Економија
Лазаров: Економските односи со Бугарија да бидат мотор во процесот на дијалог
Кирил Лазаров – претседател на Македонско-бугарската стопанска комора
„Со задоволство сакам да ве известам за вчерашната успешна средба што ја имав со специјалниот преставник во преговорите со Бугарија, професорот Владо Бучковски, и со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Република Северна Македонија, европратеникот Илхан Ќучук.
Па, така, од позицијата претседател на Македонско-бугарската стопанска комора ја потенцирав важноста дека ако сакаме да имаме цврсти, принципиелни и братски врски со соседна Бугарија, тие врски, пред сè, мора да почиваат на економски темели и бизнис-политики, односно да создадеме силен динамичен инвестициски циклус и да успееме да развиеме проекти од стратешко економско значење за двете држави. Едноставно, нема да може да имаме стабилни политички врски ако немаме солидни економски врски.
Имено, економските односи не смее да застанат и во никој случај не треба да бидат заложнички фактор на политичките и дипломатските процеси на двете држави, напротив, тие треба да бидат моторот што ќе ги придвижат процесите и да бидат своевиден пример дека ние сакаме и мораме да соработуваме од блиску и оттаму сакав да ги промовирам можностите на економската дипломатија и преку одредени сугестии што ги имаме како стопанска комора да се обидеме да ја наметнеме економската агенда што ќе даде само додадена вредност и значителен придонес во нашите односи.
Од нас како бизнисмени и од едната и дргата страна зависи колку ќе ги зближиме нашите граѓани и јас мислам дека преку брзи автопати, експресни патишта, преку гасоводи, преку железнички и инфраструктурни проекти и преку нови гранични премини практично многу побргу ќе ги зближиме нашите народи отколку со историски толкувања, но тоа им го оставаме на политичарите, јас сум денес во друга мисија, а тоа е како преку една силна и динамична економска дипломатија да ги пробиеме бариерите и да покажеме зрелост дека бизнисот, економијата и инвестициите не смее и не може да бидат ставени под ризик од политиката, напротив, ние треба да бидеме машината што ќе влече напред.
Имаме патоказ, имаме платформа и траекторија по која треба да се движиме и во суштина и самиот берлински процес тоа го наметна и стратешки го исцрта, а тоа е како треба да изгледа овој регион. Да потсетам дека минатата година ние и Бугарија, а под покровителство на Германија, бевме домаќини на тој процес и во тој контекст ние имаме и одговорност овој стратешки економски концепт да заживее во Југоисточна Европа и на располагање ќе бидат десетици милијарди евра за развој на инфрастуктурата, коридорите и развивање одржливи енергетски проекти. Ќе биде штета ако не ја искористиме оваа можност.
Ги информирав и специјалниот преставник Бучковски и европратеникот Ќучук дека ние како држава го комплетиравме и завршивме граничниот премин Клепало, кој од Берово ќе се влегува во Бугарија, и нестрпливо чекаме бугарската страна да го заврши својот дел. Имав задоволство да ги реафирмирам сугестиите од Комората за забрзување на сите почнати проекти, како, на пример, ескпресниот пат кон граничниот премин Деве Баир, кој е во градба, можноста за гасното поврзување Струмица – Петрич, железничка линија Ново Село – Петрич за можноста за соодветен извоз на земјоделски продукти, понатаму за можното експрено патно решение Ново Село – бугарска граница, а зошто да не во иднина и автопат, за зголемување на стопанската размена и многу други идеи во економска смисла.
Секако, позитивна беше подршката шот ни ја даде специјалниот претставник Владо Бучковски во однос на економската динамика што ја планираме и ја поздрави нашата иницијатива како Комора да успееме да ја вратиме довербата на бизнисмените од двете држави преку економски политики.
И, на крајот, ја искористив можноста од името на Македонско-бугарската стопанска комора, која во основа промовира бизнис без граници, на господинот Илхан Ќучук да му врачам благодарница како резултат за постојаната поддршка што ѝ ја дава и ќе ѝ ја дава на Република Северна Македонија во процесот на евроинтеграцијата“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.