Економија
Мицкоски: Македонија на дното во Европа по економскиот раст
Македонија е на дното во Европа по растот на БДП, оцени денеска во своето обраќање до јавноста лидерот на опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој рече дека Државниот завод за статистика повторно ја потврдил лошата економска политика на СДСМ.
„Според официјалните податоци, БДП во првиот квартал од 2018 година забележал раст од минимални 0,1 отсто. Убедливо сме на дното. Притоа, од приходна страна, пад од 37 отсто забележува градежниот сектор, што всушност и го отсликува неработењето на Владата на Република Македонија предводена од Зоран Заев. Немањето сопствени проекти и стопирањето на проектите од претходната влада негативно влијаат врз македонската градежна оператива и македонската економија во целост“, рече Мицкоски во своето обраќање.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи и дека има пад од 7 отсто во просперитетниот сектор информации и комуникации.
„Да потсетиме, во својата кампања СДСМ големо внимание посвети на овој сектор ветувајќи намалување на данокот на добивка за ИТ-компаниите, и тоа 50 отсто, т.е. од 10 на 5 отсто. Но, како што можеме да видиме, нема ништо од тоа. Од расходна страна падот повторно е алармантен кај бруто-инвестициите. Имено, во првиот квартал од 2018 година бруто-инвестициите забележуваат пад од 9 отсто, со што продолжува политиката на деинвестирање, својствена за СДСМ“, објаснува Мицкоски, кој истакна дека исполнувањето на капиталните инвестиции од 7,4 отсто во првиот квартал од 2018 година придонело јавната потрошувачка негативно да влијае врз БДП, односно да забележи пад од 1,4 отсто.
Потоа, во обраќањето претседателот на ВМРО-ДПМНЕ направи компаративна анализа со земјите од Европа.
„Растот во првиот квартал од 2018 година, на пример, во соседна Србија, е 46 пати поголем од тој за истиот период во Македонија, или соседна Србија порасна во првиот квартал со 4,6 отсто, а ние со скромни 0,1 отсто. Слична е ситуацијата и во Бугарија, таа има 35 пати поголем раст отколку што ние во првиот квартал од 2018 година. Хрватска 25 пати и рекордерот, можеме да го споменеме и податокот за Полска, каде што БДП во првиот квартал од 2018 година е 51 пат повеќе од тој во Република Македонија за истиот период во 2018 година“, рече Мицкоски.
Тој додаде и дека единствено нешто што му успеало на, како што кажа, ова цунами, економската политика на Владата предводена од Зоран Заев, е во првиот квартал од 2018 година да ги задолжи граѓаните на Република Македонија повеќе од 300 милиони евра, а притоа да не обезбеди раст на БДП.
„Можеме да заклучиме дека вие не живеете подобро, граѓаните страдаат поради лошите економски политики. Ова е фијаско-економија, ова е економија со која Македонија паѓа на дното. Ова е уште еден пораз на сите нас. И затоа ова мора да се смени“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

