Економија
Министерот Бектеши и директорот на ДПИ Трајковски: Ќе за забранат акциски продажби и ќе се замрзнат цените на храната
Министерството за економија достави до Владата предлог- одлука за забрана за акциска продажба и промотивна продажба од страна на сите трговски ланци во нашата држава која ќе важи до 30 ноември. А, на следната седница на Владата ќе предложиме и одлука за замрзнување на цените на сите прехранбени производи, кажа министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција по денешната работна средба со директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски и Раководителите на подрачните оделенија на ДПИ.
Замрзнувањето на цените, како што најави министерот Бектеши ќе биде со најмалку 10% намалување на цените на сите прехранбени производи.
„Министерството за економија од денеска почна да носи мерки, предлог -одлуки во делот на зачувување на стандардот на граѓаните. Анализите на Министерството за економија, Народната банка и на Министерството за финансии во делот на движењето на цените на основните прехранбени производи покажуваат дека нема основ за зголемување на цените на прехранбени производи и од страна на трговците и од страна на производителите. Податоците покажуваат намалување на цените на основните прехранбени производи во светски рамки, кои имаат голема разлика со цените кои се во нашата држава, вклучувајќи и увозни цени на производи, но и на суровини за прооизводство на основни прехранбени пшроизводи. Затоа сметаме дека има простор да се наламат цените на основните прехранбени производи кај нас“, кажа министерот Бектеши.

Министерот додаде дека сите завршни сметки, посебно на големите ланци на супермаркети покажуваат дека немаат намалување на нивните приходи, напротив имаат зголемување на приходите минатата година, која беше најтешка година во делот на цените.
„Одредени ланци на супермаркети прават измама со можностите за продажба на производи на акција и намалување или кампањи. За да биде јасно и за потрошувачите, која е вистинската цена, маркетите оваа можност до 30 ноември нема да ја имаат и ќе се знае точно која е цената на одреден производ со цел да не се воведуваат во заблуда граѓаните. Со предлог одлуката ќе се знаат вистинските цени и колкаво ќе биде намалувањето“ кажа министерот и додаде дека во наредниот период дополнително ќе следат измени и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат и ќе биде подготвен новиот Закон за нефер трговски практики каде освен глоби за супермаркетите за трговците да има можност и затварање и забрана за вршење на дејност. Имаме ваква можност во нашиот Закон за заштита на потрошувачи и во Законот за трговија“, потенцираше Бектеши.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски кажа дека ќе инспекторите и во наредниот период ќе продолжат да постапуваат кај сите субјекти без селекциjaи без компромиси како и досега.
„Пазарниот инспекторат и понатаму останува да работи со засилени контроли на терен, се со цел да се заштити стандардот на граѓаните. Ги охрабрувам сите граѓани кои ќе забележат неправилности, веднаш да пријават во пазарниот инспекторат.Напоменувам дека од моето поставување на директор на оваа институција, во периодот од први јануари, заклучно со 31 јуни оваа година, направени се 16.400 надзори и издадени се над 3.700 налози во вредност од 140 милиони денари“, кажа директорот Трајковски.
На работната средба се разговараше за моменталната ситуација во пазарниот инспекторат, стартегијата за подобрување на работата на инспекторатот и следни активности што ќе се воведуваат во институцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

