Економија
„Македонија 2025“ со рекордни резултати во 2025: поддржани 2.573 лидери и таленти, 168 бизниси и 190 стипендисти
„Македонија 2025“ ги објави резултатите од својата работа во 2025 година, при што организацијата постигна рекордни успеси во поддршката на економскиот развој, лидерството и глобалната поврзаност на земјата. Во 2025 година „Македонија 2025“ имплементирала, преку повеќе од 40 програми и иницијативи со кои се поддржани 168 компании, доделени се 190 стипендии за едукација и усовршување, а 2.573 лидери и таленти биле директно опфатени со програмите за развој. Организацијата исто така бележи значително зголемување на својот општествен импакт, со 94 активни членови во управните и советодавните тела и развиени шест клучни предлог-политики кои веќе се интегрираат во национални стратегии и реформски процеси.
2025 беше година на значајни исчекори и во однос на глобалната дијаспора. Македонија2025 ја спроведе првата и најголема глобална анкета на дијаспората со над 1.400 учесници од повеќе од 40 земји, чијашто анализа веќе е основа за новата Национална стратегија за соработка со дијаспората 2025-2030. Во партнерство со Владата беше лансирана и кампањата „Македонска дијаспоро, добредојде дома“, која допре до над 20.000 иселеници ширум светот, а организацијата учествуваше во креирањето и на повеќе стратешки документи во областите дигитализација, конкурентност, високо образование, научно-технолошки развој и односи со дијаспората.
Паралелно, „Македонија 2025“ продолжи континуирано да ја зајакнува бизнис-заедницата и човечкиот капитал преку програми насочени кон модернизација, дигитална трансформација и развој на лидерски компетенции. Преку Центарот за дигитална трансформација – GoDigital беа изработени 30 детални проценки на дигитална зрелост, 15 дигитални стратегии за компании и беше обезбедена практична техничка поддршка за пет компании во процесот на имплементација на нови дигитални решенија. Овие услуги им помогнаа на фирмите да го подигнат својот степен на конкурентност, да ги оптимизираат процесите и да воведат алатки што ја забрзуваат нивната интеграција во современите економски текови. Воедно, 553 професионалци и менаџери посетуваа специјализирани обуки, работилници и вебинари, со што се создаде поширока заедница на практичари кои активно ја применуваат стекнатата експертиза во своите организации. Како дел од напорите за градење силна генерација претприемачи, 27 млади менаџери и основачи на компании го надградија своето бизнис знаење преку реномираната обука што ја спроведе канадската Ајви бизнис-школа во рамките на проектот „Лидер“, со што мрежата на алумни се прошири на 451 член.
Во делот на лидерството, програмите на Македонија2025 и годинава изградија нова генерација на носители на промени. Престижната програма за образование на извршни директори Зафировски, на Келог-школата за менаџмент (САД) во 2025 година ја завршија пет македонски извршни директори кои стекнаа врвни глобални менаџерски знаења и пристап до меѓународна мрежа на лидери. Со ова, нашата Зафировски алумни заедница достигна до 51 член. Дополнително, 5 професионалци беа дел од програмата за извршно образование во Канада, комбинирајќи академски модули со практично учење и размена на искуства во канадски компании.
Стипендиската програма за студентска извонредност „Атанас Близнакоф“ поддржа 121 студент, а особено значајно е што 75% од нив беа поврзани со ментори – успешни македонски професионалци од земјата и дијаспората – кои им помогнаа да ги развијат своите кариерни насоки, академски капацитети и професионални амбиции. На овој начин, програмите на Македонија2025 не само што обезбедуваат финансиска и образовна поддршка, туку создаваат и силен еко-систем на идни лидери, поврзани со глобалната мрежа на знаење и можности.
Во хуманитарната сфера, како одговор на трагедијата во Кочани, организацијата обезбеди 55.356 евра за медицинска опрема за три здравствени установи во Скопје и во Кочани, а Клубот на амбасадорите на „Македонија 2025“ му донира средства за реновирање дел од детското одделение во Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид.
Посебно влијание во 2025 година имаше и 14-тиот годишниот самит „Македонија 2025“, кој повторно се позиционира како водечки бизнис-настан во регионот. Со повеќе од 700 учесници, 38 говорници од 15 земји и богата програма од панели, дискусии и B2B-средби, самитот беше фокусиран на економскиот раст, дигиталната трансформација, иновациите и улогата на дијаспората во забрзувањето на развојот на земјата, создавајќи платформа за идеи и партнерства што ги поврзуваат бизнисите дома и во светот.
Со овие резултати „Македонија 2025“ ја заокружува 2025 година како една од најуспешните досега, поставувајќи високи стандарди за економски развој, иновации и вклученост на дијаспората и поставува темели за уште поамбициозна агенда во 2026 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

