Економија
Ковачевски: Ќе ги прошириме дејностите на фирмата ќерка ФОД за подобри резултати во кризни услови
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, изјави дека АД ЕСМ планира да вложи напори да се прошири дејноста и обемот на работа на фирмата ќерка ФОД – Фабрика за опрема и делови Новаци, формирана со намена да ги задоволува потребите на РЕК „Битола“.
ФОД пружа услуги на РЕК „Битола“ и на РЕК „Осломеј“, но со цел да се обезбеди повеќе работа за фабриката, на денешниот состанок на генералниот директор Ковачевски со раководството на фабриката се разгледуваа можности фирмата да преземе и други работни обврски во рамките на двата комбината, како и во другите подружници на АД „Електрани на Северна Македонија“, со цел да ги зголеми остварените приходи, со што ќе придонесе кон намалување на вкупните трошоците на ниво на цело АД ЕСМ и остварување подобри резултати.
Исто така, на работната средба се разгледуваа и проекти за различни инвестициски зафати за проширување на капацитетите на ФОД, како и воведување современи практики за намалување на трошоците на производство и за заштеда на енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Предности и недостатоци на ПВЦ прозорци
Последниве години, а може да се каже и деценија, ПВЦ столаријата е меѓу најбараната, без разлика дали станува збор за новоградба или реновирање. Тоа се должи пред се на добриот сооднос цена-квалитет, на брзината на изработка и монтажа, но и на фактот дека ПВЦ столаријата е полесна за одржување. Со тек на годините и во оваа индустриска гранка има напредок, така што денес ПВЦ прозорците имаат подобри функционални и естетски карактеристики (ги има во повеќе бои, комбинација со дрво…). Доколку сте на мислење да поставите ПВЦ прозорци, дознајте ги предностите и недостатоците на овој материјал подолу.
Прозорците се исклучително важен елемент на секој дом – го штитат објектот од неповолни временски влијанија, обезбедуваат сигурност и безбедност, овозможуваат природно проветрување на објектот, придонесуваат за естетскиот изглед на фасадата… Тие се состојат од стаклена површина која генерално сочинува 70% од прозорецот, механизми за движење-опрема, како и профили. Профилите можат да се направат од различни материјали – алуминиум, дрво, комбинација од дрво и алуминиум и ПВЦ. Последните се најпопуларни и подолу ќе се фокусираме на нивните карактеристики.
Предности на ПВЦ прозорци
ПВЦ прозорците се енергетски ефикасни и обезбедуваат одлична топлинска изолација на објектот. ПВЦ материјалот има низок фактор на топлинска спроводливост, односно е одличен изолатор.
Сепак, важно е да се нагласи дека енергетската ефикасност на ПВЦ прозорците првенствено зависи од бројот на комори во рамката. Коморите се јасно видливи на пресекот на рамката – тие претставуваат еден вид бариера за пренос на топлина од внатре кон надвор. Поедноставно објаснето: тие се воздушни џебови, одвоени еден од друг со прегради, а добро е познато дека воздухот е одличен изолатор.
Повеќе комори значи помала загуба на топлина во текот на зимата, а со тоа и поголема заштеда на месечните сметки. Прозорските рамки со пет или шест комори се одличен избор од гледна точка на енергетска ефикасност.
На ист начин, преминот на звучните бранови во внатрешниот простор е ограничен, односно се намалува шумот. Затоа, ПВЦ прозорците обезбедуваат и одлична звучна изолација која оди до 48 dB.
Предноста поради која ПВЦ прозорците се популарни е прифатлива цена. За стандардни ПВЦ прозорци со двојно застаклување треба да се одвои помеѓу 85 и 160 евра.
Друга многу важна предност на ПВЦ прозорците е едноставно одржување. За чистење на ПВЦ прозорци доволни се мека крпа и малку топла вода, а благо средство за чистење доколку се по извалкани. За разлика од дрвените прозорци, ПВЦ прозорците не бараат одржување во форма на лакирање за да се спречи гниење на материјалот. Исто така, не треба да се грижите за корозија како кај металните рамки. Стаклената површина на прозорецот се чисти стандардно, со средства за одржување на стаклените површини.
