регистрирана на НАТО пазарот и учествува на пазар кој вреден повеќе од пет милијарди евра. Она што ме радува и она што можам да го споделам како податок е дека и останатите компании во Северна Македонија кои се занимаваат со други дејности го зголемуваат интересот за регистрација на НАТО пазарот. Ако во 2021 година беа само осум компании, веќе во октомври 2023 година, тој број е 18 само за една година или вкупно некаде околу 40-тина компании кои го добиле тој НАТО код и може да учествуваат на НАТО пазарот”, рече министерката Петровска.
Министерката додаде дека Министерството за одбрана и Армијата имаат исклучително позитивна соработка користејќи ги производите кои оваа компанија ги произведува, а ќе соработуваат и во развојот и почетокот за производство на првиот македонски дрон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

