Економија
Мицкоски: Покриеноста на увозот со извозот во 2022 година е најмала во последните 8 години
Стоковата размена со странство, покриеноста на увозот со извозот во 2022 година е најмала во последните осум години, пишува првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повикувајќи се на податоците на државниот завод за статистика.
„Какви се бројките на покриеноста на увозот со извозот?
2015 година – 70,2%
2016 година – 70,9%
2017 година – 73,4%
2018 година – 76,5%
2019 година – 76,2%
2020 година – 76,1%
2021 година – 71,8%
2022 година – 68,4%
Неспособноста, освен тоа што е главна карактеристика, таа е заразна за оваа влада, надополнета со неизмерен криминал.
Имаат две заеднички цели, лично богатење и свесно уништување на институциите на Македонија. Набргу од денес за криминалот и несовесното работење ќе има одговорност. Потребни се избори за да може Македонија да тргне напред“, вели Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трајкоска за 100 дена Влада: Имавме многу високи очекувања, не добивме ништо, немаме информација како парите од кредитот ќе одат за бизнисот
Работодавците немаат никаква конкретна информација на кој начин половина од парите од најавениот унгарски кредит ќе одат за бизнисот. Претседателката на Организацијата на работодавците на Македонија, Владанка Трајкоска, вели дека новата Влада во првите 100 дена не му помогнала на бизнисот во земјата.
„Денеска, се одбележуваат 100 дена од Владата. Имавме многу високи очекувања, не добивме речиси ништо. Очекувавме дека оваа Влада ќе има сенс за бизнисот, за сите оние кризи со кои се соочуваме во работењето, меѓутоа она што се зборуваше во изминатиот период беше само зголемување на платите на јавната администрација, земање кредити за општините, заобиколување на проблемите со кои се соочува стопанството во делот на продуктивноста и на немањето работна сила. Со еден збор – ништо. Немаме никаква конкретна информација на кој начин ќе одат парите од кредитот за бизнисот. Се вели дека ќе биде за некакви инвестиции во работењето. Сè додека немаме конкретна информација и додека не ни биде понудено на кој начин ќе се стигнува до тие кредити, дали ќе бидат кредитите поволни за стопанството, ние не можеме ништо да говориме“, рече денес претседателката Трајкоска пред почетокот на конференцијата за социјален дијалог, состојби и перспективи организирана од Сојузот на синдикатите на Македонија и Фондацијата „Фририх Еберт“ – Скопје.
Работодавците сметаат дека клучните прашања, кои може да му помогнат на стопанството, се зголемување на продуктивноста на компаниите, на што заеднички треба да се работи, изнаоѓање пазари и подобра инфраструктура.
Економија
„Тиквеш“ заслужено доби повисок статус во групата водечки светски винарници за борба против климатските промени
Одборот на директори на групата „Меѓународни винарници за борба против климатските промени“ (IWCA – Interational Wineries for Climate Action) ѝ додели на винарската визба „Тиквеш“ сертификат за т.н. сребрено членство во оваа организација, во која членуваат 40-ина водечки
светски винарници. „Тиквеш“ е единствена винарница од регионот која успеала да ги задоволи критериумите за членство во оваа група, а сега да добие и унапреден статус.
Сертификатот за сребрено членство во IWCA му е доделен на „Тиквеш“ поради остварените резултати во намалувањето на јаглеродниот отпечаток на винарницата за 21% по литар производ за период од една година, што е доказ за големата посветеност на винарницата кон одржливоста
и нејзината зелена трансформација, како и кон борбата со климатските промени. Во објаснувањето за доделениот сертификат, IWCA посебно ги истакнува напорите и конкретните достигнувања на „Тиквеш“ во остварување на клучната цел на членовите на оваа група, а тоа е намалување на јаглеродните емисии до нула најдоцна до 2050 година, што воедно се совпаѓа и со глобалните цели за одржливост на Обединетите Нации за намалување на влијанието на климатските промени, кои меѓу останатото преставуваат и реална закана за целокупната агроиндустрија, вклучувајќи ги лозарството и винарството.
