Економија
Македонија ќе биде домаќин на вториот „Светски конгрес на претприемачи”

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска вчера во име на Владата на Република Македонија со Меѓународниот економски форум „Перспективи” од Дубровник во Загреб, Република Хрватска, потпиша „Протокол за партнерство и соработка”, со кој се прифаќа иницијативата Република Македонија да биде земја домаќин на вториот „Светски конгрес на претприемачи” во 2019 година. Со прифаќањето на оваа инцијатива, се очекува надоградба на деловниот имиџ на Македонија, како земја која е посветена на економскиот развој и унапредувањето на претприемачките слободи.
На свеченоста на потпишувањето министерката Апостолска истакна дека регионалните иницијативи на бизнисот, кои се фокусирани на развивањето и промоцијата на претприемачката култура, секогаш внесуваат позитивен импут во економскиот амбиент на државата.
„Со изразената волја на Владата на Република Македонија да го поддржи одржувањето на следниот Светски конгрес на претприемачи непосредно се вклучуваме во воспставувањето на партнерски односи и соработка помеѓу бизнис заедниците од регионот на централна и источна Европа, затоа што сме уверени дека развивањето и унапредувањето на економската соработка е важна за развојот на секоја земја“, рече Апостолска.
Претседателот на управниот одбор на Меѓународниот економски форум „Перспективи“, Винко Ќуро изрази благодарност до Владата на Република Македонија за прифатената инцијатива и притоа истакна дека на овој начин ќе се овозможи и одличен регионален канал за промовирање на стопанството и претпремиништвото, како и на можностите за инвестирање во Македонија.
„Преку идентификување и промовирање на успешните претприемачи, добри претприемачки пракси и креативни проекти, квалитетни и иновативни производи и услуги, нови технологии, нови маркетинг трендови и ИК-технологии, овој конгрес за македоноските стопаственици и претприемачи наредната година ќе понуди одлична можност за унапредување на пазарната комуникација“, рече Ќуро.
Овој Конгресот е резултат на работата на „Регионалниот самит на претприемачи на средна и југоисточна Европа – 300 најдобри“, кој традиционално се одржува во Дубровник, Република Хрватска, и произлегува од иницијатива на делегати-претприемачи од Австрија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Косово, Македонија, Норвешка, Германија, Србија, Словенија и Швајцарија.
На овогодишниот прв „Светски конгрес на претрпемачи“, кој се одржува во Загреб, партиципираат над 600 учесници, сопственици на компании, претприемачи, менаџери, политичари, претставници на академската средина од десетина земји од југоисточна и средна Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Горан Ѓорѓиевски избран за нов претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија

Со одлука на Собранието на Сојузот на стопански комори на Македонија, за нов претседател е избран Горан Ѓорѓиевски.
„Ова е специфичен момент затоа што треба многу да се направи за брендот Сојуз на стопански комори повторно да го добие реномето од пред десетина, петнаесет години. Влегуваме во нови времиња во кои ќе придонесеме за посилно деловно застапување, дигитална трансформација, раст на продуктивноста и транспарентноста на домашните компании“, изјави новоизбраниот претседател Ѓорѓиевски.
Во својата програма тој најави неколку приоритети: унапредување на деловната клима преку континуиран дијалог со институциите, поддршка на малите и средните претпријатија, поттикнување на иновациите и дигитализацијата, јакнење на регионалната и меѓународната соработка, како и инвестирање во образование и човечки капитал.
Економија
Славески – Прескер: потврда на значењето на Народната банка за економската стабилност

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер и со економскиот советник Горан Криж.
Во разговорот беше истакната улогата на Народната банка во одржувањето на макроекономската стабилност и значењето на довербата во финансискиот систем за економскиот развој и инвестициите.
Славески ја истакна посветеноста на Народната банка кон овие принципи, додека амбасадорот Прескер ги нагласи долгогодишните добри дипломатски и економски врски помеѓу двете економии, особено во финансискиот сектор каде што активно се вклучени голем број реномирани словенечки компании.
Во однос на финансискиот сектор, Славески се осврна на заложбите на Народната банка за намалување на надоместоците на банкарските услуги, заради обезбедување подостапни финансиски услуги за сите економски субјекти. Прескер искажа задоволство од заложбите на Народната банка и ја потврди понатамошната поддршка од Словенија, вклучително и преку центарот за обуки ЦЕФ.
Средбата претставува можност за продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји и унапредување на соработката.
Економија
Ќе се олеснува кредитирањето при купување прв стан, вели Славески

Извршниот одбор на Народната банка усвои нова Одлука за макропрудентните мерки поврзани со макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Со оваа одлука се регулираат основните показатели со кои се оценува кредитоспособноста на физичките лица, кога тие бараат кредити од банките и од штедилниците. Мерките ќе се применуваат од 1 декември 2025 година.
Гувернерот д-р Трајко Славески на конференцијата за печатот објасни дека со новата одлука се олеснува кредитирањето за купување или градење прво живеалиште, односно стан или куќа наменети за сопствено живеење. Но, имајќи ги предвид условите на пазарот на недвижности, особено во главниот град, што водат кон забрзан раст на цените на становите, поради што стануваат недостапни за помладите генерации, се врши и затегнување на условите за користење кредит за станбен објект којшто не претставува примарно живеалиште за кредитобарателите.
„За сите лица со нерешено станбено прашање, коишто навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10% од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15% на 25% од вредноста на станот. Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55% за изложеноста во денари и 50% за изложеноста со валутна компонента. За сите останати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50% за изложеноста во денари и 45% за изложеноста со валутна компонента.“
Имено, олеснувањето при купување прв стан се однесува на лицата коишто навистина немаат стан или куќа на свое име и планираат да купат или да изградат дом за сопствено живеење, за што треба да исполнат одредени критериуми, а се воспоставуваат соодветни механизми за проверка и следење, коишто се детално образложени во Одлуката.
„Промените во макропрудентните мерки имаат превентивен карактер и нивната цел е да нѐ заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не „ги погодиме“ оние лица кои имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на останатите корисници на кредити“, посочи гувернерот Славески.
Со ваквиот пристап, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот.