Економија
МИОА и „Хуавеи“ ги испраќаат најдобрите пет ИКТ-студенти на студиска посета во Кина
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, главниот извршен директор на „Хуавеи“ во Македонија – Марин Тинчев и амбасадорката на Народна Република Кина во Македонија – Jин Лисјен присуствуваа на свеченото доделување ваучери на петте најдобри студенти во областа на информатички технологии и телекомуникации.
Во рамки на програмата Huawei Seeds for the Future, која постои од 2008 година, а во Македонија се одржува по трети пат, студентите ќе престојуваат во Кина на двонеделна студиска посета, каде што ќе имаат можност да ги надградат своите знаења.
Посакувајќи им успешен престој во Кина, министерот Манчевски истакна дека ова ќе биде позитивно искуство за студентите бидејќи тие ќе имаат можност да видат во пракса сè што научиле за време на студиите. ИКТ-струките во Македонија произведуваат квалитетни кадри, кои понатаму имаат можност да добијат вработување насекаде во светот. Сепак, министерот Манчевски им порача на студентите по завршувањето да се обидат да успеат овде, во Република Македонија.
„Ви се нуди шанса и вие да се обидете да започнете сопствена идеја, иновација, бизнис, врз основа на тоа што вие го имате како иновативна идеја. Преку младинската гаранција, низ низа мерки, преку Фондот за иновации и технолошки развој, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика, ви се нудат шанси како да започнете бизнис“, истакна министерот Манчевски.
Според него, „Хуавеи“ е еден од технолошките лидери и еден од партнерите во Македонија затоа што тука има доста заеднички вложувања, особено во делот на образованието.
Обраќање имаше и амбасадорката на Народна Република Кина во Македонија, Jин Лисјен, која изрази надеж дека посетата на студентите ќе биде успешна и продуктивна, во исто време заблагодарувајќи ѝ се на владата на Република Македонија за поддршката на програмата на Хуавеи Seeds for the Future.
Главниот извршен директор на „Хуавеи“ во Македонија, Марин Тинчев, ја истакна важноста на центрите за обука ширум светот на „Хуавеи“, како центри за трансфер на знаење и зголемување на ангажираноста на луѓето во дигиталното општество.
Инаку, петте најдобри студенти ќе имаат можност да бидат сведоци во демонстрацијата на најновите ИКТ-достигнувања, да учествуваат во работилници каде што ќе се сретнат со високи извршни директори и експерти од „Хуавеи“. Исто така ќе посетат и часови по кинески јазик, кинеско сликање и калиграфија. Сите трошоци ќе бидат покриени од „Хуавеи“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Кузманоска: Домашните капитални инвестиции во 2026 година ќе бидат мотор за економскиот раст на земјата
Биљана Кузманоска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, на денешната комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2026 година порача дека Предлог-буџетот за 2026 година носи ред, мерливи резултати и стабилен економски раст, со силен фокус на инфраструктурата и инвестиции кои треба да отворат нови работни места.
,,Буџетот за 2026 година не е само финансиска рамка, тој е одраз на новиот начин на работа, на новата политика што ја ветивме, политика на одговорност, ред и чесност“, рече Кузманоска и додаде:
,,Воведуваме јасни прагови за реализација, и тоа не на хартија туку со мерливи рокови. До крајот на првиот квартал, 15% до вториот 40% до третиот 65% и најмалку 70% до 15 ноември“.
Кузманоска посочи дека фокусот на Предлог-буџетот за 2026 година е и инфраструктурата.
,,Фокусот е на инфраструктурата што ја поврзува Македонија. Патишта, железници, училишта, болници, локални проекти. Со овој буџет имаме реален раст и стабилност. Буџетот е поставен на реални и внимателни проекции. Раст на економијата од 3,8% проекти, инфлација стабилна на 2,5%, и дефицит кој е намален н 3,5% од БДП“, истакна Кузманоска.
Таа дополни дека во 2025 година Македонија имаше рекордни странски инвестиции, што според неа, покажува стабилност, а истакна и дека во 2026 година се очекува инвестициите заедно со домашните капитални вложувања да бидат мотор на економскиот раст и да отворат нови работни места.
,,Минатата година го достигна највисокото ниво на странски директни инвестиции во својата историја, над 1 милијарда евра. Тоа не се бројки, туку доказ дека инвеститорите гледаат стабилност, предвидливост и волја за работа. Во 2026 година, заедно со домашните капитални вложувања очекуваме инвестициите да бидат мотор што ќе го движи економскиот раст и ќе отвора многу нови работни места“, кажа Кузманоска.
