Економија
Македонската банкарска асоцијација апелира: Плаќајте преку интернет, користете картички место кеш
Македонската банкарска асоцијација информира дека банките и штедилниците интензивно преземаат активности за заштита на здравјето на клиентите.
„Апелираме до граѓаните, заради заштита на јавното здравје, филијалите и експозитурите да се посетуваат само кога тоа е неопходно и да се настојува што повеќе да се користат услугите за електронско и мобилно банкарство, кои во овој период бесплатно се достапни 24/7 (преку овие услуги може да се вршат трансакции и за плаќање сметки – услуга за која повеќе граѓани сѐ уште ги посетуваат филијалите и експозитурите). При неопходна посета на филијалите и експозитурите да се почитуваат насоките за соодветна раздалеченост и препораките за самозаштита.
Исто така, да се почитуваат насоките дадени со цел преку чекањето пред филијалите и експозитурите кога тоа е неопходно да не се загрози здравјето. Да се избегнува користењето готовина и при плаќања секаде каде што е можно, да се користат платежните картички.
Со цел соодветно постапување во функција на заштита на јавното здравје, во текот на овие денови, кога заради исплатата на пензии и на социјална помош, бројот на клиентите што ги посетуваат филијалите и експозитурите е зголемен, и тоа особено во одредени делови од денот, банките, покрај поставувањето ознаки за соодветна раздалеченост пред филијалите, експозитурите и банкоматите, како и известувања и визуелни препораки за заштита на влезовите, постепено воведоа и редарски служби со надворешно ангажирани лица или со вработени од филијалите и експозитурите секаде каде што беше потребно, а се издаваат и броеви за ред за чекање. Во текот на денешниот ден, во рамките на овие активности со поддршка се вклучи и Министерството за внатрешни работи за што искрено сме благодарни. Но, имајќи предвид дека и покрај сите преземени активности, пред некои од филијалите и експозитурите во текот на денешниот и изминатите неколку денови имаше поголемо присуство на клиенти, апелираме до граѓаните, заради заштита на здравјето, да ги следат препораките што ги упатуваме во однос на физичката посета на банките“, се вели во соопштението.
Во моментот се разгледуваат повеќе опции за соодветно натамошно организирање на работата, особено при следните исплати на пензии и на социјална помош кога бројот на клиенти што ги посетуваат банките е поголем.
„Притоа се имаат предвид и мерките за временско ограничување на движењето, како и бројноста на персоналот што е активен во овој период во банките, бидејќи некои од вработените се отсутни поради мерките за заштита (родители), а истовремено сите банки имаат креирано и резервни тимови во случај на евентуална контаминација. Уверени сме дека во натамошниот период процесот ќе се одвива поефикасно со заложба и од страна на банките и од страна на клиентите што ќе ги следат препораките. Заради соодветна информираност на клиентите, препорачуваме да се следат комуникациските канали на банките преку кои се објавуваат и информации за реорганизацијата и промените во работното време, начинот на користење на филијалите и експозитурите (во моментот влез од 2 до 5 клиенти во исто време), како и за режимот за работа за исплата на пензиите и на социјалната помош. Ве уверуваме дека сите банки и штедилници преземаат и ќе преземаат активности во рамките на својот максимум за заштита на здравјето на своите клиенти“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

