Економија
Конституенца Скопје 2019: Нееднаквоста може да се намали преку вложување во образованието, здравството и социјалната грижа
Преку спроведување на економски реформи и вложување во човечкиот капитал – здравството, образованието и социјалната грижа, може да се намали нееднаквоста и да се постигне поправеден систем за сите. Ова беше истакнато на централниот дел на Состанокот на Холандско-белгиската конституенца, кој се одржува во Скопје, а на кој воведни обраќања имаа премиерот Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.
Премиерот Заев истакна дека Република Северна Македонија преку спроведување на економски реформи и успешни фискални политики изминативе две години на дело покажува дека е посветена на градење на едно праведно општество со еднакви можности и силна економија којашто ќе отвора шанси за сите.
,,Преку буџетските механизми на редистрибуција на буџетот, финансиските средства прибавени од праведниот данок денеска се користат за исплата на повисока социјална помош за 300%. Го проширивме правото на користење на образовниот и детскиот додаток од сегашните 3.000 на над 70.000 деца. Тоа е фер и еднаков пристап на државата кон сите свои граѓани. Само преку инвестиции и силно вложување во човечкиот капитал, а посебно во децата и младите луѓе нашата економија и држава имаат одржливи и долгорочни перпсективи за развој”, рече премиерот Заев.
Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека изминатиот период со реформи во системот на јавни финансии и воспоствена фискална дисциплина се создал фискален простор за да се зголемат инвестициите во човечки капитал.
,,Слабите инвестиции во човечкиот капитал порано, резултираа со низок индекс на истиот, односно ниска потенцијална продуктивност на граѓаните поради помали инвестиции во образование, здравство и социјална грижа. Затоа наша определба, за разлика од порано, е да се вложи повеќе внимание и финансии за инвестирање во човечкиот потенцијал. Покрај социјалната реформа, издввоивме повеќе средства и за активните мерки за вработување, за изградба на нови градинки, за што имаме поддршка и од ЕУ и Светска банка. Понатаму, постојано ги зголемуваме средствата за здравство и образование, вклучително и покачување на платите на лекарите и наставниците. Ова се најважните алки во синџирот, а слабите алки креираат слаби ученици и лошо здравство”, рече Тевдовски.
Гувернерката на Народната банка Ангеловска-Бежоска, меѓу дргото рече дека зголемувањето на доходовната нееднаквост, почнувајќи од 1980 година е глобален феномен речиси секаде, иако со различен интензитет во различни земји. Притоа, таа истакна дека во нашиот регион, учеството на најбогатите 10% во вкупниот доход е околу 29%, што е помалку во однос на Западна Европа.
,,Особено е важно сите ние, како носители на економски политики, да го насочиме нашето внимание кон осмислување и спроведување реформи за посилен и поинклузивен економски раст, што, пак, би довело до поеднаква распределба на доходот во светски рамки”, истакна Ангеловска-Бежоска.
Таа изрази надеж дека во блиската иднина ќе бидеме сведоци на намалување на јазот во приходите и на намалување на нееднаквоста во општествата во земјите од Конституенцата, што ќе придонесе тие да бидат попрoсперитетни и поправедни. Но, и укажа дека за да се случи тоа, неопходна е решителност, посветеност и визија од носителите на политиките.
Реформските процеси во Република Северна Македонија добија пофалби и од високите претставници на Светска банка и ММФ кои се обратија на состанокот.
Сите земји членки на Конституенцата ќе имаат поголем економски раст од регионалниот просек, а најголем напредок во реформите имаат Северна Македонија и Босна и Херцеговина, рече Сирил Милер потпретседател на Светска банка за Европа и Централна Азија.
,,Владата има навистина амбициозна реформска агенда и навистина може да се забележат резултати, како на политчки план, бидејќи изгледите на земјата за влез во ЕУ и НАТО се подобрени, но и на економско ниво, бизнисот, деловното окружување, образованието. Сметам дека преминот од рамен данок кон прогресивен данок е позитивен чекор кон обезбедување еднаквост и ММФ на повеќе навратии тоа го препорачувал и пропагира и сметам дека секако е добар начин да се стигне до поголема еднаквост за која што зборрувавме”, рече Антони де Ланој, извршен директор на ММФ за Конституенцата.
,,Преспанскиот договор немаше само политичко, туку и економско значење бидејќи создаде доверба и можности за реформи, а Владата навистина вложуваше и во човечкиот капитал и во приватните компании, но и во одржливоста. Само што ги слушнавме последните бројки на Светска банка кои покажаа позитивно економско сценарио и покрај глобалното забавување. Светска банка неодамна склучи повеќегодишна програма со Северна МАкедонија за да ги поддржи инвестициите во човечки капитал. Оваа програма ќе креира можности за пприватниот сектор, за младите, за жените, но и за клучни прашања како загадувањето”, рече Кун Дејвидсе извршен директор на Конституенцата за Светска банка.
Преку седумдесет министри за финансии, гувернери на централни банки, високи претставници на министерства за финансии и централни банки, високи претставници на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд присуствуваат на централниот дел од Состанокот на Холандско-белгиската конституенца, кој се одржува во Скопје. Темата на која ќе се дискутира е „Како до поправеден систем за сите?“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.
