Економија
МЗШВ: Од денеска стапуваат на сила измените и дополнувањата на Законот за земјоделското земјиште
Од денеска стапуваат на сила измените и дополнувањата на Законот за земјоделското земјиште. Со тоа, од денеска започнуваат да течат роковите за поднесување барања за воведување во владение за договорите за закуп на државно земјоделско земјиште кои се склучени пред денот на влегувањето во сила на овој закон, а кои не се воведени во владение повеќе од една година од денот на склучувањето на договорот за закуп. Почнувајќи од денеска во следните 15 дена сите оние кои треба да го воведат во владение ова земјиште имаат можност до подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во регионите каде што се наоѓа земјиштето да поднесат барање за воведување во владение.
Воедно, од денеска почнува да тече и рокот за поднесување барања за склучување нови договори за закуп на државно земјоделско земјиште, од сите физички и правни лица на кои поради неплатена закупнина им е раскинат договорот за закуп во период од една година пред денот на влегување во сила на овој закон, а земјоделското земјиште предмет на договорот е сè уште во нивно владение. Ова е една од измените со коишто се овозможува и се дава шанса на сите закупци кои во рок од 60 дена ќе достават доказ за платена закупнина со казнена камата за задоцнето плаќање и надмест на штета во висина на годишната закупнина за периодот за кој го имале во владение земјоделското земјиште без правен основ, да имаат можност за склучување нов договор. Новиот договор ќе биде склучен под истите услови за преостанатиот временски период од претходниот договор.
Со измените и дополонувањата на Законот за земјоделското земјиште ќе се овозможи правилна распредлба на државното земјоделско земјиште и ставање во функција на целокупното обработливо земјоделско земјиште.
Инаку, со дел од законските измени се овозможува изградба на објекти за промоција на земјоделските производи и објекти за спортско-рекреативни активности, а за првпат одгледувачите на пчели добиваат можност да земат државно земјоделско земјиште, и тоа со намена за поставување на пчелни семејства. Младите земјоделци до 40 години се ослободуваат од плаќање закупнина во првите 3 години од склучување на договорот за закуп.
Со измените на Закон за земјоделско земјиште се овозможува еднаков третман на сите кои сакаат да закупат државно земјоделско. Имено, сега и земјоделците кои веќе имаат добиено површини до 3 ха ќе имаат право на учество на оглас и проширување на својот земјишен фонд до 10 хектари. За првпат со овие измени се овозможува измена на бизнис-планот во ситуации кога неговата реализација е неизвесна поради невоведување во владение навремено или промена на културата пропишана во бизнис-планот со што земјоделците можат слободно да го преориентираат своето производство, доколку истата измена не влијае нa времетраењето на закупнината. Со измените се отвора можност за доделување под закуп на земјоделско земјиште на кое е подигнат долгогодишен насад од непознат сторител, и на овој начин се создаваат услови за ставање во функција на целокупното земјоделско земјиште и зголемување на обработливите површини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

