Економија
Министерството за економија и Стопанската комора на Северозападна Македонија потпишаа Меморандум за соработка

Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) ќе назначи лице кое постојано ќе биде во директен контакт со Министерството за економија со цел континуирана соработка, навремено и транспарентно информирање, како и пренесување на предлозите за подобри политики од двете страни.
Ова е предвидено во Меморандумот за соработка кој денеска беше потпишан помеѓу Министерството за економија и Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ).
Министерот за економија, Крешник Бектеши, на потпишувањето Меморандумот за соработка истакна дека Министерството за економија континуирано работи на подобрување на соработката со бизнис-секторот, пред сè во делот на креирање мерки и програми кои се во интерес на компаниите.
„Станува збор за многу важен документ. Ние и во минатото сме имале одлична соработка и сме креирале мерки и политики во интерес на бизнисот, но сега со Меморандумот којшто денеска го потпишавме сме обврзани да ги споделуваме заедничките информации транспарентно и навремено со цел подобрување на условите за бизнис-заедницата. Министерството за економија останува отворено за соработка. СКСЗМ располага со голем број анализи посебно на микро и малите претпријатија се важни за Министерството за економија. Ние овие анализи ќе можеме да ги користиме за креирање политики, за рационално користење на средствата и сè тоа во насока на освојување нови пазари, промоција и зголемување на извозот“, изјави Бектеши.
Претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа, истакна дека лицето што ќе биде назначено од нивна страна ќе биде вклучено во сите активности во Министерството за економија.
„За реализација на сите наши барања, заложби за подобра бизнис-клима ќе номинираме кандидат од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) кој ќе биде мост на соработка и проток на информации меѓу двете институции. Нашата заложба како бизнис-заедница е секогаш во насока на подобар бизнис амбиент за развој на економијата во нашата држава“, кажа Хоџа по потпишување на Меморандумот за соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.