ПВЦ прозорците се внатрешно засилени со челични профили така што оние со поголеми димензии се доволно крути. Тие се отпорни на повеќето стандардни механички оштетувања, неповолни климатски услови. Иако многумина се на мислење дека ПВЦ столаријата е краткотрајна, оваа заблуда не е основана – ПВЦ прозорите траат 25 години и повеќе, без да има промени во изгледот или перформансите.
Друга заблуда поврзана со ПВЦ прозорците е дека тие мора да бидат само бели. Ниту ова не е вистина. Денес, ПВЦ столаријата се изработува во над 20 бои, дури и во имитации на природни материјали како дрво. Ова е одличен избор за сите оние кои го сакаат топлиот и природен изглед на дрвото, но не сакаат да губат време на одржување на дрвени прозорци. ПВЦ прозорците може да имаат дури и двобојни профили, односно профили со различни бои однадвор и внатре. Овие рамки се користат доколку бојата на рамката, која е од внатрешната страна ил надворешната страна, не се вклопува со постојната фасада или ентериер.
Сепак, важно е да се нагласи дека споменатите предности не постојат ако монтажата на ПВЦ прозорци не се изведува правилно.
Кои се недостатоците на ПВЦ прозорците?
Исто како и другите материјали, ПВЦ прозорците имаат одредени недостатоци. ПВЦ прозорци можат да се деформираат под влијание на висока температура, а под влијание на УВ зраците можат да ја променат бојата, особено ако се поставени на сончевата страна на објектот.
ПВЦ прозорците имаат значителен недостаток во споредба со оние направени од алуминиум. Тие не можат да имаат тенки и издржливи рамки. Имено, алуминиумот е материјал со огромна цврстина, а прозорските рамки направени од него можат да бидат тенки, но сепак поцврсти од другите материјали, без да се виткаат или кршат.
Третиот важен недостаток на ПВЦ прозорци се однесува на одржливост. За разлика од дрвените прозорци, ПВЦ прозорците се направени од вештачки материјал. Сепак, важно е да се напомене дека старите ПВЦ прозорци може да се рециклираат до седум пати без никаква промена во квалитетот.
Кога се зборува за еколошки аспект, не смее да се изгуби од вид дека ПВЦ прозорците имаат одлични термо изолациски карактеристики и можат да траат над 50 години, така што нема да се менуваат толку често, што го намалува отпадот.
Генерално, ПВЦ прозорците имаат значително повеќе предности отколку недостатоци.
ПР текст
Економија
УЈП: Се наближува рокот за поднесување барање за признавање расход во даночниот биланс
Даночните обврзници на данокот на добивка и вршители на дејност кои водат деловни книги, доколку во текот на 2024 година имаат средства кои понатаму не можат да се користат, односно се трајно надвор од употреба, а кои имаат нето сметководствена вредност, најдоцна до 31 јануари 2025 година до УЈП можат да поднесат:
Барање согласност за признавање на расход во даночен биланс за данок на добивка (образец “ДД-БС”) eлектронски преку преку https://etax-fl.ujp.gov.mk/
Барање согласност за признавање на расход од работењето на даночниот обврзник во даночен биланс за данок на доход (образец “ДЛД-БС”) електронски преку https://e-ujp.ujp.gov.mk
Под средства што се трајно надвор од употреба се сметаат:
средствата што се уништени или оштетени поради виша сила како и од други непредвидливи настани, физичка дотраеност или техничка застареност; средствата што повеќе од една година непрекинато не ги користите, а нивното ставање надвор од употреба не е поради поправка или доградба; средствата што се во фаза на набавка, а чија набавка, со одлука или со друг акт е откажана или три години едноподруго не се вложуваат средства за довршување на таа набавка, и средствата што во последните пет години непрекинато ги користите помалку од 30% од нивниот програмиран капацитет. Барањето ДД-БС и ДЛД-БС се поднесува со цел преостанатата сметководствена вредност на средствата да се амортизира во целина независно од пропишаниот век на траење и таквата амортизација во целина да влезе како признат расход при утврдување на даночната основа за данокот на добивка односно данок на личен доход.