Економија
Илиевска: Предлог-буџетот за 2026 година е развоен, стабилен и насочен кон подобрување на животниот стандард на граѓаните
На денешната комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2026 година свое обраќање имаше пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дијана Илиевска каде истакна дека Предлог-буџетот е развоен, стабилен и директно насочен кон подобрување на животниот стандард на граѓаните.
„Предлог-буџет за 2026 година со рекорден износ од 6,7 милијарди евра и она што е особено важно, а граѓаните треба да го знаат е дека во овој буџет се обезбедуваат повеќе средства за повисоки плати, пензии, за нови училишта, нови спортски сали, игралишта, нови градинки, нови болници, за нови патишта, за развивање на инфраструктурата, за развивање на дигитализацијата, и најважно од се за реализација на капитални инвестиции кои се особено важни, бидејќи тоа се зрели проекти кои се веќе и во реализација, конкретно оние проекти во општините кои токму државата ги финансира, а се однесуваат и се наменети за граѓаните“, вели Илиевска.
Илиевска дополни дека со буџетот се проектира раст на просечната нето-плата од 6,5%, зголемување на бројот на вработени за 1,6% и намалување на невработеноста на 10%. Проектираниот економски раст од 3,8%, според неа, е показател за стабилен и забрзан развој на економијата.
„Со овој Предлог-буџет се очекува просечната нето-плата да порасне на 6,5%, а бројот на вработени да се зголеми за 1,6% што невработеноста би се намалила на 10%. Проектираниот раст на економијата за 3,8% е многу важен и покажува дека се нуди континуиран раст и се дава сигнал дека економијата продолжува да се развива со забрзано темпо“, истакна Илиевска.
Илиевска посочи дека граѓаните ќе ги уживаат бенефитите со новиот буџет кој е конципиран во контекст на економскиот раст, финансиската стабилност и реализација на стратешки приоритети на Владата.
„Во буџетот за 2026 година се планирани 52,6 милијарди денари за плати, или зголемување од 3,6 милијарди денари, односно 7,5% во однос на ребалансот. Тоа значи повисоки плати за работниците, за наставниците и професорите, за здравствените работници, за полициските службеници, едноставно за сите луѓе коишто творат и создаваат во Македонија“, заклучи Илиевска.
Економија
Јаревски: Со Предлог-буџетот за 2026 година се утврдуваат здрави основи на фискална консолидација
Тони Јаревски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, на денешната комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2026 година, имаше свое обраќање каде истакна дека според Фискалниот совет се забележуваат основи на фискална консолидација. Јаревски додаде дека Предлог-буџетот ја истакнува волјата на извршната власт за развој. Според него, опозицијата води несуштинска расправа во контекст на Предлог-буџетот.
,,Мојот впечаток во овие 3 дена општа расправа е тоа дека опозицијата се уште упорно одбива да ги увиди некои работи, упорно седи во својот свет и за жал повторно ќе констатирам во тоа е се поосамена“, рече Јаревски.
Јаревски посочи дека Предлог-буџетот е реален, со силно изразена развојна компонента и ја изразува волјата на извршната власт за стабилизација и основа за развој.
,,Од друга страна, од кај опозицијата гледаме само настапи, каде што се бараат 2 или 3, можеби 5 подставки каде што во овој буџет се можеби помали во однос на претходната година. И целокупната нивна активност насочена во расправата на овој буџет, е токму таа што практично доведува до услови да имаме несуштинска расправа“, кажа Јаревски.
Јаревски истакна и дека Фискалниот совет за овој Предлог-буџет укажа дека се воочливи знаци и чекори на фискална консолидација, во споредба со претходните искуства кој истиот ги имал со СДС, каде се забележуваше негативен тренд на сите полиња, за разлика од сега кога трендот е позитивен.
,,Фискалниот совет за овој буџет прв пат укажа дека се запознаа се заприметија или се констатираа првите знаци и чекори на фискална консолидација. Не знам како може некој упорно да игнорира фактот дека и ММФ и Светска банка ги ревидираа на повисоко процентите за раст. Зошто? Бидејќи, на некој начин и самите беа затекнати, поучени од претходниот традиционално искуство на СДС да има негативен тренд на сите полиња, овде имавме позитивен тренд. Ги подигнаа проекциите“, вели Јаревски и додава:
,,И веќе ако велиме дали имаме потреба од суштинска расправа, тогаш можеме да ги видиме клучните макроекономски индикатори“.

