Економија
Меркел подготвува големи промени за работа во Германија, планот има пет фази и 100 мерки
Вработувањето некогаш се сметаше како доволно за успешна интеграција на странците во општеството, но Германија се откажува од ваквите размислувања.
По речиси три години планирање и дискусија, германската канцеларка Ангела Меркел, заедно со сојузните и граѓанските лидери, најави 100 мерки како дел од Националниот акциски план за интеграција. Предвидено е воведување на т.н. „скаути за интеграција“, еден вид систем на колегијална поддршка за новодојденците. Идејата е германски почетници да бидат ментори на странските почетници за никој да не биде изгубен во системот, пишува „Дојче веле“.
Во основа, планот од 100 точки е поделен во пет категории, од мерки за пред-интеграција, како што се поставување на очекувања пред лицето да се пресели во Германија, до зајакнување на социјалната кохезија преку образование и социјални активности. Дискриминацијата беше една од главните теми на дискусија во вторникот. Меркел и другите говорници на прес-конференцијата по самитот истакнаа дека расно мотивираните терористички напади, како што беше смртоносното пукање во Ханау во 2020 година или убиствата извршени од Националсоцијалистичкото подземје (НСУ), претставуваат огромен чекор назад во создавањето на безбедно и инклузивно опкружување во Германија.
Покрај спречувањето на насилството, акцискиот план предвидува ширење на напорите против дискриминација, како што се советодавни центри кои можат да им помогнат на луѓето кои се изложени на говор на омраза или кои не биле во можност да добијат работа поради нивната етничка припадност или религија. Извештајот објавен пред самитот исто така повикува на униформирано документирање на ваквите случаи со цел подобро да се разбере каде и како се јавува дискриминацијата.
„Жртвите на дискриминација не смеат да бидат оставени сами на себе. Нивните искуства мора да се сфатат сериозно. За да го постигнат ова, потребна им е поддршка од професионално советување против дискриминација“, рече Бернхард Франке, шеф на Германската сојузна агенција за борба против дискриминација.
Интеграцијата беше во фокусот на многу жестоки дебати во Германија во последниве години, главно предизвикани од историскиот прилив на бегалци помеѓу 2015 и 2019 година. Во тој период Германија доби повеќе од 1,8 милиони барања за азил, или приближно 75 проценти од сите поднесени барања за азил во последната деценија. Дискусиите за тоа како општеството да се справи со толку голем број бегалци, пред сè од Сирија, Авганистан и делови од Африка, наскоро се насочија на проблемите со интеграцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.