Економија
Министерката за енергетика се сретна со чешкиот амбасадор, се разговарало за новоформираното министерство и за неговите цели

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со амбасадорот Јарослав Лудва од Република Чешка.
На средбата се разговараше за новоформираното Министерство, за неговите цели, активности и проекти.
Министерката Божиновска ја истакна огромната важност за реализирање нови капитални инвестиции во полето на енергетиката и усогласување на постојните закони со Европската Унија.
На средбата беше разговарано за афирмирање и унапредување на соработката со македонско-чешката стопанска комора.
На средбата се нагласи и поддршката во делот на размена на искуства и знаење во сферата на енергетиката, како и учество на работилници и бизнис-форуми.
Двајцата се согласија за зајакнување на билатералните односи и интензивирање на соработката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Финансиска и енергетска стабилност како приоритет – средба на министерката Божиновска со гувернерот Славески

На работната средба на министерката за енергетика, Сања Божиновска, со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, се разговараше за тековните енергетски проекти и нивните финансиски импликации врз компаниите и економијата.
Во фокусот на разговорот беа влијанијата на новите регулативи за декарбонизација и зелената енергетска транзиција на Европската Унија, кои носат значајни предизвици, но и можности за развој на обновливите извори на енергија во нашата земја, како и нивното значење за домашните компании и целокупната економија. Беше нагласено дека за компаниите е потребна поддршка во приспособувањето кон овие промени, за да се намалат финансиските оптоварувања и да се зачува конкурентноста на домашниот пазар.
Гувернерот Славески и министерката Божиновска се согласија дека финансискиот сектор е главен поддржувач на транзицијата кон поголема енергетска одржливост, соодветно соработката помеѓу Министерството за енергетика и Народната банка е значајна за креирање на мерки кои ќе ја поддржат економијата во целина, особено во услови на глобални економски предизвици.
На средбата беше истакнато дека развојот на енергетскиот и рударскиот сектор е од клучно значење за зајакнување на финансиската независност на земјата и обезбедување енергетска стабилност која ќе ги штити интересите на граѓаните и компаниите и ќе обезбеди отпорност на земјата кон надворешни економски шокови.
Во наредниот период ќе се работи на конкретни иницијативи и политики за олеснување на пристапот до финансиски средства за инвестиции во зелена енергија и технолошки модернизации, со цел да се поддржи економскиот раст и одржливоста, но за да се обезбедат ефективни решенија кои ќе ги поддржат компаниите во процесот на прилагодување, како и стабилноста на националната економија.
Економија
Божиновска: Меѓународни експерти за енергетика и Германското друштво за меѓународна соработка со поддршка за енергетскиот форум

Министерката Сања Божиновска оствари работна средба со Давид Оберхубер, директор на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) во нашата земја.
Средбата беше фокусирана на зајакнување на тековната соработка меѓу министерството и ГИЗ, со посебен акцент на подготовките за претстојниот 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој кој ќе се одржи од 28 до 30 октомври 2025 година во Скопје, под мотото „Од цели до акција: Напојување на иднината со одржлива енергија“
Настанот е организиран од Министерството за енергетика, рударство и и минерални суровини, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални комисии на Обединетите нации.
ГИЗ, како долгорочен партнер на Македонија во областа на одржливиот развој и енергетиката, ја потврди својата подготвеност да даде активна поддршка на настанот – преку мобилизација на меѓународни и домашни експерти, како и учество во концептуализација и организација на тематски панел-дискусии, информираат од кабинетот на министерката.
Во рамките на средбата, беше направен преглед на тековните проекти што се реализираат со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка, особено во доменот на енергетската ефикасност. Двете страни изразија задоволство од досегашните резултати, кои покажуваат конкретен напредок во унапредувањето на националните капацитети и подобрување на условите за поефикасно управување со енергетските ресурси.
Покрај актуелните иницијативи, разговарано беше и за идните правци на стратешка соработка. Притоа, беа разгледани можности за развој на нови заеднички проекти за 2026 година, кои би се фокусирале на поддршка на процесот на енергетска транзиција, дигитализација на енергетскиот сектор, како и унапредување на институционалните капацитети преку техничка и експертска помош.
Божиновска ја нагласи важноста на континуираната поддршка од страна на ГИЗ, оценувајќи ја оваа соработка како исклучително вредна за унапредување на одржливите и инклузивни политики во енергетскиот сектор. Таа додаде дека Министерството останува отворено за понатамошно продлабочување на партнерството, со цел обезбедување стабилна, зелена и иновативна енергетска иднина за граѓаните на Македонија.
Економија
Мицкоски: Нема мито како во минатото, нема вештачки сопки, во енергетиката имаме пазарно ориентирани инвестиции

Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со планот на Владата за тоа како Македонија ќе стане енергетски независна држава, бидејќи често се зборува за инвестиции во енергетиката, изјави дека очекува вкупното производство на електрична енергија кај нас, да биде еднакво на потрошеното.
„Тоа не значи дека во одредени периоди нема да увезуваме – да, ќе увезуваме, но во одредени периоди ќе извезуваме. И кога сето тоа ќе се собере, одземе, тогаш ќе дојдеме до една бројка којашто ќе биде избалансирана, уште оваа година ќе биде така. Претпоставувам дека јавноста е сензибилизирана, од страна на опозицијата и се поврзува со Меморандумот за разбирање што го потпишавме со турската компанија „АКСА“ за инвестиција во вредност од една милијарда евра. Бидејќи така беше и за „Алказар“ – тврдеа дека ќе имале повластена цена, не знам ваква компанија, таква компанија. Нити видовте има повластена цена, нити има било какви бенефиции компанијата. Во рок од една година, компанијата стави камен-темелник на својата инвестиција која ќе биде половина милијарда долари. Тоа за претходната Влада беше научна фантастика. Таму, се сеќавате, се нудеа даночни олеснувања за инвеститори, загарантиран откуп на топлинска, на електрична енергија, итн“.
Како Влада нагласи премиерот, се проговара исклучиво за пазарно ориентирани инвестиции.
„Ние преговараме исклучиво за пазарно ориентирани инвестиции. Да, како Влада, институционалниот ризик ќе го преземеме, да олесниме. Нема како во минатото мито да се бара, нема вештачки препки да се ставаат во рамките на администрацијата за да се почасти некој. Тоа нема да се случи. Затоа работите одат брзо и ефикасно – така ќе биде и со компанијата „АКСА“. Сега, дали сите сакаме гасификација? Сите велеа, сакаме гасификација. Сакаме почист воздух. Ние рековме: ќе треба време. Не може ова преку ноќ. Ќе треба време. Еве почнуваме тоа да го правиме, да обезбедуваме инвестиција милијарда евра. Топлина ќе произведуваат, ќе се произведува електрична енергија. А сега тоа не им чини. Зошто? Затоа што Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата направи нешто што за нив беше научна фантастика во минатото. Тие шетаа наоколу и нудеа бенефиции, ама играа пола-пола. Така играа – пола за овој и затоа никој не инвестираше. Сега се ова исклучиво пазарно ориентирани инвестиции, без ниту еден цент повластувања од страна на Владата. Не треба веќе да се оди повеќе – нити во Мала Речица, нити да се оди горе на Бихаќка. Па пола таму, пола ваму. Овде си е пазарно ориентирана инвестиција. Не треба да се купуваат трговски центри. Не треба да се купуваат скапи „Мајбах“ автомобили. Не треба да се купуваат скапи дуќани во центарот на градот. Ништо не треба, само да се инвестира за доброто на граѓаните. Ете тоа е разликата меѓу овие што сега од опозиција критикуваат, а седум години единственото нешто што го правеа беше криминал и барање мито – и оваа Влада, која гради. Тоа е разликата“, кажа Мицкоски.