„За помалку од 15 месеци од приклучувањето кон групата водечки светски винарници за борба против климатските промени „Тиквеш“ заслужено добива повисок статус на членство во оваа организација. И тоа не е случајност, туку признание за континуираните инвестиции, големата посветеност и упорност на целиот тим на „Тиквеш“ и пред сѐ на остварените резултати во намалување на јаглеродните емисии во атмосферата кои докажано се главниот причинител за климатските промени. Со ова, како и со воведувањето на ЕСГ-стандардите и издавањето на првиот ЕСГ-извештај во винската индустрија во регионот, „Тиквеш“ повторно ја потврдува својата лидерска позиција, давајќи пример за останатите, но и докажувајќи дека во секој поглед е дел од најнапредните светски винарници, вклучувајќи го и справувањето со најактуелните проблеми
со кои се соочува планетата“, изјави претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“,Светозар Јаневски.
Значајното годишно намалување на јаглеродните емисии, кое му го донесе унапредениот статус на „Тиквеш“ во IWCA, e овозможено преку реализација на неколку значајни проекти и инвестиции во винарницата во текот на 2023 година, како што се: Зголемувањето на капацитетот
на сопствената соларна централа за производство на обновлива енергија; набавката и инсталирањето на нова енергетско ефикасна опрема и технологии, како и употребата на полесна стаклена амбалажа и воведувањето на меѓународниот стандард ISO 50001 за управување со потрошувачката на енергијата и неговата примена во целокупниот производствен процес.
За мерење и евидентирање на јаглеродните емисии и на ефектите од активностите што се преземаат за нивно намалување, „Тиквеш“ го применува меѓународниот стандард ISO 14064. Винарниците кои членуваат во IWCA се препознаени како глобални лидери во борбата против климатските промени. Членството во IWCA на „Тиквеш“ му овозможува пристап до најдобрите стратегии и светски практики за намалување на емисиите на стакленички гасови, но истовремено и да ги споделува со останатите винарници ширум светот сопствените позитивни искуства и активности што ги презема за постигнување поголема одржливост.
ПР
Економија
Десетта меѓународна конференција на Народната банка: Независноста на централните банки во ЈИЕ овозможи справување со инфлацијата, без рецесија и финансиски кризи
Независноста и кредибилитетот на централните банки во регионот на Југоисточна Европа (ЈИЕ) беа столбовите врз основа на кои тие ги спроведоа политиките за справување со последните глобални економски шокови, со кои за само една година се намали најголемата инфлација во изминатите пет децении на едноцифрени стапки, а притоа беа избегнати рецесии и беше задржана финансиската стабилност. Ова беше посочено на отворањето на Десетата меѓународна конференција на високо ниво, во организација Народната банка во соработка со Комитетот за преобразување на Бретон Вудс (КПБВ), на тема „Централни банки и централнобанкарското работење во комплексно окружување: Покажување на посветеност и одржување на кредибилитетот“.
Конференцијата ја отворија претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и извршниот директор на КПБВ, Марк Узан. Воведно обраќање на конференцијата имаше директорот на Меѓународниот монетарен фонд за Европа, Алфред Камер.
Претседателката Сиљановска-Давкова во своето излагање посочи дека е неопходно да се изнајде модел за амортизирање на шоковите во нестабилен и постојано променлив економски амбиент. „Еден од столбовите на стабилноста во непредвидливи услови се токму централните банки. Тие треба да ја зачуваат монетарната стабилност од двата екстрема: преголемиот страв што води кон паника и преголемата самодоверба што води кон опортунизам. За да можат успешно да ја реализираат својата важна задача, централните банки мора да бидат независни од централните власти, заради отпорност на политичките влијанија и притисоци, што особено се засилуваат во кризни и изборни години, каква што е оваа 2024-та година, која важи за најизборната во историјата на демократијата. Всушност, независноста им овозможува на централните банки да ја извршуваат својата незаменлива улога во намалувањето на инфлацијата, стабилизацијата на цените и одржувањето на макроекономската стабилност како предуслов за долгорочен економски раст“, посочи Давкова.