Во прилог на барањето ДД-БС задолжително се поднесува:
Список на средства кои не можат понатаму да се користат
Во списокот треба да се содржани следните податоци: назив на средството кое се отпишува, инвентарен број, амортизациона група и подгрупа на која средството припаѓа, набавна вредност, исправка на вредност и сегашна вредност на средствата што се отпишуваат со состојба на 31 декември 2024 година.
Акт со кој се уредува начинот на пресметување на амортизацијата
Одлука за усвојување на извештајот за попис и евидентирање на утврдените разлики, донесена од органот на управување на друштвото односно од обврзникот кој остварува доход од самостојна дејност
Изјава дека средствата не можат понатаму да се користат во која се наведува причината поради која истите не може да се користат.
За дополнителни информации или поддршка во врска со барањето ДД-БС и ДЛД-БС, може да се обратите до Контакт центарот на УЈП на:
е-пошта: [email protected]
Од фиксна линија: 0800 33 000
од мобилен и фиксен 02 3253 200
Економија
Мицкоски на економски и политички средби во Вашингтон: „Се лобира за интересите и напредок на државата“, велат од Владата
Во текот на вчерашниот ден, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, присуствуваше на дел од инаугурациските активности на новиот претседател на САД, кои се оддржаа во Вашингтон.
Тој оствари средба и со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Ватли, со кого го проследи поздравниот говор на американскиот претседател Доналд Трамп.
Меѓу другото, престојот во Вашингтон беше искористен и за многубројни средби на кои се лобира за македонските интереси, соопштија од владината прес-служба.
Премиерот Мицкоски на свеченоста „Гласови на слободата“, организирана од компаниите „Трамп медија“ и „Рамбл“, која се одржа по инаугурацијата, оствари средба со Ден Бонџино, еден од најблиските соработници на претседателот Трамп и најпознат политички десничарски коментатор.
„Разговор во кој зборувавме за Македонија, нашите предизвици, но и можности. Нашите аргументи и позиции се јасни и нашето стратешко партнерство со САД и со администрацијата на претседателот Трамп се силни. Се бориме дома за повисоки плати, пензии, нова инфраструктура, подобро здравство, поконкуретно образование, брзорастечка економија итн., но се бориме и во Брисел, Берлин, Париз, Лондон, Вашингтон итн., нашиот глас е сè посилен“, истакна за средбата премиерот на македонската влада, Мицкоски.
Истовремено, македонскиот премиер оствари разговор со Ендру Пејкоф, канадски бизнисмен со македонско потекло, основач и претседател на „Нијагара ботлинг“, компанија што има годишен приход од речиси 4 милијарди американски долари и приближно 5.000 вработени. Компанијата е основана 1963 година и денес е најголема компанија на американскиот пазар од оваа област.
„Инвестициите на ‘Нијагара ботлинг’ во Македонија се добредојдени. Македонската дијаспора е клучен елемент во системот, нашиот глас и аргументите да бидат појасни и посилни во светот. Обновуваме, но и создаваме нови можности и партнерства со секој што може да ѝ помогне на државата“, истакна Мицкоски за средбата.
Претседателот на македонската Влада, Христијан Мицкоски. се сретна и со Џеси Спиро, главен директор во „Тетер“ и одговорен за стратешките односи со владите во светот. „Тетер“ е најголемата компанија во светот, која управува со дигитален капитал, криптовалути. Профитот на компанијата во 2023 година е 6,2 милијарди американски долари, а само во првата половина од 2024 година профитот на компанијата е 5,2 милијарди американски долари.
За средбата Мицкоски истакна:
„Разговаравме за криптопазарот, иднината на криптовалутите и блокчејн-технологијата. Секоја инвестијата на ‘Тетер’ и споделено искуство од најголемите во својата област е добредојдено. Мора да чекориме со големи чекори напред. Предизвиците на иднината не смееме да ги игнорираме“.