Економија
Костовски за „Еуростандард банка“: Погрешивме со изборот на Управниот одбор, тие нè наместија
Бизнисменот Трифун Костовски, сопственик на „Еуростандард банка“ денеска ја обвини Народната банка и потесното раководство на Управниот одбор на банката за нејзиното пропаѓање.
Тој на денешната прес-конференција, заедно со неговиот син најавија дека правдата ќе ја бараат надвор од земјава.
„Ќе одиме пред сè во арбитража, каде што доколку го добиеме спорот што ќе го отвориме понатаму, средствата ќе бидат наменети за нашите коминтенти“, најави Коста Костовски.
Трифун Костовски ситуацијата ја опиша како кога „за кило месо, убиваш вол“.
„Нашата вина ја лоцираме во изборот на Управниот одбор, не пренесоа жедни преку вода, нè наместија“, рече Костовски.
„А какви можеме да бидеме на пазарот, кога една година сме комплетно блокирани да работиме со правни и приватни лица. Преку ‘Еуростандард’ и така блокирана, 26 отсто од вкупниот платен промет се одвиваше преку таа банка заедно со Македонски пошти“, рече Костовски во изјавата за медиумите.
Тој обвини и дека странски инвеститор сакал да ја купи „Еуростандард банка“, но Народната банка комплетно го маргинализирала.
„Бевме на пат да го решиме тоа прашање, не ни дозволија“, рече Костовски.
„Ова е сценарио кое што е правено со месеци наназад, за никој да не знае, само блиски до тие кругови во НБРМ на време биле известени да си ги повлечат парите, бидејќи тоа и тоа и следува на ‘Еуростандард банка’“, обвини сопственикот на банката во стечај.
Костовски ситуацијата ја нарече холокауст во банкарскиот систем направен од НБРМ.
Изјави дека како семејство и како акционери нема да бегаат од одговорноста и ќе платат за сè што Законот предвидува, но сепак не можат да се ослободат од чувството дека заедно со нив повлекле цела армија на правни и физички лица.
„Знам дека со стечајна постапка многу физички и правни лица ќе бидат погодени, ако ви кажам кои ќе бидат последиците во поглед на тоа што се требаше да се направи во докапитализација на банката, тоа е да споредите слон и мравка“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,02 п.п., при што во јануари таа изнесува 2,20%, известува Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,48 п.п. и изнесува 4,73%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

