Економија
Манчевски: Рокот за годишни планови за вработување го продолживме поради пропуст на претходната власт
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, одржа прес-конференција по повод обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за годишните планови на институциите и новите вработувања во јавниот сектор.
„Во врска со обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за отстапувањето од законски пропишаниот рок за доставување на годишните планови за вработување и прифаќањето на плановите доставени надвор од рокот, МИОА информира дека претходната владејачка гарнитура, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, до предвидениот рок успеа да обезбеди годишни планови од 149 институции. Само за потсетување, рокот за доставување годишни планови за 2018 е 10 мај 2017 година кога сè уште ВМРО-ДПМНЕ беше на власт“, истакна министерот.
Како што појасни тој, имајќи ја предвид оваа состојба, со промената на власта МИОА било принудено да ја поправи направената штета и да дозволи другите 1.150 институции да достават планови надвор од рокот.
„Другата опција беше да се казнат 90 отсто од институциите и да се остават без годишен план за вработување поради неуспехот на ВМРО-ДПМНЕ навреме да ги обезбеди годишните планови“, рече Манчевски.
Во однос на шпекулациите со бројки на нови вработени во текот на 2018 година, министерот Манчевски информира дека според последните бројки обезбедени од надлежните институции, 2.359 лица се вработени на определено време, а 184 на неопределено време. Или, како што истакна, 2.543 наспроти 6.000 за кои обвинува ВМРО-ДПМНЕ.
„Времето на криење информации и бројки за вработените во јавниот сектор заврши. Конечно, опозицијата има пристап до сите информации како и сите други граѓани, нешто што беше незамисливо кога СДСМ беше во опозиција. И покрај тоа, ВМРО-ДПМНЕ наоѓа начин да манипулира со јавноста и да ја извртува реалноста како ним им одговара. Партиските вработувања, притисоците врз јавната администрација, за што слушаме постојано изминатите денови како дел од судските процеси, завршија. Вработените во јавната админситрација, конечно, работат во согласност со обврските предвидени на нивните работни позиции, а нови лица се вработуваат во согласност со потребите на институциите“, рече министерот.
Во контекст на изјавата дека МИОА ги отстранило критериумите за административните службеници, Манчевски истакна дека она што со измените во Законот за административните службеници се направило е да се намали финансискиот товар на кандидатите.
„Почетните трошоци по основ на полагање психолошки тест и тест на интегриртет и сертификат за англиски беа најмалку 100 евра. Тестот за странски јазици останува, но сега не е на товар на апликантите. За какви критериумите зборуваме, за психолошкиот тест и тестот за интегритет што ги издаваше една фирма, потврди на кои немаше ниту име и презиме на личноста што го извршила тестирањето. На нив нема ниту печат, ниту датум, ниту одговорно лице“, информира министерот Манчевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

