Економија
МТСП го олеснува пристапот до права од социјална заштита
Министерството за труд и социјална политика (МТСП) уверува дека постојано го приспособува системот на социјална заштита за да им помогне на најранливите граѓани во околностите предизвикани од глобалната пандемија.
„Последните измени во уредбата за примена на Законот за социјалната заштита во време на вонредна состојба се резултат на анализите на Министерството за тоа кои критериуми се најчеста пречка за остварување на правото на гарантирана минимална помош и со нив дополнително го олеснуваме влезот во системот на социјална заштита“, се наведува во соопштението.
Од Министерството истакнуваат дека со првата измена се продолжува времетраењето на олеснетиот услов за утврдување материјална необезбеденост.
„Наместо само за април и мај, утврдувањето материјална необезбеденост на домаќинство само врз основа на приходите во последниот месец се продолжува до декември. Со оваа измена овозможуваме брза реакција на системот на социјална заштита и давање финансиска поддршка на домаќинствата што останале без приходи во претходниот месец од разни причини: престанок на работен однос, губење други видови приходи и слично“, посочуваат од МТСП.
Дополнително, се врши проширување на опфатот на ранливите групи граѓани кои може да добијат финансиска поддршка.
„Право на гарантирана минимална помош може да оствари и она домаќинство каде што има лице што е избришано од евиденцијата на невработени поради нередовно пријавување или на кое работниот однос му престанал спогодбено, по барање или со отказ“, стои во соопштението.
Третата измена се однесува на тоа што дополнително се релаксираат одделни критериуми за остварување на правото на гарантирана минимална помош.
„Поседување возило постаро од 5 години и земјиште со површина до 500 квадратни, освен земјиштето на кое се наоѓа објектот каде што корисникот живее, нема да се сметаат како имот што корисникот може да го отуѓи или изнајми и на тој начин да се издржува“, нагласуваат од Министерството.
За да се забрза постапката на решавање на барањата за добивање гарантирана минимална помош, центрите за социјална работа ќе одлучуваат само врз основа на доставената документација од подносителот и обезбедената документација по службена должност, а увидот во домаќинството ќе се изврши во рок од два месеца по престанокот на траењето на вонредната состојба.
Со последните измени користењето на правата на надоместок заради попреченост и на надоместок за помош и нега од друго лице, познато како туѓа нега, се продолжуваат додека трае вонредната состојба.
„За да ги заштитиме корисниците на овие права, оние на кои конзилијарното мислење им истекува додека трае вонредната состојба, ќе продолжат да го користат надоместокот без посета на Комисијата и издавање конзилијарно мислење. Додека трае вонредната состојба, не треба да носат ново мислење, туку во рок од два месеца, по завршување на вонредната состојба, треба да го направат контролниот преглед“, велат од МТСП.
Исто така, мерката за поддршка на постојните корисници на системот за социјална заштита, со која околу 30.000 домаќинства добиваат по 1.000 денари енергетски додаток, сега, освен за април и мај, се продлжува до септември, односно и надвор од грејната сезона, со цел да им се обезбеди дополнителна поддршка на најранливите семејства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Партнерство за енергетската иднина“: Потпишан Меморандум меѓу Министерството за енергетика и УНДП“
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува јасна и долгорочна рамка за заедничко делување во областа на енергетиката, енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и одржливиот развој.
Меморандумот го потпишаа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Северна Македонија, Армен Григорјан. Со Меморандумот се зајакнува институционалната соработка меѓу двете страни и се отвора простор за координирани активности насочени кон праведна и инклузивна енергетска транзиција, зајакнување на енергетската независност и отпорност на државата, како и исполнување на националните и меѓународните климатски цели.
„Овој Меморандум претставува силна потврда на нашата заложба за модерна, одржлива и праведна енергетска транзиција. Преку партнерството со УНДП добиваме дополнителна експертиза и поддршка за креирање и спроведување политики кои носат конкретни придобивки за граѓаните, економијата и животната средина“, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Соработката ќе се реализира во согласност со националните приоритети и Програмскиот документ на УНДП за Република Северна Македонија за периодот 2026–2030, со посебен фокус на добро управување, транспарентност и активно вклучување на јавноста во процесите на донесување одлуки поврзани со енергетиката.
„УНДП останува посветен партнер на институциите во Северна Македонија во унапредувањето на одржливиот развој. Овој Меморандум создава силна основа за заедничка работа во енергетскиот сектор, со фокус на чиста енергија, намалување на емисиите и инклузивен јавен дијалог“, истакна постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.
Меморандумот предвидува заеднички активности во развојот на енергетскиот сектор, рударството и управувањето со минералните ресурси, намалување на емисиите на стакленички гасови преку зголемена примена на обновливи извори и мерки за енергетска ефикасност, како и поддршка во изработката и спроведувањето на национални стратегии, законодавство и акциски планови во областа на енергетиката.
Особено значаен сегмент од соработката е насочен кон јакнење на институционалните, техничките и човечките капацитети, преку градење експертиза и подобрување на процесите за креирање и спроведување јавни политики, како и кон унапредување на транспарентноста и инклузивниот јавен дијалог, со посебно внимание на младите, жените и ранливите групи граѓани. Во рамки на партнерството е предвидена и заедничка организација на национални и меѓународни настани, форуми и иницијативи посветени на одржливиот развој и енергетската транзиција.
Меморандумот е склучен на период од четири години, со можност за продолжување, и претставува значаен чекор кон продлабочување на соработката меѓу Министерството за енергетика и УНДП во насока на одржлива и сигурна енергетска иднина за Северна Македонија.
Економија
Новата Ford Puma Gen-E финалист на европскиот натпревар AUTOBEST 2026!
Ford Puma Gen-E е избрана за финалист на престижниот избор AUTOBEST 2026 – признание што ја потврдува визијата на Ford за иновативна, ефикасна и достапна мобилност.
Како нова електрифицирана генерација на омилениот кросовер, Puma Gen-E комбинира динамичен дизајн, напредни технологии и практичност создадена за секојдневието. Со фокус на одржливост и паметни решенија, моделот нуди возбудливо искуство во градот и надвор од него, без компромис во удобноста и перформансите.
Ова признание од AUTOBEST е уште една потврда дека Ford Puma Gen-E поставува нови стандарди во својата класа.
👉 Вашиот глас е важен!
Поддржете ја Ford Puma Gen-E и гласајте во изборот AUTOBEST 2026 на https://autobest.org/.
AUTOBEST е еден од најрелевантните и највлијателни европски автомобилски избори, основан со цел да ги претставува интересите на реалните возачи низ целиот континент. Жирито на AUTOBEST го сочинуваат реномирани автомобилски новинари од повеќе од 30 европски земји, кои заедно претставуваат над 90% од европскиот автомобилски пазар.
Финалистите и победниците на AUTOBEST се сметаат за репер во европската автомобилска индустрија, а самото учество во финалната селекција претставува значајно признание за квалитетот и визијата на еден модел.
(ПР)
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“

