Економија
Можно е Маск да побара пониска цена за „Твитер“: Колку повеќе прашувам, толку сум позагрижен

Американскиот претприемач и милијардер Илон Маск навести дека можеби ќе побара пониска цена за купување на „Твитер“, проценувајќи дека е можно на таа социјална мрежа да има најмалку четири пати повеќе лажни профили отколку што тврди компанијата.
„Не може да се плати истата цена за нешто што е многу полошо отколку што тврдеа“, рече тој на конференција во Мајами во понеделникот вечерта.
Маск, кој во петокот соопшти дека го одложил договорот за купување на „Твитер“ од 44 милијарди долари додека не добие информации за лажните налози и спамови, рече дека се сомнева оти тие сочинуваат најмалку 20 отсто од корисниците, во однос на официјалната проценка на „Твитер“ од 5,0 отсто, пренесува „Ројтерс“.
Прашан дали е остварлив договор за купување на „Твитер“ по различна цена, Маск рече: „Мислам дека тоа не е исклучено. Колку повеќе прашања поставувам, толку повеќе расте мојата загриженост“.
Тој додаде дека директорите на „Твитер“ велат дека имаат сложена методологија што само тие можат да ја разберат. „Не може да се работи за некоја до толку длабока мистерија што е, на пример, посложена од човечката душа или нешто слично“, кажа Маск.
Акциите на „Твитер“ продолжија да тонат при тргувањето доцна попладне во понеделникот, по коментарите на Маск. Акциите паднаа за повеќе од 8,0 отсто на 37,39 долари, што е под нивото на кое беа еден ден пред Маск на почетокот на април да открие дека купил 9 отсто од уделот во компанијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски порача дека невработеноста паѓа, а економијата оди напред

Премиерот Христијан Мицкоски денеска преку објава на „Фејсбук“ порача дека најновите податоци ја потврдуваат економската стабилизација и растот кој, според него, е резултат на одговорни владини политики.
„Ја стабилизираме економијата, создаваме услови за економија која оди напред, граѓаните имаат повеќе работа, а трговската размена е во пораст“, напиша Мицкоски.
Тој посочи дека стапката на невработеност е намалена на 11,5 проценти, што претставува пад од еден процент во однос на истиот квартал минатата година.
„Во споредба со вториот квартал од 2024 година, денес имаме околу 10.000 нови вработени и над 7.000 помалку невработени. Тоа се илјадници семејства со поголема сигурност и иднина“, нагласи премиерот.
Мицкоски се осврна и на трговската размена, посочувајќи дека во јули извозот пораснал за 4,69 проценти, а увозот за 4,35 проценти.
„Во периодот јануари–јули, извозот е зголемен за 5,41 проценти, а увозот за 4,83 проценти. Вкупната трговска размена во првите седум месеци е поголема за 5,07 проценти во однос на истиот период лани“, додаде тој.
„Ова се реални резултати од одговорни политики. Додека опозицијата шири црнила и се надева на неуспех, ние испорачуваме резултати. Додека тие блокираат и кочат, ние градиме и носиме подобар стандард за секое семејство. Македонија оди напред, со повеќе работни места, посилен извоз и стабилна економија. Ова е времето на работа, резултати и развој“, порача премиерот во својата објава.
Економија
Стојаноски: Економијата се буди, граѓаните наскоро ќе почувствуваат подобар живот

Во рамки на новото издание на емисијата „Ставот на регионот“ гостуваше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој говореше за состојбата на македонската економија и најави подобрувања што, според него, ќе донесат повисок стандард за граѓаните.
„Три квартали по ред имаме раст на БДП од над 3%. Индустриското производство од месец јули, споредено со јуни претходната година, е зголемено за 4,1%, а преработувачката индустрија бележи раст од 7%. Дополнително, забележуваме и поголем број туристи кои доаѓаат во државата“, изјави Стојаноски.
Тој нагласи дека Македонија гради темели на нова економска филозофија, чија цел е повисок стандард, подобри плати и пензии и поквалитетен живот за сите граѓани.
„Овие показатели укажуваат дека македонската економија полека заздравува. А кога ќе влеземе во полн ек на реализација на капиталните инвестиции и ќе го развиеме градежништвото, како клучна гранка, ќе имаме уште повеќе можности да помагаме и со дополнителни мерки“, додаде Стојаноски.
Економија
Николоски: Голем раст на градежништвото и транспортот

Бруто домашниот производ порасна за 3.4% во април, мај и јуни. Особено ми е драго што секторите градежништвото, транспорт и складирање силно растат! Тие се двигатели на македонската економија! Во вториот квартал секторот градежништво порасна за 7.3%, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Голем раст на градежништвото, транспортот и складирањето.
Премиерот Христијан Мицкоски објави одлични вести за македонската економија – во месеците април, мај и јуни бруто домашниот производ порасна за 3.4% . Особено ми е драго што секторите градежништвото, транспорт и складирање силно растат! Тие се двигатели на македонската економија!
Во вториот квартал секторот градежништво порасна за 7.3%, уште посилен раст од тој во првиот квартал од 7.1%, додека секторот транспорт и складирање порасна за 6.0% .
Со засилената активност во делот на изградба на патишта, инвестиции во железници и проекти од локално значење растот во третиот квартал ќе биде уште посилен благодарение на вредните работници кои работат во секакви временски услови и јасните политики и стратегија на Владата и Министерството за транспорт.
Ја градиме Македонија“, напиша вицепремиерот Николоски.