Економија
ОКТА АД – Скопје со силни резултати во 2025 година во пазарна средина исполнета со предизвици
Финансиски резултати за 4-тиот квартал / 12 месеци од 2025 година

*Прилагодена за ефектот на вреднување на залихите
ОКТА АД – Скопје Годишни резултати за 2025 година
Во 2025 година, глобалниот пазар на деривати беше обликуван од геополитичка несигурност и еволуирачки енергетски политики, што резултираше со повремена нестабилност на цените. Ризиците по снабдувањето поврзани со регионалните конфликти и нестабилните трговски рути беа делумно компензирани со зголемено производство од главните извозници, ублажувајќи ги ценовните притисоци во споредба со 2024 година. Намалената индустриска активност на клучните пазари го ограничи растот на побарувачката и придонесе за стабилизација на цените во втората половина од годината.
Во Југоисточна Европа, геополитичките случувања и регулаторните промени продолжија да влијаат врз пазарните услови. Во Северна Македонија, воведувањето на новиот Закон за енергетика во средината на 2025 година и тековните регулаторни прилагодувања влијаеја врз динамиката на цените и конкуренцијата. По благиот пад во 2024 година, локалниот пазар покажа знаци на закрепнување во текот на 2025 година.
Во овие услови, ОКТА успешно се справи со регионалните флуктуации во снабдувањето и силните притисоци од конкуренцијата како на домашниот така и на извозниот пазар. Компанијата ја задржа својата утврдена водечка позиција во големопродажбата, додека структурата на малопродажниот пазар остана во голема мера непроменета. Во текот на целата година, ОКТА се фокусираше на дисциплинирано комерцијално извршување, разумно управување со маржите и насочени, стратешки иницијативи.
Финансиски остварувања
Приходите од продажба за фискалната 2025 година изнесуваа 38.492 милиони денари, во споредба со 44.263 милиони денари во 2024 година, првенствено поради пониските меѓународни цени на горивата и намалениот обем на извоз. Во четвртиот квартал од 2025 година, приходите од продажба се зголемија за 5% на годишно ниво на 10.179 милиони денари.
Бруто добивката порасна на 1.324 милиони денари во фискалната 2025 година од 1.169 милиони денари во претходната година, поткрепена од поголемата домашна продажба, зголемените испораки кон Државните резерви и зголемено тргување со електрична енергија. ЕБИТДА достигна 652 милиони денари, во споредба со 501 милион денари во 2024 година, што одразува поголем домашен обем, намалена изложеност на нестабилност на цените и поголема продажба на електрична енергија. ЕБИТДА во четвртиот квартал од 2025 година изнесуваше 139 милиони денари, што е намалување од 16% на годишно ниво, главно предизвикано од нестабилноста на цените на горивата и пониските маржи на електричната енергија.
Добивката пред оданочување во фискалната 2025 година значително се зголеми на 667 милиони денари, во споредба со 238 милиони денари во 2024 година. Покрај подобрените оперативни остварувања, резултатот е одраз и на помала амортизација по еднократната забрзана амортизација во 2024 година, предвидениот поврат на Данокот на солидарност од 50 милиони денари платен во 2023 година и оптимизирано управување со готовината. Во четвртиот квартал од 2025 година, добивката пред оданочување изнесуваше 177 милиони денари во споредба со 87 милиони денари во четвртиот квартал од 2024 година.
Оперативните трошоци останаа генерално стабилни на годишно ниво. Во 2025 година компанијата продолжи да работи без долг, во континуитет со претходните години. На 29 мај 2025 година, Собранието на акционери одобри распределба на дивиденда од 182,8 милиони денари, што е еднакво на 240,00 денари по акција.
Стратегија и перспектива
ОКТА ја заврши 2025 година со пазарен удел од 67% во Северна Македонија и 29% во Косово, надминувајќи ги планираните цели за профитабилност. Компанијата останува посветена на зајакнувањето на својата лидерска позиција на пазарот, оптимално користење на продуктоводот Солун – Скопје и складишната инфраструктура, како и обезбедување долгорочна сигурност во снабдувањето.
ОКТА продолжува да ја развива својата стратегија за диверзификација, при што значајно вложува и во обновливи извори на енергија. Во текот на годината, компанијата инвестираше 63 милиони денари во проекти од оваа област и се фокусира на максимално искористување на инсталираниот соларен капацитет од 12 мегавати како и идниот систем за батериско складирање. Плановите вклучуваат понатамошно проширување на фотоволтаичните системи и решенијата за складирање.
Корпоративна оштествена одговорност
Во четвртиот квартал, ОКТА дополнително ја зацврсти својата стратешка посветеност кон одржливоста, проширувајќи ги донациите на кровни фотоволтаични системи за образовни институции во Скопје, Битола и Штип. Овие инвестиции ја подржуваат националната цел за зголемување на енергетската ефикасност и обезбедуваат мерливи еколошки продобивки преку значително намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Дополнително, компанијата спроведе иницијатива за општествена одговорност кон животната средина, организирајќи акција за пошумување во Националниот парк Јасен, во склоп на тим-билдинг програмата.
Паралелно со овие иницијативи, ОКТА продолжи да го негува и промовира националното културно наследство преку поддршка на реномираните културни фестивали и продлабочена соработка со релевантните културни институции во земјата. Годината ја заокружи со засилен фокус на вклучувањето на заедницата, акцентирајќи ја поддршката за образованието и ранливите групи преку целни донации и општествени иницијативи. За да го сподели напредокот на транспарентен начин и да ја зајакне својата улога како одговорен корпоративен лидер, ОКТА одржа брифинг за медиумите на кој ги претстави клучните достигнувања во текот на годината.
ПР
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.

