Економија
Македонија и Русија согласни да најдат решение за привременото ограничување за извоз
Со цел надминување на проблемите настанати со привременото ограничување на извоз на коскесто овошје во Руската Федерација, денеска се одржа состанок во амбасадата, на кој присуствуваа претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот инспекторат за земјоделство, Константин Берсенев, заменик-амбасадор на Руската Федерација во Македонија.
На состанокот беше потенцирана заинтересираноста на двете засегнати страни за наоѓање решение за настанатата ситуација. Претставниците на македонската страна ги истакнаа преземените мерки од страна на надлежните органи во изминатата недела, меѓу кои спаѓаат: контрола на примарните складови и откупните пунктови, како и спроведената засилена фитосанитарна инспекција во регионот на Кавадарци и Неготино, земање сомнителни примероци со цел идентификација на распространетоста на штетниот организам на територијата на Македонија.
Фитосанитарната управа изготвува упатство за преземање мерки за деконтаминација на магацините и во насадите од коскесто овошје од страна на производителите и дистрибутерите на коскесто овошје во случај да се утврди присуство на габата; ова е со цел да се заштитат растенијата и растителните производи од евентуално понатамошно ширење, како и соодветно управување со заразениот материјал.
На состанокот беше презентирано и изготвеното упатство за управување со штетниот организам Monilinia fructicola, кое ќе им биде споделено на фитосанитарните инспектори и земјоделските производители. Исто така, беше договорено дека во текот на септември ќе се одржи состанок на техничко ниво меѓу претставници на надлежните органи од двете земји со цел да се разговора за актуелната состојба, но и за другите прашања за кои двете земји имаат потпишано протокол, со цел во иднина да се превенираат вакви состојби.
Привременото ограничување за извоз на коскесто овошје во Руската Федерација ќе се укине по изготвувањето извештај за спроведена истрага и преземени фитосанитарни мерки изготвен од надлежните органи на Македонија и негово прифаќање од страна на надлежните органи на Руската Федерација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