Во своето обраќање, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска се осврна на значењето на независноста на централните банките за спроведување на нивниот мандат, особено во контекст на предизвиците кои ги донесоа глобалните економски кризи во изминатите неколку години. Наведувајќи ја Народната банка како пример за независна централна банка, Ангеловска-Бежоска, посочи дека одредбите за независност се вградени во Уставот и Законот за Народната банка, и истите се оценети дека имаат високо ниво на усогласеност со правото на ЕУ. Гувернерката потенцираше дека независноста оди „рака под рака“ со отчетноста и транспарентноста, кои кај нашата централна банка се високо оценети од повеќе меѓународни институции.
Зборувајќи за идните предизвици за централните банки во регионот, гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека иако инфлацијата се намалува, се забележува поголема отпорност кај инфлацијата кај услугите, што ја потенцира потребата од водење на соодветни политики поврзани со платите. Понатаму, за стабилизирање на инфлацијата на потрајна основа од големо значење ќе биде и поддршката од фискалната политика, како и спроведувањето на структурни реформи. „Деглобализацијата, стареењето на населението и климатските закани, би можеле да ги намалат производните капацитети, правејќи ја понудата помалку еластична и на тој начин создавајќи „свет со поголема склоност кон инфлација“. Од друга страна, брзиот напредок во технологијата, како вештачката интелигенција, не само што може да го ублажи влијанието на горенаведените негативни сили, туку и да го подигне потенцијалот за раст. Овие трансформации бараат добро поставени реформи со цел да се зголеми отпорноста на економиите и да се намалат среднорочните инфлациски притисоци“, порача Ангеловска-Бежоска.
Директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, истакна дека независноста на централните банки може да биде основата на модерното централно банкарство, но и дека транспарентноста и отчетноста се она што ја балансира независноста на централната банка со принципите на демократијата.„Северна Македонија е импресивен пример. Создавањето независна централна банка во 1992 година беше клучно за да се намали хиперинфлацијата од раните 1990-ти. Народната банка е рангирана многу високо во новиот Индекс на независност на Централната банка на ММФ“, посочи Камер.
Директорот на директор на КПБВ, Марк Узан, се осврна на функционирањето на централните банки во поликризното опкружување и како тие успеаа да ја задржат довербата кај јавноста и да се изборат со инфлцијата. „Довербата којашто централните банки ја уживаа ширум светот, во текот на многу години, можеше да се изгуби доколку општеството почнеше да се сомнева во нивната посветеност на стабилноста на цените. Некои генерации за првпат го доживеаја ризикот од транзиција на економијата кон режим со висока инфлација. Затоа, за да се врати ценовната стабилност, беше неопходно и соодветно централните банки решително да ја заострат политиката преку повисоки каматни стапки“, посочи Узан.
Во рамки на Десетата меѓународна конференција во организација на Народната банка и КПБВ, ќе се одржат четири панел дискусии, посветени на заштитата на независноста и кредибилитетот на централните банки, перспективите за мандатите на централните банки, родово инклузивни финансии во регионот на ЈИЕ, како и лекции од изминатите кризи. На панелите ќе дискутираат гувернери на централните банки на Молдавија, Словенија, Хрватска, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и на Косово, член на Одборот на централната банка на Литванија, претседавачот на Европскиот банкарски орган, извршниот директор на Алијансата за финансиска инклузија, високи претставници на Светската банка, Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и на Европската централна банка (ЕЦБ), како и на други истакнати меѓународни институции и академски претставници.